Евросонг меѓу шоу-програма и политика
13 мај 2013Правилата на Евросонг се јасни: „Текстови, говори и гестови од политичка природа се забранети“. Но и самата идеја да се основа натпреварувањето кое на почетокот го носеше името „Евровизиски Гран-При за европска песна“, беше политичка.
Првото натпреварување беше одржано во швајцарскиот град Лугано во 1956. Тогаш учествуваа претставници од седум земји. Единаесет години претходно тие се бореа едни против други. Заедничкиот натпревар беше симбол за нормализацијата на односите.
Мир да, Путин не
Германија за првпат победи во 1982 година. Во зенитот на мировното движење Никол ја освои публиката со песната „Малку мир“. Песните за љубов, мир и пријателство се добредојдени на Евросонг, но не смеат да се омаловажуваат други држави. Па така надлежните од Европската телевизиска унија, која го организира фестивалот, во 2009. и‘ забранија на Грузија да настапи во Москва со песната „We don't wanna Put In“. Играта на зборови во насловот беше премногу воочлива. Меѓу Русија и Грузија една година претходно се водеше кратка војна.
И две години претходно, во 2007-ма, Русија исто така беше огорчена. Тогаш челниците на руската државна телевизија во текстот на украинскиот уметник Верка Сердјучка (на фотографијата горе) ги препознаа зборовите „Збогум Русија“. Популарниот Верка кој дотогаш речиси секојдневно беше присутен на руските телевизии, преку ноќ беше тргнат од програмата.
Македонските „империјалисти“
Годинава се дигна прашина околу песната на македонските претставници Есма Реџепова и Влатко Лозановски. Некои во нивниот спот препознаа империјалистичко удирање в гради и политички пораки во правец на соседните земји. Грција и Бугарија не стигнаа ниту да реагираат на песната, а одговорните во Скопје веќе ја повлекоа песната „Империја“ и ја заменија со „Пред да се раздени“. Официјалното образложение беше дека публиката така сакала.
Проблеми во минатото се појавуваа и со сексуалните малцинства. Кога стана јасно дека Дана Интернешнл ќе го претставува Израел во 1998. година, во земјата изби бран незадоволство на конзервативците. Радоста на хомосексуалците беше дотолку поголема и во Израел и во Европа, откако Дана победи на натпреварот.
Се тврди дека хомосексуалците имаат особена наклонетост кон ова натпреварување. Токму затоа припадниците на оваа заедница во Русија во 2009. година планираа за време на финалната вечер во Москва да организираат геј-парада. Собирот сепак, беше забранет од полицијата.
Во Азербејџан во 2011. Евросонг стана приредба на претседателското семејство. Првата дама Мехрибан Алијева беше претседателка на Организацискиот комитет, а зетот на претседателот настапи како пејач во паузата пред гласањето.
Неколку недели пред почетокот на фестивалот, европските медиуми покажаа голема загриженост за состојбата со човековите права во Азербејџан. Откако мина настанот, ниту медиумите повторно ја отворија темата ниту нешто се подобри во земјата, но барем борците за човекови права и опозиционерите добија можност да ги кажат своите ставови во водечките европски медиуми.
Кога е Евросонг во прашање, многу поразлични не се ниту германските политичари. Кога Лена Мајер Ландруг слета во Хановер по победата на Евросонг ја пречека лично Кристијан Вулф, тогашниот премиер на Долна Саксонија. Вулф недолго потоа стана и сојузен претседател, но неговиот мандат траеше само малку подолго отколку што победничката песна вообичаено и‘ останува в уши на германската публика.