1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се прави дома

Свето Тоевски22 јуни 2014

Регионалната и билатерална соработка меѓу Македонија и соседите се развива лошо. Дел од причините за тоа се недемократските тенденции во балканските држави. „3-от Балкански социолошки форум“ се одржа во Скопје и Тетово.

Flagge der EU
Фотографија: imago/JuNiArt

„Наспроти исфорсираните и прекумерни митови и наивни клишеа за Балканот, тој веќе не претставува 'буре барут'“ во срцето во Европа. Македонија и другите балкански земји не гледаат повеќе други алтернативи за својата перспектива, освен евроинтегрирањето. Но, ќе биде потребна дебалканизација на менталитетот и начините на живеење во тие држави, како и креирање простор за соживот и коегзистенција, за да можат овие земји да се вклопат во стандардите на ЕУ“ – ова се дел од поважните пораки, кои одекнаа од „Третиот балкански социолошки форум“, меѓународна научна конференција, која се одржуваше денеска (22.6.2014) и во изминатите два дена во Штуловиот универзитет во Тетово и Државниот универзитет во Скопје. Шеесеттина социолози и други научни работници од САД, Канада, Шведска, Грција, Полска, Турција, Косово, Албанија и Македонија учествуваа на оваа конференција, чија главна тема беше „Балканот во новиот милениум – од балканизација до ЕУ-топија“.

Фатос Тарифа, член на Албанската академија на науки и уметности во своето излагање истакна: „Наместо да ги оживуваат своите ’историски мемории’, или да употребуваат сила во решавањето на сметките од минатото, балканските народи избраа да ги одвојат своите умови од она што нив ги поврзува на негативен и штетен начин со нивното минато. Тие конечно разбраа дека минатото може и мора да биде надминато во име на надежта за подобра и попросперитетна иднина. За повеќето граѓани во балканските земји соработката меѓу себе и на нивната целосна интеграција во НАТО и во ЕУ е неопходна за да се осигури иднината на нивната земја. Товарот на минатото не е потежок од ветувањата на иднината“.

На маргините на оваа конференција Дојче веле побара одговори од научните работници во врска со неколку актуелни прашања. Какво е значењето на билатералната и регионалната соработка меѓу земјите на Балканот во рамки на нивните евроинтеграциски стремења? Ида Ожеховска од Институтот за политички науки на Универзитетот во Вроцлав, Полска вели: „Регионалната соработка меѓу земјите на Западниот Балкан е една од клучните поенти на патот на целиот балкански регион кон мирот, демократизацијата, кон помирувањето. Регионалната и билатералната соработка меѓу Македонија и нејзините соседи се развива лошо, а може да се одвива подобро. Дел од причините за тоа се и недемократските тенденции во балканските држави: не само во Македонија, туку и во Србија, Косово и другите нејзини соседи. Многу опасно е да се мисли дека интегрирањето во ЕУ е клучното решение за сите проблеми на Балканот. Проблемите треба да бидат разрешени во овој регион, од неговите народи и водачи, а не од Брисел и за Брисел“.

Ида ОжеховскаФотографија: DW/S.Toveski

Илија Ацевски, професор од Инстутот за социологија на Државниот универзитет во Скопје, се надоврзува: „Европската унија долго време е позитивен пример за позитивна интеграција во тој контекст, разбрана во смисла дека станува збор за почитување на стандарди во однос на човековите права и правата на ’другиот’, без оглед на неговата национална припадност и каква била друга определба. Европа се прави тука, дома. Кога вие ќе ја направите дома, тие ќе ве поканат, оти нема да постојат оние проблеми, кои би го загрозувале интегрирањето во ЕУ. Но, во последнава година во Македонија како да се искажува едно отворено сомневање кон Европската унија, дека, божем, 'изминува нејзиниот век', што е сосема погрешна ориентација. Секое барање некакви други алтернативи надвор од Европската унија само е губење време. Македонија е дел од Европа. Секое поинакво гледање води кон дефетизам, кон нешто што владејачките елити во Македонија знаат често да го употребат за себе, во негативна смисла“.

Компромиси во секој од нас

На прашањето како гледа на билатералната и регионалната соработка меѓу Македонија и нејзините соседи Панагиотис Паскалис од Универзитетот „Македонија“ во Солун, Грција, вака одговара: „Наспроти некои историски разлики, постои добра соработка меѓу овие земји и јас сум голем оптимист во поглед на иднината. И покрај тие тие разлики, ние изнајдовме начин да соработуваме, а ние ќе имаме дури и уште поголема соработка. Тоа ќе биде од полза за сите општества“.

Кои се, според Паскалис, модалитетите за подобрување на заемните односи поодделно меѓу Македонија и Грција, што претставува и предуслов за евроинтеграцијата на Македонија? Тој истакнува: „Се надевам дека двете земји ќе изнајдат компромис, што ќе биде од полза за двете нив и ќе можеме да се движиме кон европската интеграција. Ова е мојата точка на гледање: компромис од секој од нас. Тоа е нешто во кое јас верувам“.

Форумот се одржуваше во Скопје и ТетовоФотографија: DW/S.Toveski

Досегашната претседателка на „Балканскиот социолошки форум“ Светла Колева од Институтот за студии на општествата при Бугарската академија на науки и уметности вели: „Со создавањето на Балканскиот социолошки форум во 2011 година идејата беше да се надминат постојните стереотипи во врска со Балканот, кои постојат и на Исток и на Запад. Ние ја докажуваме можноста за ослободување од стереотипите и меѓусебните предрасуди. Во поглед на билатералната соработка меѓу поодделните држави, на пример, меѓу Македонија и Бугарија, на секојдневно рамниште луѓето немаат проблем околу разбирањето и доживувањето на историјата. Проблем е заострувањето на односите поради политички причини. Нашата улога како научници е да им покажеме на политичарите дека стереотипите влијаат негативно врз развојот на секоја држава поодделно и на регионот како целина. Да докажуваме дека тие стереотипи не треба да постојат“.

На Балканот има примери за желба за заеднички живот

Го прашавме Жак Бушер, професор од Универзитетот во Квебек, во Канада: дали науката гледа можност Балканот да не биде третиран само низ негативните гледања, туку во некои аспекти и како позитивен пример за европската интеграција? Тој напоменува: „Да, во овој регион навистина постојат примери на желба за да се живее заеднички и во различни општества. Такви примери можат да се најдат на Балканот во различни општества, во кои луѓето сакаат да живеат заеднички, преку изнаоѓање компромиси и заеднички шанси за сите. Тоа и се случува во праксата на секојдневниот живот во овој регион. За се спроведе 'дебалканизација на Балканот', потребно е развивање на граѓанското општество во секоја од земјите на полуостровот, поради нивните различни истории“.

Новиот претседател на „Балканскиот социолошки форум“ Али Пајазити, професор во Штуловиот универзитет во Тетово, смета дека се одвива и еден процес спротивен на дебалканизацијата: „Во неколку земји на Балканот имаме тенденција кон ребалканизација, на градење ѕидови, наместо на мостови за поврзување меѓу етникумите. Ние треба да се стремиме, всушност, кон дебалканизација, што претставува разбирање на 'другиот' и на 'другоста', креирање мултикултурен простор за соживот и коегзистенција. Дека дебалканизацијата е разбирање на вистината дека Балканот е еден вид мозаик, кој е така поврзан меѓусебно што не може да се дезинтегрира. Стремежот кон европеизирањето е можен, ако се спасиме од стереотипите и клишеата што ги имаме во своите глави“.

Професорот Ацески се надоврзува: „Ќе биде потребна позасилена соработка во оние области, кои создаваат претпоставки за заеднички живот. На овој план во Македонија се’ уште не се искористени сите можности меѓу македонскиот и албанскиот етникум. Потребно е создавање платформа на заедничко живеење. Но, без пренагласување на етничките идентитети на сметка на граѓанскиот идентитет. Потребно е творечко отворање кон граѓанското општество, каде луѓето ќе соработуваат растоварени од нивните стереотипи за 'другиот'“.

Фотографија: picture alliance/Wolfram Steinberg

На оваа научна конференција директорот на Институтот за правни и политичко-правни истражувања од Скопје Јорде Јакимовски предупреди: „Во балканските општества на површина испливуваат бројни нерамнотежи, кои имаат свои структурни и регионални димензии. Запрено е приближувањето на овие земји кон развиените држави во ЕУ. Патот по кој ќе се движи Европа, а внатре во неа и балканските земји, во овој момент е крајно неизвесен. Тоа ќе зависи од подготвеноста и способноста на граѓаните за коренито ново осмислување на централните постулати на демократијата и праксата, од демократската контрола на економијата“.

„Третиот балкански форум“ заврши денеска во Скопје со пораката дека евроинтеграцијата за балканските држави не треба да се третира како ЕУ-топија, туку како процес, чиј успех ќе зависи од способноста на самите тие држави да станат членки на ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми