1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лекции од Балканот

Кристоф Хаселбах/превод:БГ4 август 2015

Да се спречат причините поради кои доаѓа до прилив на бегалци- тоа е една од целите на европската бегалска политика. Примерот од Балканот покажува колку е тоа тешко во пракса, смета Кристоф Хаселбах.

Фотографија: Sean Gallup/Getty Images

Аргументот не само што звучи уверливо, туку тоа е и формулата за која сите политички партии во Германија и во другите ЕУ земји се согласни кога се работи за бегалската политика: целта е да се подобри состојбата во земјите на потекло на бегалците, за луѓето да немаат причина да заминуваат. Европските политичари сакаат да ја потенцираат оваа долгорочна стратегија, особено во однос на Африка.

Сите сакаат во ЕУ

Кој би имал забелешки на тоа? Во реалноста, само треба да се фрли поглед на Западниот Балкан за да се доведе во сомнеж таа цел. Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Македонија, Црна Гора и Србија - сите сакаат во ЕУ. Брисел на сите им вети перспектива за влез - откако, се разбира, ќе ги исполнат политичките и економските критериуми. Албанија, Македонија, Црна Гора и Србија се официјални кандидати за членство, што значи дека веќе се еден чекор поблиску до ЕУ. БиХ е посебен случај. Државата чии етнички групи се непријатели уште од војните во бивша Југославија, е практично протекторат на ЕУ и ОН.

Согласно тоа, најголемиот дел од напорите на Западот се насочени кон стабилизирање, помирување, изградба на владини структури и поддршка за економијата.

ЕУЛЕКС мисијата на ЕУ е клучна во помошта да се изгради администрација, полиција и правен систем на Косово, држава чиј меѓународен статус останува нерешен.

20 години реконструкција

Со други зборови, веќе 20 години, односно од крајот на југословенските војни кои ги погодија сите овие земји освен Албанија - ЕУ, преку стимулации, многу пари и луѓе на теренот, се обидува да го стори токму тоа: да создаде ситуација која на луѓето ќе им даде догледна перспектива во нивната земја.

Кристоф ХаселбахФотографија: DW/M.Müller

Денес, мора да заклучиме дека 20-годишната стабилизациска политика, согласно ЕУ стандардите, во срцето на Европа се покажа како неуспех.
Доколку тоа не беше случај, илјадници луѓе од овие земји немаше да ја бараат среќата во Германија секој месец. Но доколку стратегијата пропадна во Западниот Балкан под споредливо далеку подобри услови, што може од неа да се очекува во Западна или Северна Африка?

Брисел веќе не е лидер

Сеедно, ќе биде погрешно да се очајува и да се откаже од целта. Делумно неуспехот е резултат на фактот дека ЕУ не беше доволно упорна во спроведувањето на целите. Земете ја, на пример, политиката кон малцинствата во Србија. Најголемиот дел од српските баратели на азил во Германија се Роми. Дури и германската канцеларка Ангела Меркел признава дека Ромите се дискриминирани во Србија. Од друга страна, германската влада ја смета Србија за „земја со сигурно потекло“ ,каде по дефиниција не постои прогон.
Заштитата на малцинствата е клучен услов за пристап во ЕУ. Тоа значи дека ЕУ во свои раце ги има сите механизми во случајот на Србија, само треба да ги употреби. Во јули, српскиот премиер Александар Вучиќ на Меркел и‘ рече дека бегалците се „заеднички проблем“ за кој е потребна европска поддршка- лицемерна забелешка со оглед на систематската дискриминација на Ромите.
Мора да се испрати јасна порака до Белград: сѐ додека ги дискриминирате сопствените малцинства, нема да напредувате на патот кон ЕУ. Само треба јасно да се испрати оваа порака.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми