1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европски Парламент: Опомена за Бугарија

ЖА / агенции
9 октомври 2020

Во Бугарија со месеци претежно млади луѓе протестираат против владата, чувствувајќи се оставени на цедило од ЕУ. Европскиот параламент даде сигнал на солидарност со демонстрантите во нивното незадоволство од владата.

Coronavirus - Sitzung des EU-Parlaments in Brüssel
Фотографија: AFP/K. Tribouillard

Во Европската унија расте листата на „проблематични деца" во поглед на демократијата и владеење на правото. Не се во прашање само Унгарија и Полска – веќе три месеци во Бугарија главно млади луѓе демонстрираат против владата, обвинувајќи ја за корупција и зависност од олигарсите. Тие се чувствуваат оставени на цедило од ЕУ, а вчера барем Европскиот парламент испрати сигнал на солидарност со нив.

„Мафијата надвор", „Сакаме да живееме во нормална држава" или „Ќе продолжиме сѐ додека не дадете оставка"- стои на транспарентите на протестите во Софија. Конзервативно-националистичката влада на премиерот Бојко Борисов меѓутоа нема намера да се повлече, туку планира останување на власт до изборите во март 2021 година, поради корона-кризата одбива одржување предвремени избори. Зашто, во таков случај, би требало да владее кабинет именуван од претседателот на државата Румен Радев, без парламент, според уставот, аргументира владата. Демонстрантите ја отфрлаат оваа аргументација. „Време е европските раководни политичари да ги отворат очите", побара еден активист уште на крајот на август пред претставништвото на Европската комисија во Софија. Младите демонстранти се жалаат за постоење „фасадна демократија" зад која се кријат корупција и злоупотреба на средствата од ЕУ.

Со месеци Бугарите протестираат против владата и корупцијатаФотографија: Stoyan Nenov/Reuters

Луѓето кои од 9 јули протестираат на улиците припаѓаат на различни политички групирања. Нивниот број во меѓувреме од повеќе илјади опадна на стотици, но секоја вечер се собираат на нови акции, не само во главниот град Софија. Бараат нови избори, но и оставка на главниот обвинител Иван Гечев, кого го обвинуваат за затворање на очите пред коруптивните манипулации на владиниот табор и гонење на политичките противници. Главното обвинителство речиси не е контролирано.

Во Брисел има слични размислувања. Минатата недела во сеопфатен извештај Европската комисија констатираше сериозни дефицити кај бугарската правна држава, меѓу другото политичко влијание врз судството и спорни изземања на судии во одредени кривични процеси. Довербата во ефективна борба против корупцијата е многу мала, загриженост предизвикуваат сопственичките односи во медиумите, констатира извештајот.

Повеќе:

Софија на тапет во ЕП, меѓу темите се и пресуди на Стразбур за македонски здруженија

ЕУ и владеење на правото - доцно будење

Бугарија: Демонстрантите полагаат надежи во Европа

Бугарска верзија на „Нема правда, нема мир“

Не е првпат Бугарија да биде мета на критики поради корупција: поради коруптивни махинации на пример во 2008 година беа стопирани околу 500 милиони европски пари од Брисел. Во тоа време во Софија на власт беше влада предводена од социјалистите.

Сега и Европскиот парламент заѕвони за аларм преку резолуција за која вчера (08.10.2020) гласаше мнозинство од европратениците („за" беа 358, „против" беа 277 и 56 воздржани). Во резолуцијата се изразува длабоко жалење што развојот во Бугарија резултира со значително влошување на владеењето на правото, на демократијата и основните права, исто така и во поглед на независноста на судството, поделбата на власта, борбата против корупцијата и слободата на медиумите. Парламентот ја истакнува својата „солидарност со бугарскиот народ во однос на неговите оправдани барања и стремежи кон праведност, транспарентност, одговорност и демократија".

„Луѓето во Бугарија заслужуваат да живеат во европска правна држава ослободени од корупција", изјави Ска Келер, шефица на пратеничката група на Зелените. А социјалдемократската европолитичарка Катарина Барли за агенцијата ДПА истакна дека со резолуцијата, Европскиот парламент застана на страната на цивилното општество.

„Луѓето во Бугарија со месеци со право протестираат", изјави Барли, а Европската народна партија, на која припаѓаат и партиите на германската Унија, ЦДУ и ЦСУ, „премногу долго го вртеше погледот од погрешно разбрано партиско пријателство со бугарската влада, поради што досега на европско рамниште не се реагирашее доволно решително на развојот во Бугарија."

Манфред Вебер - шефот на фракцијата на ЕНП во одбрана на БорисовФотографија: picture-alliance/dpa/P. v. Ditfurth

Шефот на пратеничката група на Европската народна партија во Европскиот парламент, Манфред Вебер, во парламентарната дебата го зеде во заштита бугарскиот премиер Борисов. „Сегашната влада има мнозинство во парламентот, не постои воопшто никаква причина да дава оставка", подвлече Вебер. Не е сѐ перфектно, но Бугарија може да „биде и горда на она што го има постигнато".

Фракцијата на Европската народна партија, на која припаѓа и партијата на Борисов во Европскиот парламент, вчера се обиде значително да ја „омекне" критиката во резолуцијата со цела редица предлози, кои меѓутоа главно не добија мнозинство. На крајот, голем дел од конзервативците гласаа против резолуцијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми