1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската криза со вакцини ги разболе Германија и Франција

2 април 2021

Ако Европа остане без јасен политички лидершип во блиска иднина, таа сеопшта криза би можела само да се влошува и дополнително да се перпетурира и испреплетува помеѓу националните држави и Брисел. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во првите три месеци од годинава Европа нема остварено ниту една од целите кои си ги зададе во јануари месец, на почетокот на масовната кампања за вакцинација. Билансот е крајно негативен во првото тромесечје, додека водечките луѓе во Брисел, како и оние во главните земји членки се мета на се поголеми полемики и критики околу раководењето со пандемијата.

Причините за фијаското се бараат во преголемата доверба која Европската Комисија ја полагаше во производните капацитети на фармацевските компании, во пиратското однесување според Брисел на АстраЗенека која достави само 30% од договорените дози, и во бавноста на вакцинацијата како последица на неефикасноста во бројни земји членки.

Единствената заслуга на Брисел е што во име на 27-те членки успеа да потпише договори и да обезбеди 2,3 милијарди вакцини од шест различни производители и тоа по доста поволни цени. На тој начин Брисел обезбеди еднаков пристап до вакцините за сите свои членки, богати или сиромашни, големи или мали, спречувајќи на тој начин своевидна војна за вакцини во рамките на ЕУ, нешто што можеше да доведе до растурање на Унијата. Сепак, Брисел го прецени производствениот капацитет на мултинационалните компании потпирајќи се премногу на нивните ветувања и предоцна го увиде проблемот кога станува збор за масовно производство на вакцини.

-претходни колумни од авторот: Бајден ја турка ЕУ во Втора студена војна

Целта на Брисел во првото тромесечје беше да се вакцинираат 80% од над 80 годишната популација, како и сите здравствени работници. И во двата случаи целта е промашена. Вакцинирани се само 27% од постарата популација и 47% од здравствените работници. Во целост само 6% од популацијата на ЕУ е вакцинирана со двојна доза, додека во Велика Британија стапката изнесува 7,8%. На национално ниво, само 4 земји членки ја оствариле зададената цел за вакцинирање на 80% од постарата популација и тоа Шведска, Финска, Малта и Ирска, додека Португалија и Данска се на чекор од остварување на целта. Сега новата цел, според Урсула вон дер Лејен, од што зависи и нејзиниот политички кредибилитет, е да се вакцинираат 70% од возрасната популација до почеток на летото. Но, бидејќи Здравството не е директна надлежност на Брисел и спроведувањето на вакцинацијата зависи од ефикасноста на земјите членки, тој таргет реално е да се постигне некаде кон крајот на септември месец.

Големиот виновник за европскиот дебакл е АстраЗенека која во првото тромесечје обезбеди едвај 27,9 милиони вакцини, наспроти очекуваните 100 милиони, како што стои во договорот со ЕУ. Според релевантни извори од Брисел, АстраЗенека истите вакцини ги препродавала по 2-3 пати на разни побарувачи низ светот. Воедно, несогласувањето помеѓу Брисел и англо-шведската компанија извира и од фактот што според договорот компанијата била должна да доставува вакцини произведени и во Велика Британија, нешто што директорот на АстраЗенека Паскал Сорио и го оневозможи на Унијата. Позади тоа пак, барем според европската верзија на фактите, стои раката на британските власти кои забранија извоз на вакцините кон ЕУ.

-претходни колумни од авторот: Зад Путин-убиецот стои доктрината Бајден

Се очекува во наредните денови да се реши трговската војна со Британија на Борис Џонсон, каде ЕУ се заканува со тотална блокада на својот извоз, во услови кога Лондон досега вакцинираше огромен дел од својата популација само со една доза и сега стравува за процесот на ревакцинација. Што се однесува до АстраЗенека, Брисел најави дека во наредните денови може да ја однесе компанијата пред суд, доколку не ги добие ветените дози.

СЗО со критики на бавното вакцинирање

Во меѓувреме Светската здравствена организација (СЗО) ја критикуваше „неприфатливата“ бавност на вакцинацијата против коронавирусот во Европа, која со месеци се соочува со мошне загрижувачка епидемиолошка состојба.

Европа во моментов е втор најпогоден светски регион од пандемијата, со речиси еден милион починати и 45 милиони заразени. Европа своите надежи ги полага во второто тромесечје кога се очекува да добие 360 милиони дози и дека до крајот на месец јули четирите најголеми земји од Унијата, Германија, Франција, Шпанија и Италија би вакцинирале 60% од возрасната популација. Воедно, се очекува дека до крајот на годината ЕУ ќе биде во состојба да произведува околу 2-3 милијарди вакцини.

Кризата и неуспехот на Брисел неминовно се рефлектира и врз состојбите во земјите членки. Во моментов најпогодени се токму двете најмоќни членки на Унијата, франко-германската локомотива на Европа, па така здравствената криза полека преминува во политичка, создавајќи опасен вакуум во лидершипот на ЕУ.

Меркел на тапет

Кога во Германија ќе се активираат еден „Шпигел“ и „Билд“ тоа значи дека трпението на јавноста е при крај. Како залезот на ерата на Меркел да се поклопи со крајот на познатата германска ефикасност. Тажно е да се гледа како нејзиното заминување по 16 години владеење е исполнето со полемики и критики, но токму тоа и се случува на канцеларката. Германскиот неделник познат по своите пророчки насловни страници излезе со наслов: „Срамота и навреда“ каде раскажува за Германија како една распарчена, скршена земја. И според „Билд" Германија во последната година на пандемијата демонстрира системска слабост, полна со скандали и несреќи.

Како капак на разочараноста и изгубеното трпение дојдоа и новите откритија на медиумите за спорното купување на заштитни маски против коронавирусот во кој е вклучен министерот за здравство Јенс Шпан, кој е веќе на удар на критиките поради управувањето со пандемијата. Министерот за здравство Јенс Шпан во пролетта 2020 година, во текот на првиот бран на пандемијата, нарачал купување стотици илјади маски преку медиумската групација Burda, за којашто работи неговиот сопруг Даниел Функе. Овие афери, како и незадоволствоот од долгорочниот карантин предизвикаа два големи изборни порази на ЦДУ во текот на регионалните избори минатиот месец. Од тогаш според анкетите паѓа популарноста на партијата на Меркел, неколку месеци пред одржувањето на парламентарните избори кои се закажани за крајот на септември. Иднината на партијата е загрозена и  растечката слабост на наследникот на Меркел, Армин Лашет, го доведува во прашање неговото кандидирање за иден германски канцелар.

-претходни колумни од авторотВакцинската дипломатија и македонскиот дебакл

Никој во Европа не би требало да се радува на една разболена Германија. Кризата на Берлин претставува криза и во германското водство на Европа и отвара огромна дупка која тешко ќе се пополни. Без Меркел во овие години немаше никогаш да се создаде амбициозниот план за закрепнување на ЕУ, ниту пак европскиот проект за поголема интеграција ќе добиеше на динамика. Сега се комплицира и најавената реформа на Пактот за Стабилност, чија суспензија наскоро истекува и без Меркел и стабилно германското водство ќе биде тешко да се дојде до некаков функционален компромис. Европа делува дека е без наследник на Меркел. И покрај амбицијата која во последните години ја покажа Макрон, не делува дека е дораснат и дека ја има довербата да го замени германскиот канцелар како лидер на Унијата.

Франција и нејзините болки

И тука доаѓаме до вториот болен човек на Европа. Во своето најново обраќање до нацијата Макрон изрази дека е длабоко „désolé" за неорганизацијата околу процесот на вакцинација и најави четиринеделен карантин на територија на целата земја. Францускиот претседател не презеде никаква друга одговорност и не призна други грешки, освен што го препозна фактот дека Франција има загрижувачки подем на заразени и починати.

Мета на гласна критика беше неговото отсуство во последниот период и долго се чекаше на негово обраќање, за веднаш потоа да се покрене парламентарна расправа и бунт кои не доаѓаат само од редовите на опозицијата. Со други зборови, не е болна само речиси цела Франција, туку болна е и француската Петта Република.

Со години француските политичари и конституционалисти дискутираат околу актуелниот институционален систем кој Шарл де Гол си го направи по своја мера кон крајот на 50-тите години. Оттогаш до денес системот е речиси непроменет, со исклучок на намалување на претседателскиот мандат од 7 на 5 години во 2000-та години, за време на двоецот Ширак-Жоспен. Таа реформа дојде како резултат на препирките помеѓу десницата и левицата и имаше за цел да се отстрани кохабитацијата помеѓу еден претседател голист и еден премиер социјалист или обратно, како во случаите на Митеран – Ширак и Ширак – Жоспен.

-претходни колумни од авторот: Монархија или република

Но, на тој начин, францускиот полу-претседателски систем се претвори во стабилен и цврст претседателски систем, зајакнувајќи ја позицијата на претседателот до степен на „републиканска монархија“. Саркози тоа го злоупотреби претворајќи го премиерот Филон во обичен соработник, нешто што со анемичниот и хаотичен Оланд стана помалку забележливо за со Маркон да ја доживее својата кулминација. Макрон го реформираше дури и президенцијализмот на Петтата Република, издигнувајќи се себеси до една империјална, јупитеровска позиција на врвот на државата.

Макрон веќе се соочи со голема доза на домашно незадоволство, било преку народните и популистички протести на Жолтите елеци или преку меѓукласното незадоволство кои изби поради неговата пензиска реформа. На половина мандат се ослободи од растечки популарниот премиер Едуард Филип за на негово место да стави човек на Саркози, како свој соработник.

Ковид кризата само ја зајакна и влоши оваа состојба, каде Франција делува како земја која ги чека зборовите и решенијата на само еден човек, својот претседател. Остатокот од Владата и француската политиката делуваат како комплетно парализирани, додека опозицијата мерките на Макрон ги опишува како политичко „Ватерло“. Парламентот и Сенатот овие денови ќе дискутираат, но ќе одлучуваат околу веќе донесени мерки. Со кризата на пандемијата и несупехот со вакцините во Европа, во Франција се отвори и кризата на Петтата Република.

Кризата на Европа и политичките кризи кои се отвараат во Париз и Берлин се меѓусебно испреплетени. Неуспехот со вакцините и генерално лошото соочување со пандемијата е пораз за Европа и за нејзината бирократија. Ако Европа остане без јасен политички лидершип во блиска иднина, таа сеопшта криза би можела само да се влошува и дополнително да се перпетурира и испреплетува помеѓу националните држави и Брисел.

Следниот чекор е секоја земја да тргне по својот пат, па на тој начин поединечните кризи на земјите членки да се претворат во една голема криза на Европа. Нешто, на што никој не треба да се надева.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми