1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа се раслојува

Б. Георгиевски/бц/нцц27 октомври 2015

Бегалската криза, засилувањето на евроскептиците во Полска и референдумот во Британија можат да ја одредат судбината на ЕУ. Германскиот печат ја анализира и состојбата во Косово, како и во Србија

Фотографија: DW/V. Medyany

Полјаците избраа и со тоа јасно се дистанцираа од основните идеи на континентот, пишува весникот Берлинер Цајтунг во денешното издание.
„...Исходот е изненадувачки јасен. Полска го одбра правецот на Унгарија. Ангела Меркел ќе биде уште поосамена во ЕУ. Со промената на правецот во Полска таа ја загуби поддршката на уште една про-европска сила. Што ќе значи тоа се виде и на мини-самитот во Брисел викендов. Унгарскиот премиер Виктор Орбан таму смело соопшти дека е дојден само како набљудувач, затоа што ткн. балканска рута повеќе не минува низ неговата земја“.

„...Делува дека Европа преку камповите и квотите пронајде некаков пат низ бегалската криза, но се уште не пронајде решение. Притоа, Европа во моментов нема заеднички став, во најмала рака, нема про-европски став. Изборите во Полска покажаа: мотото во моментов не е соработка и солидарност, туку изолација и оградување. Европа се раслојува. Мултитаскингот во кризниот менаџмент не и е својствен. ЕУ се уште може да се занимава само со по една криза. А следната веќе се наѕира под името Брексит. Британскиот премиер Дејвид Камерон се уште е воздржан, најдоцна до декември ќе соопшти како ја гледа иднината на Велика Британија во ЕУ. ЕУ сака да ја задржи Велика Британија, но ќе мора да прави отстапки. Тоа будно ќе го следат евроскептиците како Виктор Орбан и Јарослав Качињски, исто како и оние кои ја презираат ЕУ, како Марин Ле Пен во Франција и Герт Вилдерс во Холандија“, пишува Берлинер Цајтунг.

„... Проектот Европа, идејата за соработка и консултација, е длабоко разнишан. Унијата се тетерави во зона на транзиција. Европа во моментов не е интеграциски, туку пред сѐ кохезиски проект. Тоа е премалку за да се надминат трите кризи- еврото, бегалците и Брексит кои ја раскинуваат Европа“, заклучува весникот.

Берлинер Цајтунг во истиот број го анализира и „новиот кандидат за членство во ЕУ“- Косово, а повод е денешното потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација со ЕУ. „Косово- земја која за својата независност треба и заблагодари на воената интервенција на НАТО од пред 16 години. Има државни граници, влада и престолнина со улица Џорџ Буш. Она што нема е стопанство во најбуквалната смисла на тој збор“.

„Земјата е на инфузија од дознаките од странство. Четвртина од сите граѓани на Косово живеат во странство, а нивните дознаки сочинуваат повеќе од 10 проценти од Брутоопштествениот производ. На тоа треба да се додаде и меѓународната помош која дополнува уште 5 проценти од БДП (...) Условите за живот, според оценката на Организацијата за меѓународна соработка, се фрапантно лоши. Повеќе од една третина од 1,8 милионското население на располагање има помалку од 1,4 евра на ден. Речиси една петина од граѓаните живеат во апсолутна беда, меѓу нив најмногу има припадници на малцинствата како што се Ромите или Ашкалите“.

„На примерот на Косово, пишува организацијата Про Азил, се поставува прашањето дали државите кои произлегоа од сецесионистичките војни на 1990-те години, можат да им понудат на своите граѓани нешто што може да се сфати како државност“, пишува Берлинер Цајтунг во текстот под наслов „Земја без економија.

Фотографија: DW/L. Scholtyssyk

Во гостински коментар чиј автор е Дејан Ѓокиќ, историчар и директор на Центарот за балкански студии на Универзитетот во Лондон, швајцарскиот Ноје Цирхер Цајтунг дава слика на односот кон бегалците во Србија.

„Кога неодамна бев во Белград, бев сведок на спонтана, вистинска солидарност со бегалците. Причините за таа солидарност се подлабоки. Во ниту една земја не живеат повеќе бегалци од југословенските војни од 90-те години отколку во Србија. Предците на многу Срби во Втората светска војна и самите доживеаја бегалство и прогон. Од времињата на Тито и Движењето на неврзаните, Белград негува традиционално добри односи со блискоисточните Арапи и муслиманите воопшто, а од бомбардирањето во 1999 година, луѓето во Србија се чувствуваат солидарно со земјите кои исто така биле цел на американските воени акции“.

Авторот наведува дека секако треба да се земе предвид и фактот дека Србите едвај дочекаа можност да бидат „добри момци“, особено во ситуација кога Хрватите изгледаат како „лоши момци“. Српската подготвеност да им се помогне на бегалците за него е пред сѐ „мешавина на елементарната човечка солидарност со специфичните српски историски и општествени фактори“. Но, „тврдењето на Белград дека, за разлика од некои други земји-членки на ЕУ, станал упориште на европските вредности, не е сосема точно. Историјата на Европа- и на Србија- е полна со ксенофобија и етничко насилство, полна со ѕидови и огради- како вистински така и имагинарни“.

Тоа што сега некои се чудат што Србите станале „добрите“ за Ѓокиќ е само доказ за жилавоста на „лошиот стереотип“, според него „бегалската криза на Србија и на остатокот на Европа им отвора можност конечно да ја остават зад себе темната страна на својата историја“, се наведува во текстот на Ноје Цирхер Цајтунг.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми