1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Архитектура

Египет: Нов град за новиот фараон

Бјерн Блашке
31 март 2018

Победата на Абдел Фатах ал-Сиси на претседателските избори во Египет беше очекувана. Тој се обидува да ги смири критичарите на својот режим со мега-проекти. Еден од нив е и новиот главен град.

Neue Hauptstadt für Ägypten
Фотографија: picture-alliance/dpa/Matthias Toedt

Бившиот генерал и сегашен претседател на Египет, Абдел Фатах ал Сиси, од своето доаѓање на власт пред четири години, се впушти во цела низа големи проекти: изградени се повеќе хидороелектрани, проширен е Суецкиот канал, изградени се нови патишта, отворена нова економска зона.

Но, најдраг проект на египетскиот претседател секако е новиот главен град на Египет, а Ал Сиси верува дека уште ќе биде претседател кога тој ќе биде завршен, што е планирано за 2022. година. Барем кога станува збор за овие избори, тој практично немаше противкандидати: некои се уапсени, некои во чудни околности ги повлекоа кандидатурите.

Од друга страна, древниот главен египетски град Каиро е безнадежно преполн. Затоа во 2016. година започна изградба на нова метропола во пустината, на 40-тина километри јужно од Каиро. Планирана е за преку седум милиони жители и ќе ги нуди сите угодности на денешницата, но истовремено ќе биде и еколошки ориентирана, ќе ја користи сончевата енергија.

Патоказ до новиот главен градФотографија: picture-alliance/dpa/Matthias Toedt

Изненадување зад тунелот

Приодот кон огромното градилиште засега не е спектакуларен: по возење низ пустината по прашливиот автопат кој го поврзува Каиро со Црвеното Море, нашиот возач свртува кај стражарска куќичка. Срдечно ги поздравува двата автомобила кои поминуваат покрај него, зашто знае кој е во нив: вработените во канцеларијата за односи со јавноста на компанијата АЦУД, која го гради новиот главен град. По куќичката, патот води во тунел и зад него конечно се гледа: градилиште до каде што стига погледот.

Низ градот ќе поминува мрежа на сообраќајници долга 650 километри, а дел од авенијата веќе е асфалтиран. Инаку, стотиците, можеби и илјади камиони, багери, мешалки за бетон и други градежни машини едвај би можеле да напредуваат. 

Ахмад ал Хилали, портпарол на АЦУД, нѐ води до градилиштето на џамијата Ал Фатах. „Гигантска“ би бил дури и благ израз: „Минарињата ќе бидат високи 70 метри, во главната сала ќе има место за преку 8.000 верници. Планирано е да биде завршена до јуни. Претседателот би требало овде да дојде на молитва на крајот на следниот Рамазан“, ни вели Ал Хилали, додавајќи и „иншалах“- „ако даде Алах“. И секако инвеститорот: „Сиситаун“, како што го нарекуваат западните медиуми, би требало да чини 45 милијарди долари.

Конференциска сала во еден од хотелите во новата египетска метрополаФотографија: picture-alliance/dpa/Matthias Toedt

Црквата е веќе тука

Недалеку од џамијата се наоѓа и градилиште за големата црква, на чиј врв веќе стои крст. За разлика од времето кога Муслиманските браќа владееја со Египет и тамошните христијани стравуваа за својот живот, Ал Сиси и со оваа градба сака да покаже дека тоа е и нивната татковина - десетина проценти од 100 милиони жители на Египет се христијани. Затоа и црквата е огромна, на три ката. Во приземјето собира 2.500 верници, на второто и третото ниво уште 10.000. Верскиот водач на коптските православци уште минатиот Велигден тука држеше света служба, присутен беше и египетскиот претседател.

Повеќе: 

Крвав напад врз коптска црква во Каиро

Но, центар на метрополата секако ќе биде седиштето на владата. Веќе следната година би требало тука да се преселат и министерствата, а претседателот да се всели во својата нова палата. Новиот Конгресен центар и хотел на влезот во владиниот кварт се веќе готови, на останатото забрзано се работи.

„Со изградбата на владиниот кварт би бил завршен првиот дел од првата фаза. Би требало да следат уште две фази, подеднакво амбициозни: изградба на економско и банкарско јадро, опера, кино сали и театри, ресторани и продавници, амбасади, школи и универзитети“, објаснува Ал Хилали.

Повеќе: 

Суецкиот канал - машина за пари

Се градат илјадници становиФотографија: picture-alliance/dpa/Matthias Toedt

„Граѓаните нема да ги чини ни еден цент“

Но, кој ќе го плати ова? Ни објаснуваат дека државата им продава земјиште на инвеститорите кои ги планираат градските реони и ја започнуваат изградбата дури откако ќе најдат кој ќе работи и живее таму. Тешко е да се каже дали е навистина така, уште повеќе што на градилиштето има и многу војници, поточно - инженерски единици на египетската војска. Тие се задолжени за патишта, мостови и тунели и Ал Хилали нѐ уверува дека граѓаните на Египет не мора да стравуваат дека подигањето на новиот главен град на крајот ќе значи удар за нивниот џеб. Тоа е одлука на Претседателот, ни вели тој: проектот мора да се самофинансира.

Ако ги погледнеме таблите со имињата на фирмите кои таму работат, тоа се исклучиво египетски фирми кои се одзвале на повикот на својот претседател. Меѓународни компании, признава и Ал Хилали, покажале интерес, првенствено кинески, но ништо не е договорено.

Во новиот град е речиси готова и првата населба со околу 35.000 станови. Ни покажуваат еден од нив, сѐ е едноставно - бања, кујна... Ова треба да биде само почеток: Претседателот најавува зголемување на бројот на жители за најмалку 10.000 месечно кога преселбата конечно ќе почне. Планирани се уште дваесет станбени квартови и уште дваесет облакодери, еден од нив ќе биде највисоката зграда во Африка. Сите работници, посебно во присуство на функционери од компаниите, ни тврдат дека се горди на она што го работат и и самите би се преселиле тука.

Ќе можат ли да си го дозволат тоа? Без оглед што ни објаснуваат дека проектот самиот се финансира, овие први станови се градени на државен трошок. Колку ќе чинат, уште не е решено.

Долга историја на нови главни градови

Работниците сепак се среќни што имаат работа: речиси 200.000 луѓе директно или индиректно работат на новиот главен град на Египет. Ако кон тоа се додадат и другите големи проекти во земјата, стапката на невработеност, со години преку 12 проценти, сега е падната за еден процент, тврди Статистичкиот завод во Каиро. 

Потоа останува одлуката како ќе се вика новиот град: за името „Сиситаун“ египетскиот претседател сигурно нема да се согласи, зашто е премногу скромен, ни тврди Ал Хилали. Работниот наслов засега гласи - „Метропола ново Каиро“.

Додуша, во земја со толку долга историја како онаа на Египет, веќе имало изградба на нови главни градови. Тука не мислиме само на Александрија, метрополата на големото царство создадено од Александар Македонски. Уште фараонот Ехнатон во 14. век пред новата ера дал налог за градба на величествениот град Атонов Хоризонт, барем така е забележано на хиероглифите.

Но, славата на тој град траела многу кратко: набрзо по смртта на Ехнатон, Тутанкамон се вратил во старата метропола Мемфис, а Атоновиот Хоризонт бил напуштен и разорен. Таму останало само мало, сиромашно село, а по местата каде чекорел фараонот, со столетија паселе овци и кози...

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми