1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европската Унија меѓу желбите  и можностите 

Бернд Ригерт
16 септември 2021

Претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен во своето годишно обраќање си постави големи цели. Но, тие тешко ќе може да се остварат со колебливи држави членки. Потребни се конкретни чекори, коментира Бернд Ригерт. 

Frankreich | Ursula von der Leyen spricht im EU Parlament
Фотографија: Yves Herman/REUTERS

Прашањето гласи: каква е ситуацијата во Европската Унија? Исправена е пред големи предизвици, на моменти е слаба, но храбро напредува – ова е одговорот на Урсула Фон дер Лајен, претседателката на Европската комисија во нејзиното годишно обраќање за состојбата во ЕУ. 

Делумно уверливо, а делумно со сомнеж, таа ги повика државите на ЕУ на единство и барем остави впечаток дека е подготвена да се справи со предизвиците. Но, таа истовремено се пожали на недостаток на политичка волја кај земјите членки договореното да го спроведат на дело – особено во однос на заштита на климата, одбраната и здравствената заштита. 

Урсула Фон дер Лајен во тој поглед не е во многу поразлична позиција од нејзините претходници. Европската комисија сепак не е влада на Европа, туку тело кое дава предлози и иницира процеси чие остварување зависи од волјата на владите на земјите членки и од мнозинството во Европскиот парламент. 

Пандемија 

За време на пандемијата Европската комисија успешно се погрижи за набавка на вакцини и покрај првичните потешкотии. Во просек, 70% од возрасното население во ЕУ е вакцинирано, но сепак разликите меѓу земјите членки и понатаму се големи. Претседателката на Комисијата не наведе како мисли да се справи со овој проблем. Таа со право жали поради скандалозното заостанување на процесот на вакцинацијаво Африка и други делови на светот. ЕУ ќе донира уште вакцини, но тоа не е доволно. Во говорот сепак не се начу како проблемот може да се реши преку поголема глобална соработка. 

Одбрана 

Предизвиците за безбедносната политика во ЕУ се огромни – од Авганистан до Кина, до војна во сајбер просторот. Фон дер Лајен на тоа одговара со развој на „Одбрамбена унија“ која веќе со години тапка во место. Стратешки компас и самитот во Франција следната пролет би требало да донесат решение.

 

Бернд Ригерт, автор на текстот

Тоа е премногу бавно и пред сѐ паралелен пристап во однос на напорите да се засили европскиот дел на НАТО. Многу земји членки на ЕУ со право се воздржани во однос на концептот за самостојна одбрана. Претседателката на Комисијата жали за тоа – но, не го поставува прашањето зошто е тоа така. 

Миграциска политика 

Слична е ситуацијата и во однос на миграциската политика во однос на која државите членки на ЕУ имаат сосем различни интереси – а, тука највидлива е и поделбата на либерални и нелиберални демократии. Европската комисија може да се препелка, да предупредува и да се заканува – говорот во Стразбур сепак не понуди решение за проблемот. Прашање е дали ќе помогне и уште еден самит со Африка најавен за напролет. 

Пред нас е возбудлива година 

Амбициозна климатска политика, со која на младите Европејци ќе им се гарантира добра иднина – ова е крајно неопходно, јасно порача Фон дер Лајен. Но, земјите членки и во однос на ова прашање сѐ уште не се усогласија околу тоа како би требало да се организира и плати соодветната револуција кон ЦО2 неутрална економија. 

Иницијативата на Комисијата во ЕУ да се забранат кинески производи, произведени со присилна работа и производството на чипови за компјутери да се префрли во Европа пак е исправен пристап. Тоа се два конкретни проекти на кои ќе може да се демонстрира ефикасноста на ЕУ. 

Претседателката на Комисијата се повика на заедништво, вредности и волјата на сите Европејци да ги остварат целите, дури и ако се чинат недостижни. 

Претстојнава година, до следниот говор за состојбата во Унијата, ќе биде возбудлива. Што ќе биде остварено зависи од тоа како новите влади во Германија и Франција, по изборите, ќе ја проценат и користат ЕУ за решавање на предизвиците. 

 

Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми