1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврото и натаму во слободен пад

Бригите Шолтес
9 јули 2022

Да беше еврото авион, сега ќе беше вклучен алармот. Толку ниска вредност колку сега немало во последниве 20 години. Ако продолжи надолниот тренд, наскоро ќе го стаса доларот.

Symbolbild Geld - Money
Фотографија: Joachim Hahne/johapress/picture alliance

Доларот и еврото последен пат беа изедначени во декември 2002 година. Вредноста на еврото вчера беше на 1,0180 долари, во средата претпладне вредноста на еврото се движеше околу 1,02 долари, 2 центи под курсот од претходниот ден. Пред една година вредноста му беше 1,18 долари. Експерти веќе не исклучуваат дека вредноста на овие две валути може да се изедначи. Најниска вредност еврото достигна на 5 јули 2001 со вредност од 0,8380 долари.

Грижата дека може да настапи  рецесија е предизвикувачот на таквиот пад. Пред сѐ ризикот од прекин на испораката на гас ги плаши финансиските пазари, што би ја „загушило“ конјунктурата во Германија и Европа.

Паритетот како предност?

Слаба валута може да има и свои предности, бидејќи им е од корист на компаниите кои извезуваат. Домашните производи тогаш во странство се поевтини, со што се поттикнува пласманот. Истовремено во странство се извезува и куповна моќ, зашто германски и европски производи ќе може да се набават по помала цена. 

Предност за овдешните компании кои се занимаваат со извоз и онака има само додека производите целосно се произведуваат во германскиот, односно европскиот простор и потоа се извезуваат, вели Соња Мартен, банкарски експерт за девизи. „Штом почнат да користат полуфабрикати од земји кои не се дел од ЕУ или пак состојки кои се произведуваат со големо количество потрошувачка на струја, есапот веќе не излегува", смета таа и посочува дека пред сѐ енергенсите се пресметуваат во долари. 

Инфлацијата врши притисок и врз еврото

Зголемените цени на енергенсите беа главна причина зошто надворешно-трговскиот биланс на Германија за прв пат по многу години во јуни беше негативен, што значи дека се увезувало повеќе - вклучувајќи нафта и гас - отколку што се извезувало.  Високите увозни цени, особено на енергенсите, ја поттикнуваат и инфлацијата. И ЕЦБ не може да биде рамнодушна. На крајот на краиштата, таа сака со планираните  покачувања на каматите да му се спротивстави на наглото зголемување на цените.

Во исто време, сепак, таа не сака да го стори тоа премногу брзо, бидејќи тогаш ризикува да ја закочи економијата. „Прво би можеле да се обидат да интервенираат вербално“, претпоставува Мартен. Но, искуството покажало дека тоа има тенденција да привлече шпекуланти кои би можеле повторно да го намалат курсот на еврото во рок од неколку дена. Но, надолниот тренд од последните неколку дена е сепак невообичаен: „Тоа покажува колку се нервозни пазарите“, вели Мартен. Затоа, таа не исклучува дека може да има паритет, или краткорочно вредноста на еврото да падне под нивото на доларот. 

Експертите спорат дали е доларот превреднуван, а курсот на еврото неоправдано низокФотографија: Panthermedia/imago images

Стравувања од трансатлантска рецесија

Тоа што еврото е толку слабо во однос на доларот секогаш има врска со проценката на американската валута. „Американската банка на федерални резерви, ФЕД, повторно го диктира темпото,“ појаснува поранешниот главен економист на Алијанц, Михаел Хајзе. За да се справат со инфлацијата започнаа да ги креваат каматите. Тоа на моменти ги исплаши брокерите кои во тоа време стравуваа од рецесија во САД, вели Мартен. Но, сега погледите се вперени кон Европа - ако економијата во САД има пад, рецесија ќе ја погоди и Европа.

Еврото под цена

Но, финансиските пазари сега очекуваат ФЕД да заземе повнимателен став, смета Михаел Хајзе, актуелен главен економист во ХКју Траст (HQ Trust). Ако ЕЦБ навистина го направи првото зголемување на каматните стапки во јули, а потоа следуваат и други, можеби и повисоки покачувања на каматите, тој верува дека ова би помогнало за зајакнување на курсот на еврото. Во таков случај еврото наскоро повторно би можело да котира на 1,10 долари или повеќе. И онака куповната моќ на доларот во моментов се смета за преценета. Пазарите се исто така „нервозни“ поради неизвесноста. Доколку гасот од Русија продолжи да тече, тогаш тоа исто така ќе му помогне на еврото, смета и Улрих Лојхтман од Комерцбанката. „Олку низок курс на еврото во секој случај не е оправдан“.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми