Свет во чад и пламен. Она што стигнува до нас од Појасот Газа не се само слики од вестите, туку и симбол за заканите кои произлегуваат од аздисаното владеење на Доналд Трамп, смета Инес Пол.
Реклама
Што го тера овој човек да го прослави симболичното ново отворање на амбасадата на САД токму на 70-годишнината од протерувањето на Палестинците од сегашните израелски територии? Објект чија една половина се наоѓа на територијата на источен Ерусалим? Таму, каде Палестинците сакаат да го формираат седиштето на својата влада во случај на решение за две држави. Ова е дипломатска шлаканица за многу Палестинци, која меѓутоа не ги оправдува насилните немири. Таа меѓутоа провоцира до степен до кој предизвикувачот се претвора во соучесник. Затоа за бројните мртви и повредени соодговорен е и Доналд Трамп.
„Прво Доналд Трамп“
Што го тера овој човек, со еден потпис да го уништи толку макотрпно постигнатиот нуклеарен компромис со Иран без консултации со неговите досегашни европски сојузници и координирање натамошните чекори? И со тоа тој однапред прифаќа натамошна ескалација на Блискиот Исток. И онака патем, во егзистенцијална криза го доведува 70 години постоечкиот мировен поредок со и во Европа.
Што го тера овој човек, кој се чини дека прави сѐ што е можно да ги уништи достигнувањата на неговиот претходник, без да има план за тоа кој треба да следи по чинот на уништување?
Доналд Трамп никогаш претходно не работел како демократски избран политичар. Тој не е социјализиран во оваа работа, која се состои од давање и земање, макотрпна борба за компромис, мерење на предностите и недостатоците, во добри случаи секогаш со свест за последиците од политичкото дејствување - дури за оние кои досегаат многу подалеку од актуелниот ден.
Треба само да се погледнат самоизбраните симболи на неговата моќ. Тоа е неговото позлатено име кое сјае на облакодери и би требало да го покаже следново: Гледајте, јас сум над сè. И можам да го направам она што го сакам. И тоа го разоткрива неговиот вистински импулс, кој не гласи „Прво Америка“, туку „Прво Доналд Трамп".
Ова сознание и не е вистински ново. Меѓутоа, овие денови ја покажуваат катастрофалната моќ на овој човек. Доналд Трамп нема план Б. Тој при своите постапки не размислува за последиците, кои може да се почувствуваат дури за четири или осум години. Тој не се грижи како неговите постапки и вербални напади влијаат врз земјите надвор од САД.
Тој ја користи моќта бидејќи може. Секогаш сака да привлече што е можно поголемо внимание. И најлесниот начин да се направи тоа е да се уништат работите со голема лежерност.
Тоа е причината зошто тој токму на овој ден ја премести американската амбасада во Израел. И тоа е причината зашто го урниса договорот со Иран, без да знае што ќе се случи потоа.
Разбудете се Германијо и Европо!
За Европа и Германија, тоа значи ништо помалку од - конечно да се разбудат: Седум децении по завршувањето на Втората светска војна, Европа мора да порасне. А тоа вклучува преземање на одговорностите за надворешната и безбедносната политика. Германија, конечно, мора да биде искрена и да инвестира повторно во сопствената армија Бундесверот. Британците, настрана од Брегзит, мора да си разјаснат како можат и сакаат да соработуваат со Франција и Германија во однос на безбедносната и одбранбената политика. И пред сѐ , Европа мора да најде начин да го спречи внатрешното распаѓање и со нови големи напори да дефинира во каква заедница треба да се одвива соживотот во иднина.
Ова се големи предизвици и многу неизвесности. Но, едно е сигурно: не само што Европа не може да се потпре на земја со која владее човек како Доналд Трамп, туку и не смее. Овие вести што ни доаѓаат од Појасот Газа овие денови се тажен доказ за егзистенцијалната итност.
Град на судири: комплексната историја на Ерусалим
Ерусалим е еден од најстарите и најоспоруваните градови во историјата на светот. Ерусалим е свет град за евреите, муслиманите и христијаните. Оттука произлегуваат и речиси сите контроверзи поврзани со него.
Фотографија: picture-alliance/Zumapress/S. Qaq
Ерусалим, градот на Давид
Според Стариот завет, Давид, кралот на двете кралства на Јудеја и Израел, го освоил Ерусалим околу 1.000 година пред новата ера. Седиштето на владата го префрлил во Ерусалим, со што го претворил во главен град и верски центар на кралството. Библијата вели дека синот на Давид, Соломон го изградил првиот храм во чест на Јахве, богот на Израел. Ерусалим станува центар на јудаизмот.
Фотографија: Imago/Leemage
Под персиска управа
Нео-вавилонскиот крал Небукаданезар II (трет од лево) го освоил Ерусалим во 597 п.н.е., според Библијата. Ги заробил кралот Јехоаким (петти од десно) и припадниците на високата класа, ги испратил во Вавилон и го уништил храмот. Откако персискиот крал Сирус Велики го освоил Вавилон, им дозволил на прогонетите Евреи да се вратат во Ерусалим и повторно да го изградат својот храм.
Од 63 година п.н.е. Ерусалим паѓа под окупација на Рим. Се формираат повеќе движења на отпорот, па во 66 година избувнува првата Еврејско-Римска војна. По четири години војната завршува, а храмот е повторно уништен. Римјаните и Византијците владеат со Ерусалим околу 600 години.
Фотографија: Historical Picture Archive/COR
Освојувањето на Арапите
При освојувањето на Сирија, муслиманските армии стигнуваат и до Палестина. По наредба на Калифот Умар (на фотографијата), Ерусалим е освоен во 637 година. Во следните години повеќе различни, меѓусебно спротивставени муслимански владетели го контролираат градот. Ерусалим е често под опсада, а владетелите се менуваат.
Фотографија: Selva/Leemage
Крстоносците
Од 1070 година, муслиманските владетели стануваат сѐ поголема закана за христијанскиот свет. Папата Урбан II повикува на крстоносна војна. Севкупно, пет крстоносни походи се организираат во период од 200 години. Во 1244, крстоносците конечно ја губат контролата врз градот и тој паѓа под муслиманска управа.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Отоманите и Британците
По освојувањето на Египет и Арабија од Отоманите, Ерусалим станува административно седиште на Отоманскиот административен регион во 1535 година. Во првите децении на отоманското владеење, градот доживува процут. Со победата на Британците над Отоманските трупи во 1917 година, Палестина потпаѓа под британска управа. Ерусалим е преземен од Британците без борба.
Фотографија: Gemeinfrei
Поделениот град
По Втората светска војна, Британците се откажуваат од палестинскиот мандат. ОН гласаат за поделба на земјата, со цел да се отвори простор за преживеаните од Холокаустот. Неколку арапски држави започнуваат војна против Израел и освојуваат дел од Ерусалим. Сѐ до 1967 година, градот е поделен на израелски западен и јордански источен дел.
Фотографија: Gemeinfrei
Израел го освојува источен Ерусалим
Во 1967, Израел ја започнува Шестдневната војна против Египет, Јордан и Сирија. Израел ги освојува Синај, Појасот Газа, Западниот Брег, Голанската висорамнина и источен Ерусалим. Израелски падобранци доаѓаат до Стариот град и стојат пред Ѕидот на плачот за првпат од 1949 година. Источен Ерусалим не е официјално анектиран, туку административно интегриран.
Израел не им забранува на муслиманите пристап до светите места. Ридот на храмовите е под автономна муслиманска администрација: муслиманите можат да влегуваат, да го посетуваат храмот и блиската Ал-Акша џамија.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Gharabli
Нерешен статус
Ерусалим до денес останува пречка за мирот меѓу Израел и Палестина. Во 1980, Израел го прогласува целиот град за свој „вечен и нераздвојлив главен град“. Откако Јордан се откажува од своето право на Западниот Брег и Источен Ерусалим во 1988 година, прогласена е државата Палестина. И Палестина го смета Ерусалим, во теорија, за свој главен град.