1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европа со „про Балкан“ став

23 ноември 2009

Со ратификацијата на Лисабонскиот договор, фокусот на Европската унија може повторно да се врати на Западниот Балкан. Аналитичарите позитивно го оценуваат изборот на претседател и министер за надворешни работи на ЕУ.

Фотографија: European Communities

Европската унија доби претседател и министер за надворешни работи минатиот четврток (19.11.09). Овој значаен институционален напредок е знак дека лисабонската реформа е на добар пат и со самото тоа е сигнал дека процесот на проширување кон земјите од Западниот Балкан е жив, анализираат познавачите на европската политика за Дојче веле.

Конкретно ниту претседателот ниту т.н. министер за надоврешни немаат ингеренции во преговарачкиот процес на кандидатите за членство. Но, она што претседателот на ЕУ ќе може да го стори е да ги олеснува билатералните спорови, да притиска и помага преку дијалог кај земјите членки, објаснува долгогодишниот француски дописник на „Уест Франс“ од Брисел, Никола Гро. „Улогата на Ван Ромпој ќе биде да ги олеснува договорите помеѓу шефовите на држави и влади кои во даден момент треба да искажат став за прием на нови членки, но и за отворањето и затворањето на преговарачките поглавија. Неговата улога ќе биде таа на механичар на некој начин, иако шефот во гаражата останува Европската комисија. Но како механичар тој ќе може да ги поправа проблемите што би можеле да се појават помеѓу една, две, три земји членки, кои можат да стават вето на секое поглавие,“ смета Никола Гро, дописник за „Уест Франс“ од Брисел.

Херман ван Ромпој и Кетрин ЕштонФотографија: AP Graphics/DW

Притоа, и покрај острите критики упатени на негова адреса, Херман ван Ромпој, уверени се експертите, допрва ќе покаже вистинска моќ. Со тек на време, неговата фунцкија ќе добива на значење. Претстојното белгиско претседателство со ЕУ, исто така ќе ја зајакне неговата позиција, анализира Пиотр Качински од Центарот за европски политички студии: „Ова е првпат да имаме перманентен претседател на Советот на ЕУ. Тој тоа нема да го работи шест месеци, туку за многу подолг период. Нема да видиме резултат денес, во ноември или декември 2009, но ноември или декември 2010 најверојатно ќе ги видиме првите плодови на неговиот труд. Тогаш ќе биде на таа позиција веќе цела година, а притоа тогаш ќе започне и белгиското претседателство со ЕУ. Тој ќе има огормно влијание врз тоа претседателство, бидејќи тој го подготвуваше досега. Без разлика кој ќе биде новиот белгиски премиер, никој нема да има знаење колку Ван Ромпој што има за европските прашања. Така системот ќе почне да функционира, полека. Не преку ноќ. Не на први јануари 2010. Неговата позиција допрва ќе добива моќ, бидејќи тој е добро познат преговарач, можеби не кај широката јавност, но кај политичарите,“ вели Пиотр Качински, ЦЕПС.

ЕУ

Западен Балкан во фокусот на ЕУ

Сега кога Лисабонскиот договор помина, Западниот Балкан може да се врати во фокусот на европското внимание. Инситуционални пречки повеќе нема, а билатералните спорови полека исчезнуваат. Словенија и Хрватска постигнаа договор, Холандија го отстрани своето вето за Србија. Сиве овие фактори се доказ за новиот про-балкански импулс. „Запдниот Балкан беше запоставен поради Лисабонскиот договор, но сега гледаме забрзување. Оваа година се случи визната либерализација, нови земји добиваат кандидатски статус, започнуваат преговори, само Босна и Херцеговина останува назад, дури и Холандија го отстрани своето вето за Србија. Има јасен прогрес годинава, и ќе има уште повеќе другата година,“ смета Пиотр Качински.

Со тек на време ќе станува и се’ појасно дека проширувањето кон Турција и проширувањето кон Западниот Балкан се различни процеси, иако формално, во рамките на Европската комисија тие се одвиваат заеднички. Ставовите на новоизбраниот европски претседател против влезот на Турција во ЕУ, иако беа дочекани на нож во некои медиуми, се всушност ставовите и на повеќето земји членки. „Земјите од Западниот Балкан воопшто не треба да бидат загрижени поради процесот на проширување кон Турција, бидејќи во повеќето земји членки и кај повеќето европски граѓани е многу јасно дека тоа се два одвоени процеси. Преговорите со Турција се прашање само по себе, а потоа постои проширувањето кон Западниот Балкан. Никогаш не сум слушнал ниедна изјава која го става во прашање процесот на проширување кон Балканот,“ смета Никола Гро.

Европската унија полека но сигурно ги спроведува мерките предвидени со Лисабонскиот договор, чија цел беше да се извлече Унијата од долгогодишниот застој во кој се наоѓаше и кој беше единствената реална политичка пречка за исчекор во односите со земјите од Западниот Балкан.

ЕУФотографија: AP

Членството на Хрватска се очекува да се случи многу бргу. Македонија, доколку го реши спорот за името, веќе во април ќе може да ги започне преговорите со ЕУ. Со отстранувањето на холандското вето пак, Брисел е уверен дека Србија ќе напредува без поголеми пречки. На потег се владите во регионот да покажат дека навистина ги споделуваат европските вредности и да ја искористат раката што сега им ја пружа Европа.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми