Еден милион луѓе бегаат од ураганот „Флоренс“
11 септември 2018Брзината со која ураганот „Флоренс“ му се приближува на брегот изнесува само околу 20 километри на час, но ветрот веќе кружи со брзина од 220 километри на час. „Флоренс“ би можел да биде најсилниот ураган во последните три децении.
Властите на американската сојузна држава Јужна Каролина наредија евакуација на целото крајбрежје. Гувернерот Хенри Мекмастер смета дека ќе бидат погодени околу еден милион луѓе. „Ураганот е многу опасен“, изјави тој. Поради тоа, се презема сѐ за луѓето да не се изложат на ризик. И во делови на Северна Каролина и Вирџинија од граѓаните е побарано да се засолнат на безбедно.
Американската морнарица ги напушта пристаништата
„Флоренс“ би можел да стигне до брегот на Јужна или Северна Каролина во четврток. Тој е веќе категоризиран во ураган од четврта категорија. Тоа е степен за брзина на ветрот над 209 километри на час. Националниот центар за урагани (НХЦ) во Мајами, Флорида, смета дека „Флоренс“ денеска ќе добива уште повеќе на сила.
Американската морнарица им издаде наредба на десетици воени бродови во базите Хемптон Роудс и Норфолк во Вирџинија да се преместат на отворено море, со оглед на тоа што останувањето во пристаништата е преопасно. „Нашите бродови можат подобро да издржат вакви урагани кога се во движење“, изјави командантот на морнарицата Кристофер Герди.
Опасно по живот
Метеоролозите предупредуваат од поплави и екстремни дождови опасни по живот. Пред една и пол година, во период од само неколку недели на Карибите и на југоистокот на САД големи штети предизвикаа три урагани - „Харви“, „Ирма“ и „Марија“. Притоа животот го загубија илјадници луѓе.