Европска енергетска унија
26 февруари 2015
Марош Шефцович официјално е еврокомесар за енергетска унија. За заедничката енергетска политика има дури уште еден надлежен комесар - Мигел Ариас Канете. Двајца комесари - а европска енергетска унија воопшто и нема. ЕУ има заеднички внатрешен пазар, но во енергетскиот сектор и натаму владее расцепканост: секоја држава во голема мера води своја сопствена енергетска политика.
Поради различните тежишта - Франција се потпира врз струја од атомски централи, Германија од пред неколку години посебно ги унапредува обновливите енергии - европскиот пазар на енергетика дури денес веројатно е уште порасцепкан отколку порано. Посебно мрежите се национално поставени. Кога се увезува енергија од странство, најчесто секоја земја настапува како засебен купувач. Сето тоа го прави снабдувањето со енергија скапо и помалку економично. Според Канете, Европа „губи до 40 милијарди евра годишно оти нема испреплетен пазар на енергија“. Тоа значи 80 евра годишно по глава на жител во ЕУ.
Да се намали руското влијание
Расцепканоста не значи само расфрлање, туку и зависност. Тоа поединечни држави на ЕУ го забележуваат првенствено кога има проблеми со испорачувачите, на пример со Русија, далеку најважниот снабдувач на ЕУ со гас, кој покрива околу една третина од потребите. Но, некои увозници на гас, како Бугарија или балтичките земји, се речиси целосно зависни од руските испораки.
Конфликтот меѓу Русија и Украина уште повеќе го заостри проблемот. Преку гасоводот низ Украина оди околу половината од гасот наменет за Европа. Уште пред анексијата на Крим и борбите во источна Украина имаше спор меѓу Москва и Киев околу цената на гасот, таксите за негов протек и заостанатите долгови. Тоа постојано водеше кон блокади и тесни грла кај гасот и за ЕУ. Во меѓувреме гасот дефинитивно стана стратегиско прашање во односот со Русија. Сето тоа се причини за потесно здружување на државите на ЕУ во енергетската политика.
Струјни траси низ Европа
Шефцович неодамна вака опиша колку е голема таа задача: „Кај пазарот на струја практично мораме уште еднаш да тргнеме од почеток и наново да го градиме пазарот“. Според документот што е сега претставен, енергијата треба за граѓаните и претпријатијата да биде „сигурна, одржлива, конкурентна и економична“. Еден од патиштата кон таа цел е поголема диверзификација кај понудувачите, па затоа треба да се зголемат или воспостават испораки од Норвешка, САД, Алжир или Туркменистан. Заедничката набавка треба да ги намали цените. Треба да се зголеми уделот на течен гас транспортиран со танкери. Кај струјата, пак, треба да се создаде трансевропска мрежа, преку која, на пример, струја од сончева енергија ќе тече од медитеранскиот регион кон Северот и од Северно море кон Југот.
Цел на Комисијата на ЕУ е прекуграничната размена на струја да достигне 10 проценти од севкупното производство, што со оглед на техничките можности и потребата и не е особено амбициозно, но во споредба со актуелната состојба е навистина многу. Во мрежното поврзување, покрај земјите од Балтикот, од разбирливи причини заостануваат и островските држави Велика Британија, Ирска, Малта и Кипар, како и Иберискиот полуостров, кој исто така има особено зачаурени пазари на енергија.
Спор околу улогата на обновливите енергии
Европратениците на Зелените и социјалдемократите (СПД) приговараат дека документот на Комисијата ги запоставува обновливите енергии. „Тие играат споредна улога“, вели Мартина Вернер, претставник на СПД за енергетска политика. Ребека Хармс, шеф на фракцијата на Зелените, забележува: „Штедењето на енергија, ефикасноста и обновливите енергии повторно не се ставени во центарот на стратегиите“. Таа критикува дека ЕУ, за да ја намали енергетската зависност од Русија, ја продлабочува соработката со „недемократски држави“.
Во однос на струја добиена од атомски централи, Комисијата е неутрална. Таа им остава слобода на државите да одберат каква форма на производство на струја претпочитаат. Херберт Ројл, европратеник од ЦДУ, напротив, токму кај обновливите енергии гледа напредок во документот на Комисијата, оти плановите предвидуваат големо спојување и на националните системи за производство на струја. „Паралелното работење е премногу енефикасно и скапо“, смета тој. Поради тоа Ројл очекува поголема прекугранична размена и кај „зелената“ струја.