Еврото ќе се чува со 700 милијарди
22 март 2011
Трајниот пакет за заштита на еврото сега е подготвен и утврдено е колку секоја земја-членка на еврозоната поединечно треба да придонесе во заедничката каса. Само неколку часови претходно речиси никој не сметаше на конкретни бројки, но изненадувачки министрите порано од планираното излегоа пред претставниците на медиумите:
„Постигнавме широка согласност денеска. На изненадување на многумина, бргу и со голема сложност, се согласивме за овој одржлив и за финансиските пазари убедлив пакет. Тоа спроти состанокот веројатно воопшто не се очекуваше“, изјави по вчерашната (21.03) средба на министрите за финансии на земјите од еврозоната во Брисел, германскиот министер Волфганг Шојбле.
Старт во 2013 година
Притоа, Германија им излезе пресрет на малку посиромашните земји. Имено, таа со 27,1 процент ќе го сноси најголемиот товар. Севкупно, Фондот за заштита на еврото ќе опфаќа 700 милијарди евра. Овој траен механизам за спас на еврото од 1 јануари 2013 треба да го замени досегашниот Европски фонд за финансиска стабилизација, тежок 400 милијарди евра.
Во готовина во него ќе има 80 милијарди евра, додека останатото се гаранции од земјите членки на еврозоната.
Одлука на претстојниот самит во Брисел
Министрите за финансии сакаат да осигураат околу 500 милиони евра во секое време да стојат на располагање како итна помош :
„Како што и самите можете да пресметате, имаме повеќе од 500 милијарди евра. Така сакаме да осигураме одржување на најдобрата оценка за кредитна способност, тројно А, и понатаму да имаме резерви во случај да има промени во составот на учесници“, изјави еврокомесарот за монетарна политика Оли Рен.
Со тоа е утврден најважниот дел од вкупниот пакет за подобра заштита на еврото кој шефовите на држави или на влади на земјите членки на еврозоната треба да го усвојат на самит во Брисел на крајот од неделата.
Покрај тоа, би требало да бидат воведени построги казни за земјите со преголем буџетски дефицит и Пакт за поттикнување на конкурентната способност.
Автор: Карин Кајлс / Симе Недевски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска