Единствена патарина за Европа!
3 јуни 2015 Противниците на воведувањето патарина за странски возила во Германија, како што е сега замислено, се надеваат дека Комисијата на ЕУ ќе ја спречи реализацијата. Таа се закани дека ќе го стори тоа ако затреба и со пресуда на Европскиот суд. Патарина чиј износ за домашните возачи во Германија ќе биде компензиран со намалување на данокот за моторни возила, би ги ставила странските возачи во понеповолна ситуација и поради тоа се претпоставува дека е спротивна на европските правила. Во Австрија, на пример, сите возачи - значи и домашните - плаќаат патарина.
Но, оние во Германија, кои мислат дека поради тоа ќе бидеме поштедени од патарината, можеби прерано се радуваат. Многу е реално патарината да биде воведена, но да изостане компензацијата преку намалување на данокот на моторни возила. Тоа всушност би бил наједноставниот пат за патарината да биде конформна со правилата во ЕУ. Истовремено германската држава би остварила значителни приходи. А без патарина, според министерот за сообраќај Александер Добринт, не е можно, оти патиштата и мостовите се во лоша состојба.
Некои веруваат дека Добринт од самиот почеток калкулирал со европскиот приговор. Тоа во секој случај би била перфидна измама на избирачите од страна на една влада која беше против покачување на даноците и чија канцеларка дури во предизборната кампања дури категорично исклучи воведување патарина. Тоа до денес е исклучиво проект на баварската Христијанско-социјална унија (ЦСУ), чии избирачи се од сите страни опколени од земји во кои има патарина. Во сите други делови на Германија всушност патарината има само противници.
Наскоро секоја земја своја патарина?
Оттука е апсурдно до каде стигна таа улава идеја. Дури и ако Германија во иднина има патарина согласна со европските норми, на европско ниво проблемот не би бил решен. Секоја држава, која досега одржувањето на своите автопатишта го плаќа од општиот данок, би можела да го следи примерот „заради праведност“. Во иднина, на пример, кој со автомобил ќе се упати од Хамбург кон Лондон, би можел да биде принуден да плаќа, покрај германска, уште и холандска, белгиска, евентуално и француска патарина (досега релацијата до Кале е бесплатна), како и британска патарина!
Сакаме ли со националните одлуки за патарина да воспоставиме на „мала врата“ нови граници? Ситуацијата не би била подобра ни кога наплатата на патарината би одела преку сателитски поддржан, целосно дигитализиран систем, оти, настрана од дополнителните трошоци за секој возач, од регистрираните податоци би се добил перфектен профил за движењето на секого.
Можно решение преку цената на горивото
Добар аргумент во прилог на патарината, што го согледува и Комисијата на ЕУ, е дека трошоците за одржување на автопатиштата посилно ќе се префрлат врз корисниците. Но, веќе има еден многу поедноставен систем за тоа и тој функционира толку перфектно, што одвај некој и да го забележува: тоа е цената на горивото! Веќе денес во неа се вклучени севозможни даноци, кои - сите заедно - претставуваат енормен извор на приходи.
Само треба цената да се покачи за два или три центи по литар и веќе би се добиле милијaрди евра без никакви дополнителни административни трошоци. Освен тоа, би се избегнал ефектот на оптоварување на споредните патишта условен од патарината. Но, државата ќе мора дополнителните приходи наменски да ги троши за одржување на патиштата - досега парите од даноците вклучени во цената на горивата не се врзани за одредена намена. Најдобро би било ако во сите земји на ЕУ цената на горивата би била покачена за ист износ. Така не би бил загрозена конкурентскиот натпревар кај цените, оти патарината не би играла улога во тоа.
И, независно од ова, на секоја нова давачка кон државата би морало да се гледа критички. Оти, искуството покажува: ако еднаш бидат воведени, тие никогаш веќе нема да бидат укинати. Така, во Германија и натаму се плаќа посебен данок за сект (пенливо вино - н.з.), воведен за градење на воена флота во времето кога Германија била монархија со кајзер (цар - н.з.). Данокот уште постои, иако флотата на кајзерот одамна потона.