1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Резултат „нула“ во Стразбур!

Катерина Блажевска20 мај 2015

Без напредок и конкретни резултати завршија разговорите Груевски -Заев, водени со посредништво на европратениците Вајгл, Кукан, Ховит и со еврокомесарот за соседска политика, Јоханес Хан.

Не е договорен почеток на политички дијалог во разговорите кои во Стразбур се водеа меѓу делегацијата на ВМРО ДПМНЕ, предводена од лидерот на партијата и премиер Никола Груевски и делегацијата на СДСМ, предводена од лидерот Зоран Заев, тврдат дипломатски извори за Дојче веле. Разговорите кои се водеа со посредништво на европратениците Иво Вајгл, Едуард Кукан, Ричард Ховит и со еврокомесарот за соседска политика, Јоханес Хан, завршија без напредок и конкретни резултати.

Иако траеја од 17 часот вчера до 3 и 30 часот утрово, десетчасовните разговори не ги доближиле позициите на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ до компромисна точка која би била основа за почеток на дијалог, односно за преговори за излез од кризата. Фактички, на средбата двете делегации само ги презентирале, ги бранеле и ги образложувале нивните ставови, позиции и барања. Средбата се одвиваше зад затворени врати, далеку од објективите на камерите.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Дискреција за разговорите

Надежите дека можеби има некакво поместување од „мртва точка“ ги подгреа известувачот за Македонија при ЕП, Иво Вајгл, кој изјави: „Средбата не беше залудна и вредеше што се одржа“. Сепак, тоа во дипломатски кругови се толкува само како признание за волјата на двете страни да седнат на иста маса и да разговараат за проблемите во земјата. Содржината на разговорите не ја откри ни европратеничката тројка Кукан-Вајгл-Ховит, кои во заедничкото соопштение ја поздравија „искрената дискусија околу клучните теми на несогласување“ меѓу Груевски и Заев. Сите се согласиле дека состаноците треба да продолжат, а за содржината на разговорите договориле највисок степен на дискреција. Токму поради недостигот од информации за супштината на разговорите, во политичките кулоари во Македонија се вртат бројни шпекулации, но дипломати упатени во разговорите, велат дека тоа се квази-информации, многу далеку од вистината.

Премиерот Груевски во Стразбур стигна со голема кадровска логистика. Во неговиот тим беа министрите Зоран Ставрески, Никола Попоски и Никола Тодоров, пратеникот Влатко Ѓорчев, шефот на кабинетот Мартин Протоѓер и поранешниот директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Сепак, според протоколот, на дел од средбите учествувал сам, а на дел - во присуство на најмногу двајца соработници. На тие средби Груевски бил придружуван од министерот за надворешни работи Никола Попоски и од шефот на кабинетот Мартин Протоѓер, а Заев од Рената Дескоска-Тренеска и Роберт Поповски.

Негативна препорака од ЕК

И додека на средбата во Стразбур не е нотиран никаков напредок, стигнуваат предупредувања дека нерешавањето на кризата носи низа безбедносни и политички ризици за Македонија. Запрашан - што ако наскоро нема напредок, Ричард Ховит за ТВ „Алсат-М“ изјави: „Видете, загрижен сум за иднината на земјата, загрижен сум за грижите за враќање кон нестабилност, за притисоци што можат да водат кон тажни и трагични инциденти кои ги видовме во Куманово. Не велам дека има врски меѓу политичката криза и она што таму се случи, но многумина со кои зборував веруваат дека таква врска, праведно или неправедно, постои. Така што, загрижен сум за тоа, загрижен сум дека оваа година ќе има негативна препорака од Европската комисија и едноставно, не само што ќе немаме одлука за почеток на пристапни преговори, туку нема да имаме ни пат што води кон тоа. Тоа би било лошо за земјата, лошо за нејзиниот меѓународен углед, лошо за инвестициите, бизнисот, работните места, просперитетот“.

На синоќешната преговарачка рунда било договорено ЕУ да испрати свој претставник или претставници кои би го олесниле дијалогот и би биле гарант за имплементирање на евентуалниот договор, по примерот со белгискиот експерт Питер ван Хоуте, кој помагаше за воспоставување дијалог.

Засега не е договорена нова средба Груевски-Заев во Стразбур или во Брисел. Нивната следна средба е во Скопје на 26-ти мај. Тоа ќе биде трето продолжение од средбите на лидерската четворка Груевски-Заев-Тачи-Ахмети. На последната, исто како и во Стразбур, не беше направен никаков напредок, односно не беше договорена рамката за политички дијалог за излез од кризата. Лидерот на СДСМ тогаш соопшти дека „се уште се разговара за принципите при влез во евентуални преговори, за рамноправноста на сите во тие преговори, за гаранција за чесен пристап и фер однос на сите и за гаранција за спроведување на она што евентуално би се договорило“. И тогаш повтори дека е неопходно да се формира преодна влада за да се воспостави нормален систем во земјата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми