Египетскиот претседател во судир со армијата
9 јули 2012Египетскиот претседател Мохамед Мурси со декрет нареди да биде повлечена одлуката на Уставниот суд од 15. јуни за распуштање на парламентот. Мурси го повика Народното собрание да се собере одново и да си ги извршува овластувањата. Тој настојува да се одржат нови парламентарни избори, 60 дена по одобрувањето на новиот устав, кој се очекува да биде донесен кон крајот на годината. Египетскиот парламент беше распуштен минатиот месец откако Врховниот уставен суд го оквалификува како незаконски. Одлуката, тогаш поткрепена од воените сили, силно ги разлути Муслиманските браќа, најголемата политичка партија во парламентот. По одлуката на Мурси, Врховниот совет на вооружените сили на Египет се собра на итен состанок. Еден од генералите изјави дека војската претходно не била информирана за одлуката на Мурси. При нефункционирање на парламентот, Врховниот совет на вооружените сили си ја присвои законодавната власт.