Единство, слобода, празник
3 октомври 2014
Германците не се вистински среќни со 3. октомври како национален празник. Датумот е чисто технички, востановен пред 24 години, што тогаш беше диктирано и од роковите за избори по обединувањето на земјата. Затоа на овој ден можеби и не се создава вистински празнична атмосфера. Па сепак, Денот на германското единство секоја година наново е повод за да се погледа како стојат работите токму со тоа единство. Секоја година статистиките ни даваат податоци во врска со него - да фрлиме поглед по 24. пат: економската сила на новите сојузни покраини (од некогашната Германска Демократска Република, н.з.) и натаму е за една третина под нивото на старите покраини од западниот дел на земјата. Источногерманците во просек заработуваат значително помалку, нивниот имот изнесува колку половина на оние од Западот. Само приближно секој петти Западногерманец го има посетено Истокот. Единство - во никој случај!
Навистина, ни економската сила на некои региони на Западот не е многу поголема. Пензиите на Западот се значително пониски отколку на Истокот, при значително повисоки животни трошоци. Инфраструктурата на Западот е застарена, жените во Германија насекаде заработуваат помалку од мажите и одвај некој Горнобаварец во животот некогаш да ја посетил Долна Саксонија.
Разликите не исчезнаа, во меѓувреме ги има насекаде. Источните и Западните Германци едни со други се сметаат за многу различни. Но, во она што им предизвикува грижи и во она што им е важно, тие се многу блиски: животниот стандард, семејството, пријателите, партнерството и кај едните и кај другите се во врвот според важноста. И слободата, која на сите им е најважна, е слободата на изразување на мислењето.
Да се радуваме!
Но, сметам дека време е заедничкото да го земеме како поважно, отколку она што не‘ дели. Така, во меѓувреме, едно мнозинство од Германците е за тоа, Германија посилно да се ангажира во меѓународните кризи. Тоа е ново. Време е граѓаните на најбројната според населението и економски најсилната нација во Европа да станат посвесни за својата одговорност и да се соочат со својата улога - таа дебата би била достојна за еден национален празник. Колку и да е проблематичен поимот „нација“ во фонот на неговата злоупотреба во германската историја - помладите луѓе во оваа земја веќе не се сфаќаат себе си како Источно- или Западногерманци, туку како Германци и Европејци.
Се разбира, не мораме да го преименуваме Денот на германското единство. Да се радуваме дека никој во или надвор од земјата не ни помислува сериозно дури ни како за можност тоа единство повторно да го разбие. Да се радуваме дека е заедно она, што и онака заеднички си припаѓа. Да се радуваме дека имаме национален празник. Да му се радуваме на слободниот ден - и да славиме!