1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Европската унија треба да се засрами“

23 април 2011

Бранко Собан, истакнат политички аналитичар и новинар на љубљанскиот весник „Дело“, отворено зборува за случувањата во Македонија и особено за последната резолуција, усвоена од Европскиот парламент во Стразбур.

Фотографија: Petr Stojanovski

„Мислам дека извештајот за Македонија, кој беше усвоен во Европскиот парламент, е вистинска срамота за Европската унија. Во документот не се зборува за Македонија, не се зборува за македонскиот народ, не се зборува за македонскиот јазик. Тоа за мене е неприфатливо, бидејќи тоа е во целосна спротивност со сите вредности врз кои почива Европската Унија, а тоа е дијапазонот на различни европски народи и јазици, кои ја прават Европската унија богата. Затоа мислам дека тоа е грешка“, вели Собан.

Европратениците не ја познаваат доволно ниту Македонија, ниту Балканот
ЕУ ги поткопува сопствените вредности во случајот со Македонија, тврди новинарот на „Дело“Фотографија: picture alliance/dpa
Бришењето на македонскиот јазик и неговата замена само со терминот официјален во усвоената резолуција, словенечкиот аналитичар ја објаснува од два аспекта:
Европските пратеници не ја познаваат добро ниту Македонија, ниту Балканот, бидејќи тоа е специфичен регион со своја историја, со своја судбина, која не била секогаш пријатна. Второ, мислам дека до ова дојде поради некои притисоци најверојатно од соседните земји околу Македонија, како Бугарија и Грција, на кои независна и самостојна Македонија некако не им се допаѓа, поради нивните историски интереси.“
Соседите треба да бидат коректни кон Македонија
За барањето на бугарските европратеници, поддржано во резолуцијата од Европскиот парламент, за заедничко изучување на историјата и Македонија да се грижи за „бугарското културно-историско наследство“ во Македонија, Собан е уште подиректен:
„Мислам дека тоа е голема глупост, се извинувам за зборот, но тоа е така. Не може Бугарија да го истражува македонското наследство, македонскиот јазик или литература, тоа се два народи, можеби постојат сличности, што е нормално, бидејќи ние сме Словени и сите словенски јазици имаат заеднички корени. Точно е дека постои сличност, но не може една земја, како Бугарија, или некоја трета земја да врши испитувања за македонскиот јазик или заедничката историја. Каква заедничка историја! Соседот не можеш да го избираш, но тој треба да биде коректен во односот“, вели Собан.
Што поскоро решавање на проблемот со Грција
Oд соседите на Македонија не се бара да имаат добри односи со неа, критикува СобанФотографија: AP/DW Fotomontage
Од Македонија се бара да има добрососедски односи, но дали истото се бара и од нејзините соседи? Новинарот-коментатор на „Дело“ вели:
„Токму во тоа е проблемот, не знам зошто тоа не се бара и од Грција и Бугарија. Јас веднаш по распадот на Југославија пишував за односот на Грција кон Македонија, уште тогаш директно напишав дека Грција, со политиката кон Македонија, докажала дека е најбалканска земја од сите земји на Балканот“, нагласува Собан и додава:
„Словенија е заинтерсирана и нуди посредничка мисија, ние сме членки на ЕУ заедно со Грција и полесно контактираме со неа. Веќе реков дека ова е срамота и дека треба да се реши што е можно поскоро. Грција треба да се согласи на разумен компромис, кој во прв ред е поволен за Македонија.“
За тоа дали случајот со Зоран Талер може да влијае врз понатамошното ангажирање на Словенија во полза на евроинтеграциите на Македонија, словенечкиот аналитичар нагласува дека тој скандал не би требало да влијае на односите и соработката меѓу Словенија и Македонија. „Мислам дека и во Македонија владее мислењето дека Зоран Талер е само поединец и не би требало да фрла сенка врз цела Словенија“, подвлекува Собан.
Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Трајче Тосев
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми