1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Спорт

Европската лига на нации како предизвик и шанса

Златко Калински
6 септември 2018

Македонската репрезентација во друштво на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар ја демне својата шанса.

Mazedonien Skopje - U21 Fußball Mannschaft gegen Schottland U21
Фотографија: P. Stojanovski

Лигата на нации, новото европско фудбалско натпреварување, од УЕФА е замислена како замена за официјалните пријателски мечеви. Нуди поголема натпреварувачка динамика, значителна финансиска поткрепа и што е најважно,  дава можност за обезбедување директно учество на ЕУРО 2020-та година дури и на „малите“! Имено, 4 од 55-те селекции поделени во квалитативни групи на крајот ќе можат да му се израдуваат на билетот за големата фудбалска сцена. Македонската репрезентација во друштво на Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар ја демне својата шанса.Тоа ќе е долг пат од подножјето на планината со високи цели. Какви се размислувањата на селекторот Игор Ангеловски пред почетокот?

„Ова е почеток, а крајот далеку, па ќе одиме чекор по чекор. Јас сум тренер кој така размислува, а тоа го барам и од играчите. Нормално, против Гибралтар очекувам победа, освојувањето на првите три бода е нашиот прв императив.“

Македонија фаворит во групата

Во изминатиот четвртина век од осамостојувањето, Македонија првпат во една групна фаза влегува како фаворит врз основа на ранкингот на ФИФА. Македонија е на 53-то место, Ерменија на 100-то, Лихтенштајн е 180-ти, Гибралтар 195-ти. Ангеловски вели дека е тоа се само бројки:

„Тоа е само еден показател, бројки... Сметам дека фаворитската улога ни се припишува повеќе врз основа на нашите игри во изминатиот период и онаа низа  од 11 натпревари со само еден пораз од Шпанија. Но, точно е, никогаш досега не сме биле со ваков статус. Добрата подготовка пред секој меч е услов успешно да се справиме со ваквата улога. Притисокот е поголем,но тој понекогаш носи поголема мотивација, бидејќи влогот е голем, а играчите се свесни за тоа".

Повеќе: 

Македонија против Ерменија, Лихтенштајн и Гибралтар во Лигата на нации

18 имиња се на листата на фудбалерите за дуелот против Гибралтар. Окосницата на тимот е од крајот на квалификациите за Светското првенство во Русија,а тоа се Пандев, Несторовски, Тричковски, Алиоски, Барди, Адеми...Сите тие играат во различни европски лиги. Дебитанти нема, има повратници во националниот тим. Има и неколкумина отсутни од оправдани причини, кои на Ангеловски ќе му недостасуваат:

„Кога бев назначен за селектор, мојата прва цел беше да создадеме репрезентација со стандардност, со играчи кои во подолг период ќе настапуваат заедно. Така, во изминатиот период од една и пол година, 95% од овој состав е во селекцијата, прикажува добри игри, има резултати и нема причина за менувања, освен кога е тоа неопходно. За жал некои од нив во моментов не можат да ни помогнат. Ги нема Радевски, Зајков и Адеми поради повреди, Хасани кој го менува клубот...Посакувам брзо нивно враќање, а верувам во составот што е на располагање.“

Фотографија: P. Stojanovski

Стартот против Гибралтар дава можност за експериментирање, но бара и внимателност! Неодамнешниот пораз на македонската селекција до 21 година  е опомена.

„Спомнувањето на Гибралтар како противник во јавноста асоцира на висока победа и дека сѐ освен уверлив резултат е катастрофа. Да, ние сме фаворити, сѐ освен победа не доаѓа во предвид, но таа мора да се одработи со максимално залагање. Гибралтар- неколкумина од составот, кој ја победи Македонија- веќе прекомандува во првиот тим...Во денешниот фудбал често се случува 'малите' да бидат подобри од 'големите', впрочем тоа во повеќе наврати се случи на последното Светско првенство. Затоа, ние сме тие кои ќе мораме да бидеме максимално и агресивни и борбени за да дојде и квалитетот до израз“!

Три дена по Гибралтар е првата меч топка во групата против главниот опонент за првото место. На 9-ти септември Ерменија ќе гостува во Скопје.Тоа ќе е првата од двете крунски битки:

„За Ерменија ќе размислуваме по Гибралтар. Нивниот состав ќе биде предводен од главната ѕвезда Михтарјан. Добро познат и на нашата публика низ бројните меѓусебни дуели  низ годините наназад. Според сѐ, исходот од нашите два меѓусебни дуели ќе го даде патникот  во 'баражот' за учество на Европското првенство. Јас ги следам мечевите на Ерменија, модерната технологија нуди можности за детална анализа... Но, во моментов фокусирани сме на Гибралтар.“

ЕП 2020 - реалност или илузија

Ангеловски скоро три години е на селекторското место. Под негово раководство Македонија за повеќе од 100 места напредуваше на ФИФА листата. Никогаш досега Македонија не била во ситуација да размислува за учество на едно големо натпреварување. Дали некаде во свеста на селекторот тлее искрата на надеж дека македонскиот тим конечно ќе може да зачекори на големиот фудбалски полигон?

„Годи нашиот преманентен напредок на ФИФА- ранг листата. Но, мене повеќе ме радува фактот дека нашата игра станува конкурентна против репрезентации какви што се Италија, Шпанија од последните квалификации. Италија во Скопје ни се спасуваше во последните секунди, а на гостувањето освоивме бод во меч во кој Италијанците во второто полувреме речиси и да не упатија ниту еден удар на нашиот гол. Се надевам дека ќе продолжиме во ист стил, офанзивно, допадливо...Што се однесува до пласман на ЕП 2020, ќе ни треба многу напор, многу труд и среќа во склопувањето на мозаикот. Но, пред сѐ вербата во сопствените можности“. вели Игор Ангеловски во интервјуто за Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми