Европските Зелени обединети под амблемот - сончоглед со 32 ливчиња
22 февруари 2004Реклама
Четири месеци пред европските избори, Зелените основаа заедничка партија: претставници на 32 партии на Зелените од Европа на основачкиот конгрес во Рим ја формираа "Европската партија на Зелените." Основачката повелба беше потпишана во Рим на истото место каде во 1957-ма година беше потпишан и Римскиот договор за основање на Европската економска заедница, претходница на денешната ЕУ. Прва цел на зелените е заедничка изборна борба за изборите за Европскиот парламент, што ќе се одржат на 13 јуни годинава. Изборот на Рим за место на основање на новата партија има влијание и врз италијанската внатрешна политика. "На Капитол, каде што настана и договорот од Рим од кого произлезе Европската Унија, е потпишан основачкиот акт на првата континентална партија, која опфаќа 32 зелени партии од цела Европа. Ова е историска постапка, што во наредните години ќе мораат да ја направат и другите партии" - шефот на италијанската партија на Зелените и поранешен министер за земјоделство Алфонсо Пекораро Сканио со задоволство истакнува - ние сме првите. Неговата сонародничка Грација Франческато е прв копретседател на новата партија, нејзин машки пандан е Пека Хависто од Финска. Зелените и на европско ниво педантно внимаваат на принципот на рамноправна застапеност: на групната фотографија на делегатите на основачкиот конгрес по процедурата на потпишувањето на повелбата во собранието на Рим се забележуваат значително повеќе жени, отколку на вообичаените политички самити. На крајот на средбата учесниците ја отпеаја Европската химна, земена од Бетовеновата 9-та симфонија. 32-те членки од 29 земји ги симболизира заеднички амблем - сончоглед со 32 ливчиња. Во кампањата за претстојните избори за Европскиот парламент партијата ќе применува исти предизборни слогани насекаде, а договорено е секој кандидат да има предизборни настапи и во некоја од другите земји на Унијата. Рим, освен поради историската симболика со 1957-ма, е избран како место на одржување на конгресот и поради желбата на многумина партнери да им помогнат на италијанските партиски пријатели за медиумски ефикасен старт на предизборната кампања, зашто од агол на европските Зелени особено е важно да и' се нанесе удар на коалицијата на десниот центар на премиерот Силвио Берлускони. "Нашиот европски проект е особено важен во земја како Италија со нејзината толку провинцијална внатрешна политика, која почива врз навреди, дрдорење и минимално дејство. Кој на европските избори сака да гласа за мир и екологија, треба да ги бира Зелените. Кој е против Берлускони, но гласа за листата на Проди, јакне една опозиција која е поумерена, но не се грижи многу за некои теми како прашањето за вештачко оплодување или Ирак. Така погеднато, ние во италијанскиот табор на левиот центар во јуни имаме еден вид предизбор", вели Алфонсо Пекораро Сканио. Тој посакува на долг рок на европско ниво да биде пренесен слоганот што италијанските Зелени го плакатираа на нивниот почеток: "Не лево, не десно - туку напред".
Реклама