Европски избори: Божемниот дуел на Вебер и Тимерманс
Бернд Ригерт
15 мај 2019
Телевизискиот дуел на т.н. врвни кандидати на европските избори, Манфред Вебер и Франс Тимерманс, помина во преголема хармонија и не беше спомната најважната тема, коментира Бернд Ригерт.
Реклама
Првиот тв-дуел на германската телевизија помеѓу двајцата т.н. „врвни канидати“ на големите партии, Манфред Вебер (демохристијани) и Франс Тимерманс (социјалисти), му беше достапен само на мал дел од европските избирачи. Германскиот радиодифузен сервис АРД ја продуцираше дискусијата на шефот на пратеничката група на ЕНП, Вебер и на холандскиот еврокомесар Тимерманс само за домашниот германски пазар. Ширум Европа двајцата ќе настапат само еднаш еден против друг, и тоа за сите јавни сервиси во Европа наредната недела во Брисел.
Затоа на кандидатите им е и тешко да станат воопшто познати во Европа. Пред телевизискиот дуел во Германија само 25% од потенцијалните гледачи знаеја за Манфред Вебер. Франс Тимерманс, пак, им е познат само на вистинските стручњаци. Во анкетите, ЦДУ/ЦСУ на Манфред Вебер води со извесна предност пред социјалдемократите. Тешко дека ритуалните телевизиски настапи ќе променат нешто во расположението на избирачите. Зашто, за Франс Тимерманс во Германија воопшто и не може да се гласа. Имено, не постои европска листа, туку само национални изборни листи.
Хармонично оро
Тимерманс се изјасни за оданочување на јаглерод диоксидот во Европа. И Вебер вети поголема заштита на климата, меѓутоа во граници подносливи за германската автоиндустрија. Двајцата сакаат силна Европа, двајцата се за зајакнување на правата на жените и за праведен даночен систем. Драматични разлики во ставовите помеѓу двајцата искусни европски функционери - нема. Тимерманс беше малку поагресивен. „Мора да го промениме однесувањето за да ја спасиме животната средина“, беше неговото кредо. Вебер пак беше во улога на одмерено промислен. „Да се поттикнуваат селаните, да се крати од концерните“, беше неговата порака.
Пријателски кон Европа наклонетите водители на дуелот можеби на публиката требаше да ѝ кажат дека ниту еден од двајцата нема особено големи шанси на крајот да стане претседател на Европската комисија. Тимерманс, поранешен холандски министер, ефикасен комесар, полиглот, потомок на дипломатска фамилија, сигурно ќе беше во состојба да биде прв човек на управата на ЕУ. Но, неговата партиска фамилија е слаба. Во Европскиот совет, кој го има правото да предлага кандидати за функцијата, мнозинство имаат конзервативните премиери. Значи, изгледите му се слаби.
Молк за најважната тема
Манфред Вебер ќе раководи со најсилната пратеничка група во Европскиот парламент, но постојат сомневања во неговата компетентност. Никогаш досега не бил на функција во влада, никогаш не водел некоја институција, зборува повеќе лошо отколку добро странски јазици и во никој случај не може да биде сигурен во поддршката од страна на конзервативните премиери во Советот. Врвниот кандидат кој има шанси да добие потврда од страна на ЕП на предлог на Советот, мора да биде во состојба да организира мнозинство. Овојпат за таа цел, односно за да победи евроскептичната опозиција, ќе му бидат потребни демохристијаните, социјалистите и либералите или Зелените. Аугурите (староримски службеници, н.з.) во Брисел имаат сомнежи дали Вебер може тоа да го направи.
Вистинско изненадување на оваа дебата беше само тоа што двајцата мејнстрим-кандидати не го ни споменаа најголемиот непријател: десните популисти, кои во многу земји на ЕУ собираат сѐ повеќе гласови. Рецепти против опасноста од десно? Такво нешто нема ниту Вебер ниту Тимерманс. Молк за најважната тема. Чудно.
Колку е радикална европската десница?
Бавен економски раст, незадоволство поради политиките на Европската унија и мигрантската криза доведоа до изборен успех на десничарските партии низ цела Европа.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Фрауке Петри, Алтернатива за Германија (АФД)
Лидерот на Алтернатива за Германија, Фрауке Петри изјави дека полицијата може да користи оружје како крајна мерка при спречување на илегално преминување на границата, потенцирајќи дека „таков е законот“. Она што започна како евроскептична партија се претвори во антиестаблишмент и анти-ЕУ политичка сила која на покраинските избори во Германија во март 2016 година освои 25 проценти од гласовите.
Фотографија: Reuters/W. Rattay
Марин Ле Пен, Национален фронт (Франција)
Многумина веруваат дека Брегзит и победата на Доналд Трамп може да бидат стимул за Националниот фронт. Со партијата, која беше формирана во 1972 година, раководи Марин Ле Пен, која во 2011 година го презеде водството од нејзиниот татко Жан-Мари Ле Пен. Национален фронт е националистичка партија која користи популистичка реторика да ги промовира своите анти-имиграциски и анти-ЕУ позиции.
Фотографија: Reuters
Герт Вилдерс, Слободарска партија (Холандија)
Лидерот на холандската Слободарска партија, Герт Вилдерс, е еден од најпроминентните десничарски политичари во Европа. Во декември тој беше осуден затоа што во 2014 година праша толпа граѓани дали сакаат повеќе или помалку Мароканци во земјата, но не му беше изречена казна. Неговата партија се смета за анти-ЕУ и антиисламска и моментално има 15 пратеници во холандскиот парламент.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Koning
Никос Михалолиакос, Златна зора (Грција)
Никос Михалолиакос е претседател на грчката неофашистичка партија Златна зора. Тој и десетина други членови на партијата во септември 2013 година беа уапсени под обвинение за формирање на криминална организација. Михалолиакос беше ослободен во јули 2015 година. Златна зора освои 18 мандати на парламентарните избори во септември 2016 година. Партијата застапува антиимигрантски ставови.
Фотографија: Angelos Tzortzinis/AFP/Getty Images
Габор Вона, Јобик (Унгарија)
Јобик е унгарска антиимиграциска, популистичка и протекционистичка партија која се стреми да биде дел од следната влада во земјата. Јобик е трета по големина политичка партија во Унгарија и на последните избори освои 20 проценти од гласовите. Партијата бара одржување референдум за членството во ЕУ и се залага за криминализација на „сексуалната девијантност“. Лидер на Јобик е Габор Вона.
Фотографија: picture alliance/dpa
Џими Акесон, Шведски демократи
По изборот на Трамп, лидерот на Шведските демократи Џими Акесон во интервју за шведска телевизија изјави: „Постои движење во Европа и САД кое го предизвикува владеењето на естаблишментот. Тоа очигледно се случува и тука“. Шведските демократи бараат ограничување на имиграцијата, се противат на приклучувањето на Турција во ЕУ и бараат референдум за членството на земјата во ЕУ.
Фотографија: AP
Норберт Хофер, Слободарска партија на Австрија
Норберт Хофер, член на австриската националистичка Слободарска партија, загуби на неодамнешните претседателски избори за само 30.000 гласови, откако беше фаворит во првиот круг на гласање. Поранешниот лидер на Зелената партија освои 50,3 проценти од гласовите, а Хофер осови 49,7%. Слободарската партија се залага за зајакнување на државните граници и ограничување на бенефициите на имигрантите.
Фотографија: Reuters/L. Foeger
Мариан Котлеба, Народна партија – Наша Словачка
Лидерот на крајно десничарската Народна партија – Наша Словачка, Мариан Котлеба, изјави: „Дури и еден имигрант е премногу“. Во друга прилика тој го нарече НАТО „криминална организација“. Оваа партија се залага за напуштање на ЕУ и на Еврозоната. На изборите во март 2015 година партијата освои 8 проценти од гласовите, со што обезбеди 14 мандати во националниот парламент кој брои 150 пратеници.