1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европска дијагностика на наши политики

Тони Поповски
30 октомври 2021

Колку и да иритира и фрустрира наметнатата блокада на нашиот евроинтеграциски пат, не смееме да престанеме да го консултираме Извештајот на Еврокомисијата, во процесот на создавање и спроведување на реформските политики.

Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

Извештајот на Европската Комисија за нашиот напредок е дијагностика на целисходноста на нашите политики и ефектите од нивното спроведување. Се подготвува 12 месеци, низ длабинско следење на „пациентот“ и содржи препораки за најсоодветна терапија. Не само што  овој документ е подготвен без директен надоместок, од тело во Унијата со мандат за експертска, а со тоа и неутрална, објективна оценка, туку и спроведувањето на препораките е континуирано поддржано со инструмент за претпристапна помош (ИПА), со тежина од стотици милиони евра.  На последново надоврзан и Инвестицискиот план на Унијата за Западен Балкан.

Ако би сакале да ги унапредиме нашите политики и да ја модернизираме државата, да не е Европската Комисија, за ваква дијагностика би требало на реномирани глобални консултантски фирми да им платиме сериозен надомест, а за спроведување на препораките да алоцираме дополнителни средства од буџетот, зголемувајќи ги давачките, или во најголем дел да ги позајмиме, па да ги враќаат наредни генерации.

Европската Комисија е конзистентно наш најголем сојузник

Колку и да иритира и фрустрира наметнатата блокада на нашиот евроинтеграциски пат, не смееме да престанеме да го консултираме овој извештај и други извештаи кои за нас ги подготвуваат развојни партнери од западните демократии, во процесот на создавање и спроведување на нашите реформски политики.

Тони Поповски, автор на колумнатаФотографија: privat

Подобрите познавачи на проширувањето на Унијата, знаат дека на државите кандидати за членство, од сите европски институции, најголем и конзистентен сојузник е токму Европската Комисија. Донекаде и Европскиот Парламент, иако во него и во зависност од констелацијата на претставници на политички партии и состојбите „дома“, не ретко се искажуваат резерви кон проширувањето, особено од поекстремната десница. Институција од која државите кандидати и другите кои се на европскиот пат најмногу „стрепат“ е Европскиот Совет, каде се одлучува со консензус и каде, како во нашиот случај, една држава членка може да блокира одлуки или да попречи спроведување на донесени одлуки.

Повеќе од Тони Поповски: За некого Брдо, за Балканот уште една планина за искачување

Претходна потврда за конзистентното однесување на Европската Комисија е нацртот на нашата преговарачка рамка во кој се спомнува македонскиот јазик, и нема засебно поглавје од кое би произлегле одредници за постапување по бугарските барања. Впрочем, токму овие два аспекти се директната причина за бугарското вето. Извештајот од своја страна, се осврнува на заостанатите „билатерални“ прашања помеѓу нас и Бугарија, расчистувајќи ја маглата која ја сее соседот, дека овие прашања се мултилатерални, односно првенствено прашања за Унијата (со Бугарија во неа) и нас. Дефинирајќи ги отворените прашања како билатерални, Комисијата имплицитно укажува дека нема потреба ниту оправдување за срочување на засебно поглавје во преговарачката рамка и одредници кои би ги издиктирала Бугарија.  На ова се надоврзува и укажувањето на ЕК, дека во прашање е кредибилитетот на Унијата. 

Фотографија: DW/F. Schmitz

Терапија која треба да го залечи и ревитализира нашиот внатрешно - политички организам

Без оглед на Аристототеловиот “homo politicus", кој идеолошки не определува, доколку сме добронамерни и конструктивни, треба да не израдува генералната констатација од Извештајот, дека постигнуваме континуитет во постепеното но истовремено одлучно напредување во реформите, особено поврзано со првиот и „темелен“ кластер на поглавја.

Повеќе од Тони Поповски: Неколку прашања за Скопје, кои заслужуваат попрецизни одговори

По однос на „темелните“ предизвици на кои се осврнува Извештајот, мораме колку е можно поскоро да го досредиме изборното законодавство и тоа на инклузивен начин, по можност избегнувајќи постојано да го прилагодуваме на потребите на поголемите партии. Локалните избори покажаа дека на избирачите им е потребен диверзитет на понуди и следствено, порамноправни услови за нивно претставување. Настрана и впечатокот на многумина, дека во услови на комплексна криза, трошење на средства како да се избори во богати европски држави и метрополи е неодговорно. Кога сме до „независните“, се додека граѓанскиот сектор не е инволвиран на европски начин (за што се залага ЕК), преку одржливи инструменти за директна демократија, не треба да не изненадува трендот на негово трансформирање во политички сектор кој пројавува амбиција за политички натпревар. Притоа, ризикот е цивилниот сектор да исчезне а со него и силен страничен коректив на властите, а политичката сцена дополнително да се фрагментира.

Фотографија: DW/M. Maksimovic

Извештајот се осврнува на поларизацијата во Собранието која предизвикува поларизација во општеството. Го потценуваме овој феномен, заборавајќи дека придонесува за создавање на имиџ на внатрешно нестабилна држава (без единствен стратешки компас) која нашите најискрени развојни партнери но и потенцијални инвеститори ги прави недоверливи. Оттаму и потребата но и одговорноста, секој да придонесе за конструктивен политички дијалог и постигнување на широк консензус за стратешкиот пат на државата.

Повеќе од Тони Поповски: За емоционалното во политичкиот натпревар и следствено во победите и поразите

Не помалку значајни се и сите препораки кои се однесуваат на динамизирањето на реформата на јавната администрација и борбата против корупцијата. Првото, поврзано со вработувања и унапредувања „засновани на професионални заслуги“, намалувајќи ја партизацијата на јавниот сектор, а второто поврзано со потребата од дополнителна поддршка за итно вработување на независни експерти во Државната Комисија за спречување на корупцијата, како ретка наша институција која започна да дава „атрактивни демократски голови“ наместо автоголови. И покрај оценката дека слободата на медиумите и критичкото известување е генерално овозможувачка, останува порешително да го адресираме феноменот на „говор на омраза“, опфаќајќи ги и социјалните медиуми, кои постепено се претворија во арена на ниски страсти.

За други кластери и поглавја од Извештајот, кои се поблиски до мојата експертиза, во некоја од наредните колумни.  Би завршил со препорака до властите и опозицијата, да го прифатат и поддржат Извештајот на ЕК како суштински патоказ за нашите реформи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми