Европејците мора да се навикнат на терористичката закана
5 март 2016ДВ: Во Вашата книга „Нови џихадисти“ исклучиво предупредувате од ширење паника и антиисламско расположение во Германија. Истовремено во интервјуа повеќепати кажавте оти „и во Германија ќе биде извршен напад“. Тоа звучи прилично контрадикторно...
Петер Нојман: „Мојот аргумент секогаш бил дека во минатото, без разлика дали во Германија или во другите земји, постојано сме наклонети кон екстремни реакции. Ако биде извршен напад, одеднаш доаѓа до паника и сомнеж дека зад секоја џамија се крие по еден терорист. Ако ништо не се случи по два месеца, тоа значи, дека веќе не треба да се грижиме. Денес кон овие закани мораме да се однесуваме реално, тие постојат и сигурно ќе има уште напади. Веројатно во текот на годинава ќе бидат извршени атентати како во Париз. Мораме да бидеме реални и да пронајдеме начин како по новите напади да не дојде до создавање паника.
Дали тоа значи дека во иднина мора да се навикнеме на закани?
Да.
Вие верувате дека денес имаме зголемена опасност од десничарите кои не само што промовираат поларизација, туку претставуваат и сериозна закана за муслиманите во Европа. Зарем не е целта на џихадистите со нападите да придонесат за поделба на општеството?
Тоа е една од последиците. Не можам со сигурност да кажам дали е тоа посебна намера на т.н. „Исламска држава“ или е тоа стратегија. Многу е можно, но за некоја теза ја секогаш давам и доказ. Меѓутоа, сѐ уште не сум слушнал изјава или видел документ на „Исламска држава“ во кој е прецизно дефинирана таа цел. Но, за ИД, како и некогаш за Ал Каеда, цел е муслиманите да се доведат во ситуација да се прашаат: дали сум за ислам каков што го претставува ИД или сум за непријателите на исламот?
Во Вашата книга тврдите оти успехот на ИД е заснован врз експанзија. Тоа го означувате како „пљачкосувачка економија“. Неодамна медиумите објавија дека ИД ги преполовила месечните примања на своите борци. Дали сме сведоци на бавен економски банкрот на проектот наречен „калифат“?
Тоа се темели на документите од кои еден е и на мојот колега Ајмен ал-Тамими. Тие укажуваат на тоа дека во клучните подрачја под контрола на ИД во Сирија и во Ирак завладеала економска криза. Платите на борците на ИД се намалени што е значителен показател на криза бидејќи борците спаѓаат во општествената елита на „Исламска држава“. Друга работа е оти веќе не постои соодветна медицинска нега, нема доктори. Освен тоа, трошоците за учебници во училиштата на подрачјата кои ги контролира ИД, родителите мора да ги плаќаат сами. Тоа порано не беше случај. Мојот аргумент за пљачкосувачка економија значи дека „Исламска држава“ мора воено постојано да се шири за да би можела да се одржи во живот, економски живот, во клучните подрачја на ИД. Тука гледам една паралела со нацистичка Германија. Ни тогаш економијата без воена експанзија не била одржлива и постојано била зависна од освојување нови подрачја кои морале да бидат ограбувани. Слично е и кога станува збор за „Исламска држава“.
Во Вашата книга укажувате на тоа дека поголемиот број пешадијци ѝ служат на ИД од „прагматични причини“. Многумина ја следат „верската агенда“, други групи ги нарекувате „опортунисти“. Повеќето локални борци немаат идеолошки цели туку се тука поради редовна плата и бесплатно сместување. Дали сликата за „божјите воини“ на ИД е плод на карикирање или е погрешно претставена?
Не смееме да поаѓаме од тоа дека сите, кои се вклучени во војната во Сирија и во Ирак, се 100 проценто уверени идеолошки борци. Многумина тоа го прават бидејќи се ветени и одредени привилегии и економски успех. Уште една од причините за успех на „Исламска држава“ во Сирија и во Ирак е верскиот конфликт кој преовладува во тие земји. ИД многу мудро се вклучи во тој конфликт. ИД е најмоќна група која се борeше против ирачката влада на премиерот Нури ал-Малики и туторството на малцинствата во Сирија. Тоа е истотака една од причините за популарност на ИД.
Поголемиот број бегалци во светот се од Сирија и од Ирак. ИД речиси ги тера муслиманите во насока на „неверниците“. Дали тоа идеолошки и’ штети на ИД?
Муслиманите не бегаат само од териториите кои се под контрола на ИД. Меѓутоа, ИД во видео пораките па дури и во фатвите јасно порачува дека е „голем грев“ ако се напушти „Исламска држава“ бидејќи ниту едно друго место наводно не нуди толку перфектно општество. „Исламска држава“ не сака да го загуби населението во своите подрачја- од идеолошки и економски причини. Во последниве две години сме сведоци дека многу умерени и образовани луѓе ги напуштија подрачјата под контрола на „Исламска држава“. Поради тоа таму веќе нема доктори и инженери. Веќе не работат ни нафтените постројки бидејќи нема луѓе кои можат да ги опслужуваат. Тоа „Исламска држава“ ја доведува во огромни проблеми.
Политикологот и новинар Петер Нојман од 2008. година е директор на „Меѓународниот центар за проучување на радикализацијата“ на Кингс колеџот во Лондон.