1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската комисија и одобри на Бугарија 11 милијарди евра

6 јули 2022

До 2027 година Бугарија од Европската комисија ќе добие над 16 милијарди евра за инвестиции во разни области: од инфраструктурата до социјални и економски програми.

Bulgarien Antiregierungsproteste in Bulgarien Sept 2013
Фотографија: BGNES

Европската комисија во средата го одобри Договорот за партнерство со Бугарија во вредност од 11 милијарди евра за периодот 2021 - 2027 година. Заедно со средствата од Планот за закрепнување, во вредност од речиси 6 милијарди евра, Бугарија ќе има пристап до над 16 милијарди евра од ЕУ за 7-годишниот период. Договорот за партнерство е основата врз која започнува работата на оперативните програми, јавува порталот Медиапул.

Тој ја дефинира инвестициската стратегија на земјата во областа на кохезионата политика за 7-годишниот буџетски период. Договорот за партнерство ги опфаќа Европскиот фонд за регионален развој, Европскиот социјален фонд плус, Кохезивниот фонд, Фондот за праведна транзиција и Европскиот фонд за поморство, рибарство и аквакултура. 

Поконкретно, Брисел на Софија ќе и додели 2,4 милијарди евра за постигнување на климатските цели. Од нив, со 600 милиони евра ќе се помага во зголемување на уделот на обновливите извори на енергија во вкупната потрошувачка на енергија. Бугарија ќе добие средства и за рециклирање на 70% од целиот отпад од пакување. Инвестиции ќе бидат насочени и кон помош за населението кое живее во ризик од природни катастрофи - на пример поплави или шумски пожари. 

Бугарија ќе може да инвестира во проекти во вредност од 16 милијарди евра со пари од ЕУФотографија: picture alliance / dpa

Фондовите ќе и помогнат на Бугарија да ја подобри инфраструктурата, особено во послабо развиените региони, вклучително и за изградба на тунел под Стара планина. Стотици милиони евра ќе бидат инвестирани во подобрување на бизнис климата преку финансирање на мали и средни претпријатија. Бугарија ќе може да инвестира 2,6 милијарди евра со цел да го подобри пристапот до вработување, да ги зголеми вештините за луѓето да можат успешно да се движат низ двојната еколошка и дигитална транзиција, како и да гарантира еднаков пристап до квалитетно и инклузивно образование и обука. Над 220 милиони евра ќе бидат инвестирани и во социјално-економска интеграција на маргинализираните заедници, како Ромите. 

Проценките се дека благодарение на ова финансирање од ЕУ, ќе се намали предвременото напуштање на училиштето од 12,8% на 7% до 2030 година. Учеството на возрасните во активностите за учење се очекува да се зголеми од 24,6% на 35,4%, додека вработеноста се очекува да се зголеми од 73% на 79%. Се очекува населението во ризик од сиромаштија и социјална исклученост да се намали за 0,8 милиони луѓе (од 2,3 на 1,5 милиони луѓе).

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми