1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Едвард Сноуден - запоставен и заборавен

Миодраг Шориќ
1 август 2018

Веќе пет години Едвард Сноуден е заглавен во Москва. Тој разоткри како тајните служби на САД ги шпионирале пријателите и непријателите. Светот тогаш беше во шок. Но речиси ништо не се промени, смета Миодраг Шориќ.

Edward Snowden
Фотографија: Reuters

Со денови, па дури и со недели неговото име беше на насловните страници на светскиот печат: Едвард Сноуден. Човекот кој работеше за американската тајна служба и кој пред пет години разоткри дека таа служба шпионира милиони луѓе, делумно незаконито, собирајќи податоци за пријателите и непријателите, за канцеларката Меркел, еднакво како и за осомничените за тероризам. За ЦИА и НСА практично се сомнителни сите. Дури и луѓето во нивната земја. Поранешниот директор на националната разузнувачка служба, Џејмс Клапер во март 2013 година пред парламентарците тврдеше дека нема собирање на податоци за Американците. Денес знаеме дека лажел под заклетва. Тој, за тоа, не е казнет. Американската правна држава завршува кај националната тајна служба.

Сноуден изнесе обвинувања на сметка на тајните служби, разоткри колку лабаво Фејсбук и другите интернет концерни се однесуваат со податоците на своите корисници. Тој на светот му ги отвори очите и го запозна со фактот дека за мнозинството корисници на смартфони и компјутери веќе и не постои приватна сфера. Набљудувањето и надзорот на „Големиот брат“- тоа во меѓувреме е тажна реалност. Индустриските менаџери и разузнувачите уште пред повеќе години стапија во невообичаен сојуз, за да испитаат сѐ и секого. Секогаш образложувајќи дека само го сакаат најдоброто за граѓаните. Сноуден не само што го осуди тоа, туку и достави докази оти тоа е навистина така.

Политички прогонуван

За време на разоткривањето Сноуден водеше сметка да не ги загрози операциите на тајните служби кои беа во тек, како и човечки животи. Не им откри на медиумите сѐ што знае. Но, тоа не го заштити од обвинувањата од страна на речиси сите американски политичари. Го навредуваа дека е предавник на татковината. Актуелниот советник на Трамп за безбедносни прашања, Џон Болтон, сакаше да го види „како виси на голем даб“. Зошто? Затоа што ја кажа вистината? Кој прашува каква конкретна штета Сноуден им нанесе на тајните служби на САД, до денес не добил задоволувачки одговор. Сепак, нему му се заканува смртна казна ако се врати во САД.

Повеќе на темата:

-Сноуден доби уште три години престој во Русија

-НСА му ја олеснила работата на Сноуден

-Сноуден: Владата на САД сака да ме убие

Миодраг Шориќ, автор на коментарот

Но тоа сега не изгледа возможно. Ситуацијата околу Едвард Сноуден се смири. Неговото бегство од безбедносните сили на САД заврши токму во Русија. Во земја во која доминираат безбедносните сили, таканаречените „силовики“. Во земја со ограничена слобода на медиумите и говорот. Заштитата на податоците во Русија во догледна иднина ќе остане странски збор. Сноуден ни пред тоа не ги затвора очите и со јасни зборови го критикува Кремљ. Не, Сноуден не е предавник и некој кој преминал во други редови. Тој е личност која е политички прогонувана. Заврши во Русија, затоа што западноевропските земји, меѓу нив и Германија, не сакаа да му дадат азил. Европејците не сакаат да влезат во спор со Американците. Циниците тоа го нарекуваат реална политика. На Европејците им се поважни добрите односи со САД отколку да му одобрат азил на еден слабичок, мал човек, кој има светски заслуги кога е во прашање демократијата и владеењето на правото.

Последици до денес

Секако дека е иронија на историјата што Сноуден сега се крие во Москва. Но тоа не е само иронија. Доналд Трамп тесно победи на изборите. Знаеме дека податоците од Фејсбук ѝ помогнаа на компанијата „Кембриџ аналитика“ да влијае врз изборите - во полза на републиканците. Трамп тоа никогаш не ќе може да го демантира. Но претседателот Обама мора да прифати критика: тој откритијата на Сноуден требаше да ги искористи како повод за подобра заштита на прифатната сфера на граѓаните. Во тој случај на „Кембриџ аналитика“ немаше да ѝ биде лесно. И денес некој друг можеби ќе беше претседател, а шефица на ЦИА немаше да биде жената која ги надгледувала мачењата на Тајланд, зад кои стоеја американски агенти.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми