1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Договорот ЕУ-САД е невалиден

Б. Георгиевски/ап6 октомври 2015

Во далекусежна одлука која може да влијае врз илјадници компании како Фејсбук и Гугл, највисокиот европски суд одлучи дека договорот меѓу САД и ЕУ за трансфер на податоци не е валиден

Фотографија: picture-alliance/chromorange

Европскиот суд на правдата пресуди дека договорот меѓу САД и ЕУ со кој се регулира размената на податоци е невалиден. Договорот, потпишан во 2000 година меѓу Брисел и Вашингтон, им овозможуваше на компаниите и меѓународните мрежи со леснотија да префрлаат лични податоци во САД без обврска да бараат претходна согласност.

„Судот на правдата објавува дека одлуката на Европската комисија за 'безбедно пристаниште' во САД е невалиден“, се наведува во пресудата во случајот кој против Фејсбук го поведе австрискиот студент Макс Шремс.

Шремс покрена тужба во Ирска, каде е европското седиште на Фејсбук, по откритијата на Едвард Сноуден за шпионската програма на американската НСА. Судот денеска оцени дека договорот за ткн. „безбедно пристаниште“ им овозможува на американските власти мешање во основните човекови права без притоа да постои доволна правна заштита против можни злоупотреби.

Судот им наложи на властите во Ирска да ја разгледаат тужбата на Шремс, која претходно беше отфрлена, со должно внимание. „Откако ќе заврши истрагата, властите мораат да одлучат дали трансферот на податоци на европските корисници на Фејсбук во САД треба да биде прекинат поради тоа што земјата не обезбедува адекватно ниво на заштита на личните податоци“, наведува Судот.

Фејсбук досега не ја коментираше одлуката.

Шремс изјави оти се надева дека пресудата ќе биде чекор напред за онлајн приватноста. „Оваа пресуда е тежок удар за американското глобално шпионирање кое се потпира врз приватни партнери“, изјави Шремс.

Сепак, тој потсети дека пресудата не го забранува трансферот на податоци од ЕУ кон САД, туку им овозможува на националните тела за заштита на податоци да имаат преглед врз индивидуалните трансфери.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми