Европската Унија стои пред важен крстопат
1 март 2007Воочи првиот Самит на ЕУ под германско претседателство , германската канцеларка Ангела Меркел денеска се обрати пред пратениците во Бундестагот. Во средиштето на нејзиниот говор се наоѓаа енергетската политика и заштитата на климата .
Но со оглед на тоа што на крајот од март во Берлин ќе се одржи и уште еден Самит на лидерите на земјите членки на Унијата чиј повод е 50 годишнината од потпишувањето на т.н Римски договори , кои важат за камен темелник на денешната ЕУ ,Меркел во Бундестагот зборуваше и за актуелната состојба во која се наоѓа Унијата
" Сметам дека можеме да кажеме дека исто како и во 1957 година така и денес Европската Унија повторно стои пред важен крстопат . Денес станува збор за тоа ,да се зафатиме со досега пропуштените или само половично спроведени прилагодувања на Европската Унија на нејзината нова големина на една страна и со една целосно променета состојба во светот на друга страна“- истакна Меркел.
Ние сакаме да го забрзаме европскиот проект порача натаму Меркел додавајќи дека Европската Унија мора да наиде на прифаќање кај граѓаните . Една од најважните цели за блиската иднина според германската канцеларка е и заштитата на климата . Европската унија пред себе постави амбициозна цел до 2020 година за 20 проценти да ја намали емисијата на гасови штетни за атмосферата . Меркел меѓутоа денеска истакна дека само ангажманот на ЕУ не е доволен и оти во важноста на заштитата на климата треба да гo убеди и останатиот дел од светот.
Промената на климата не може да се гледа без да се направи ништо . Време е за акција- порача Меркел додавајќи:
“Знам дека ние во ЕУ испуштаме само 15 проценти јаглерод диоксид од вкупната емисија ширум светот. И поради тоа е јасно : Европа нема самата да успее , да го реши проблемот со климата доколку не и успее , да ги убеди другите ” – истакна германската канцеларка во претпладневното обраќање во Бундестагот.