1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Егзорцизмот на Карнеги

12 март 2020

Во политиката, доколку се искористува и практикува во полза на општото добро, итроста е доблест. Доколку пак целта е теснограда, етикетата на итрец е секако во пежоративна конотација. Пишува Арсим Зеколи

Mazedonien Arsim Zekolli
Фотографија: DW/K. Blazevska

 

Итроманство. Итреци. Итромани. Итроштина. Карактерно описни квалификативи на кои се почесто наидуваме во обидите за исцртување на психолошките профили на политичарите, но и воопшто луѓето на водечки позиции и нивниот метод на комуникација. Метод кој во жаргонот на нивните следбениците се пренесува и шири преку славење и практицирање на вештините на снаодливост, препреденост, довитливост, лукавост, подмолност издигната во стил на преживување. Стил кој со тек на времето неминовно води кон финална метастаза на новата култура на општење, моделирање и уредување на односите во општеството и меѓучовечките односи лишени од искреност, чесност и доверба. Иако најчесто користено во негативен контекст, бивањето итрец во политиката е сепак прашањето на ниетот и целта за која се користи итроштината. Во политиката, доколку се искористува и практикува во полза на општото добро, итроста е доблест. Доколку пак целта е теснограда, етикетата на итрец е секако во пежоративна конотација.

Балканот и итроштината

Тешко дека ќе најдете политички лик во регионот кој порано или подоцна не е украсно карактеризиран со една од описните варијации на итроманството. Некои тоа го дефинираат како дескриптивно компаративно наследство од времето на Јосип Броз и неговите меѓублоковски акробации. Кое ќе послужи како модел за редица пост-федерални политичари, со многу амбиции да се закитат со епитетот, но со слаби капацитети да ја изнесат тежината на споредбата.

Ние не сме исклучок од тоа правило. Дотолку што и нашиот прв Претседател по независноста беше пофално или критички – зависно од диоптерот - почестен со епитетот на „Стар Лисец”, пригодно проследен и со промоција на пиво со исто име. Во помал дел, сличниот епитет на „скриена лисица” се користеше и за Арбен Џафери од страна на неговите ривали од некогашната ПДП. За да денеска честа ја превземат Али Ахмети, Зоран Заев, а од скоро и Христијан Мицкоски. Чест која, за добро или лошо, не им беше никогаш епитетски укажана на Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски или Никола Груевски, белким поради нивните ригидни јавни имиџи.

Балканот, џанам, историски никогаш не бил поштеден од итроштините на надворешни и домашни итромани и итроманства, за што сведочат бројни литературни и фолклорни сведоштва – од Итар Пејо, Бај Гањо до Насрадин Оџа. А сепак, современата линија и школа на итроманство на балканите има поинаква квази-научна, пара-психолошка генеза надградена врз традиционалната ендемска култура. Таа парапсихолошка нишка на домашната ергела на политичко итроманство датира уште од пред деведесет години, родена отаде Атлантикот. Во умот и перото на американскиот писател Дејл Карнеги, автор на редица книги за самопомош, маркетинг, јавни говори и меѓучовечки односи.

Лекции за брз пат кон успехот

Постарите паметат дека делата на Карнеги беа едни од најпреведуваните и најпродавани книги низ скопските улични книжарници на крајот на комунизмот и зората на демократијата кај нас. Неговите дела, „Како да освоите пријатели и влијаете на луѓето”, „Уметноста на јавното обраќање”, „Како да престанете да се грижите и почнете да живеете беа безмалку на секој чекор и во сечии раце, посебно на надобудните интелектуалци од предградијата и амбициозните политичари од селата, кои во нив препознаваа инстант прозорец во начинот на капиталистичко размислување и брз пат до успехот. На што можеби и не би требало да им се замери, со обзир на тоа што делата на Карнеги се едни од глобално најпродаваните, најпреведувани, најчитани книги, со пофални препораки од такви тешкаши на успехот како Ли Јакока и Ворен Бафет.

Отрезнувачка студија

Иконокластичното славење на делата и советите на Карнеги траеше се до пред неколку години. Кога заедничкото истражување на три престижни универзитети во САД ги поби неговите канонизирани теории според кои преправањето дека ги разбирате нечиите мисли, чувства, однос или ментална состојба е вистинскиот, коректен начин за стекнување увид во меѓусебните односи. Студијата спроведена низ 25 експерименти целеше кон правење разлика помеѓу веродостојноста и егоизмот. Во таа цел, од учесниците во експирементот беше побарано да ги присвојат светогледите на другата личност и ги предвидат неговите емоции базирајќи се единствено врз неговите фациални изрази и телесни пози; да ги препознаат лажните наместо искрените насмевски; увидат кога некој лаже или ја кажува вистината итн. „Резултатите на тестот покажаа дека нивните предвидувачки претпоставки не се точни, иако претпоставките ги тераа да се осетат посамуверени за сопствениот суд и егоцентричните предрасуди”, се вели во истражувањето. Споделено со заклучокот дека добивањето на исправна перспектива низ директен разговор е најисправниот начин за добивање на веродостојна перспектива за состојбата на соговорникот. 

Претходни колумни од авторот:

Детулето на Манданата

Нова методологија на Стара Европа

Графити позади таблата

Acquis Mukoskitaire

Дури и по таквата отрезнувачка констатација, би било сосема некоректно да заклучиме дека првичната намерата на Карнеги не била чесна или пак водена од некаква пакосна замисла на униформизација на меѓучовечките односи или индивидуални животни амбиции. Но како што намерата на Орвел не била од „1984” да направи прирачник за воспоставување диктатура, така ни намерата на Карнеги секако не била да неговите дела станат манускрипти за конфекциска обука на унисекс политичари во лицемерно освојување и третирање на следбениците. Уште помалку да од нив создаде култ на итроманска манипулација во кој политичарите меѓусебно се препознаваат според социопатската харизма, додека пак следбениците стануваат жртва на сопствената потреба да веруваат во месијански спасенија.

Култура на вербална слаткоречивост 

Егоистичното монотоно читање на Карнеги од страна на политички амбициозните небаре создаде нова политичка култура и нова генерација политичари со различни вокабулари но со помалку или повеќе сличен пристап кон јавноста. Култура на вербална слаткоречивост, автоматизирана гестикулација, перфектно стерилни насмевки и униформирано држење, научени низ редици тренинзи и семинари за Public Relations. Што со тек на времето вроди со генерации политички клонови со надворешна експресивна имитација на емпатија, срдечност, љубезност, заинтересираност, сочувство, внимание и/или солидарност проследена со внатрешно прикриена ексклузивна дистанца на студена калкулација, саможивост, оттуѓеност, нарцизам, бесчувствителност и агресивност. Со тек на времето, таквата репродукција на фиктивна различност и фактична сличност ја истисна спонтаноста и човечката фаличност. Изборот помеѓу различноста се редуцира на базична дистинкција според децибелажа, минутажа, боја на вратоврски  и канонада на взаемни обвинувања со ист арсенал блатења за исти лоши поведенија. На крај, поуките на Карнеги „за стекнување сојузници” ја губат сопствената смисла, сведувајќи ги клонираните рецитатори да разменуваат сценски тиради - без публика.  

Истрошеноста на методологијата на Карнеги за конфекциска срдечност на крај не донесе до денешната состојба. Во која обичните луѓе преферираат рудиментарна искреност - па нека е и искажана во релативно вулгаризирана форма - отколку префинета политичка коректност. Политиката ја препознава таквата тектонска реконфигурација и се обидува да фати приклучок – од симнување вратоврски до очајно смешни обиди да бидат „како чичкото од карши”. Проблемот е што – според истражувањето на Универзитетот Бен Гурион – луѓето веќе не бараат имитација на „чичкото од карши” туку преферираат да му веруваат на – автентичниот чичко од карши, таков каков што е, сличен на нив и нивната несовршеност. Но тоа е популизам!, ќе кажете. Таа исправна забелешка сепак не нуди одговор на фактот што популизмот не се раѓа во вакуум, туку е реакција на злоупотребената добра волја на општеството. Во дадениот случај, на довербата во институцијата на демократијата.

Порано подобро отколку подоцна предоцна, претставничката демократија ќе мора да ја научи и цени однова вредноста на искреноста во комуникацијата со граѓаните, гласачите. И наместо нудење опасни едноставни решенија за опасно комплицирани прашања, да се осмелат да ги едуцираат за комплексноста на реалниот свет на денешницата. Се помалиот одзив пред изборните кутии е камбаната која алармантно одекнува и предупредува за критичниот час за напуштање на праксата на нудење формули кои клиентелистички претплатничките кохорти сакаат да ги слушнат. И прифаќање на храброста да граѓаните се третираат како возрасни суштества кои треба да се почитуваат преку демонстрирање на искреност и совест. Во спротивно, сцената ќе биде превземена од поинаква сорта „искрени” политичари. Со драматично неполезен ниет.    

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми