1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еврото ја мина првата голема криза во својата историја

25 март 2011

Економски теми преовладуваа на самитот на ЕУ во Брисел. Ситуацијата во Португалија останува загрижувачка, но лидерите на земјите од Унијата се надеваат дека го нашле спасот.

Symbolbild Euro Euromünzen
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со повеќе пари, построги казни и поусогласена економска политика, ЕУ се надева дека во иднина ќе успее да спречи финансиски кризи како во Португалија, Ирска и Грција. Со планот е предвидено основање на постојан фонд во вредност од 700 милијарди евра.

Според премиерот на Луксембург, Жан Клод Јункер, фондот е доволно голем, дури и ако на Португалија навистина и` затреба помош од европските партнери. Тој претходно, во интервју за францускиот канал „Франс 24“, изјави дека, според неговите проценки, на Португалија би и` биле потребни околу 75 милијарди евра.

И германската канцеларка, Ангела Меркел, изјави дека со основањето на сеопфатниот фонд за спасување на еврото, заедничката валута ја поминала првата голема криза во својата историја. „Сега има јасна политичка поддршка за еврото“, нагласи Меркел во Брисел. Според неа, заострувањето на пактот за стабилност и средствата од финансискиот фонд за еврото треба да испратат „политички сигнал до пазарите дека европските држави сакаат заедно да се развиваат.“

Стабилен курс на еврото

Меркел: Јасна политичка поддршка за евротоФотографија: AP

Во моментов, Ирска е единствената европска држава, која профитира од заедничкиот фонд. Даблин побара помош од 85 милијарди евра, а дел од тие средства се обезбедени и од Меѓународниот монетарен фонд. За Грција беше скроен сосема друг пакет.

Во меѓувреме, за Португалија станува се` потешко да обезбеди доволно пари на светските пазари. Се` поизвесно е дека ќе мора да влезе под закрила на европскиот чадор за спасување. Каматите за португалските заеми вчера (24.03) достигнаа рекордно ниво.

Курсот на еврото, пак, деновиве останува релативно стабилен, за разлика од средината на 2010 година, кога драстично опадна во однос на доларот. Вчера и денеска заедничката валута чини околу 1,40 долари.

Заеднички стрес-тест за атомските централи

Атомската безбедност е најголем приоритет за Европа - Ван РомпојФотографија: AP

Освен околу фондот за стабилизирање на еврото, шефовите на држави и влади на земјите-членки на ЕУ постигнаа согласност и околу спроведувањето стрес-тест за атомските централи во Европа. „Тоа е најголемиот приоритет за ЕУ“, рече претседателот на Европскиот совет, Херман ван Ромпој, кој истакна дека во Унијата мора да важат највисоките стандарди, кога се атомските централи во прашање.

Германската канцеларка, Ангела Меркел, пак, нагласи дека поуката од катастрофата во Јапонија мора да биде „исти стрес-тестови за сите нуклеарки во ЕУ.“ На истиот став е и претседателот на Европската комисија, Жозе Мануел Барозо. Тој побара контролите на атомските централи да се извршуваат врз основа на јасни и заеднички дефинирани критериуми.

Автор: ТТ/БГ/дпа/афп

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми