Еден загинат во торнадо во Јапонија
6 мај 2012Едно лице загина, а 40 се повредени и стотина куќи се уништени, во две торнада што ја зафатија околината на јапонската престолнина Токио, оставајќи илјадници домаќинства без електрична енергија.
Пожарникарите и медицински тимови со хеликоптери интервенираа во областа погодена со првото торнадо, кое удри на градот Цукуба, на 60 километри североисточно од Токио.
На објавените телевизиски снимки се гледаат голем број куќи без покриви, згради со урнати балкони и искршени прозорци, како и паднати телефонски столбови. Се‘ уште не е познат точниот број на оштетени објекти. Се шпекулира со број од неколку стотина.
Второто торнадо го погоди градот Мока, на 80 километри северно од Токио. Таму нема жртви, но предизвикана е голема материјална штета. Повеќе од 20 илјади куќи останале без електрична енергија.
Јапонските власти прогласија опасност од торнада во централниот, источниот и североисточниот дел на земјата во текот на целиот ден.