Европската Комисија гледа напредок во Македонија
9 октомври 2012Официјален претставник на Европската Комисија во Брисел денеска на брифинг со новинарите соопштил дека „се надева“ оти годинава ќе се оствари суштински напредок во европската програма за Македонија, јавува дописникот на агенцијата Бета од Брисел. Истиот извор наведува дека постои надеж за напредок во решавањето на деценискиот спор околу името меѓу Скопје и Атина, откако властите во Македонија „позитивно одговориле на минатонеделниот грчки меморандум кој содржел предлози за решавање на спорот“.
Претставникот на ЕК говорејќи за Македонија ги пофалил успесите во примената на Охридскиот рамковен договор и учеството на Албанците во власта во земјата. Тој како позитивни примери ги навел и укинувањето на законот за казнување за клевета во медиумите, како и реформите во правосудството.
Радио Слободна Европа, повикувајќи се на свои извори во Брисел, претходно јави дека Европската Комисија во извештајот за напредокот на Македонија кон евро-интеграциите кој ќе биде објавен утре ќе препорача почеток на преговорите за членство со ЕУ. Според овој извор, Комисијата смета дека преговорите треба да почнат, а проблемот со името со Грција да биде решен во раната фаза на пристапните преговори, што би било еден вид услов за натамошниот тек на преговорите.