1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еди Рама: Очекуваме почеток на ново поглавје во Македонија

29 ноември 2016

Ние сме многу заинтересирани за стабилноста и што е можно поголем и траен напредок во Македонија, вели албанскиот премиер за ДВ

Edi Rama bei Conflict Zone
Фотографија: DW

Албанскиот премиер Еди Рама на 28 ноември престојуваше во Берлин, кога со него разговараше Аделхајд Фајлке, главен уредник на програмата за Европа на Дојче веле. 
 

Дојче веле: По средбата со германската канцеларка Ангела Меркел, дали добивте зелено светло за германска поддршка и покрај тоа што не се исполнети седум точки од неодамнешната критика на пратеникот во Бундестагот, Гинтер Крихбаум, кој тврди дека Албанија сѐуште не исполнува многу важни критериуми на патот кон ЕУ?

Еди Рама: Станува збор за пет приоритети кои не се предуслови. Тие пет приоритети се важечки и за многу земји-членки, во позитивен смисол на зборот. Конкретната содржина на разговорите со канцеларката подлежи на доверливост. Но, ние очекуваме Германија во декември да ја поддржи Албанија, онака како што досега секогаш го правеше и убеден сум, ќе го прави и во иднина. Нормално е да постојат пратеници кои го изразуваат својот став во различни парламенти во ЕУ и тоа не е ништо невообичаено. Но, терминот во декември е поврзан со ставот на германските и другите влади во врска со препораките на Европската комисија.Канцеларката ги поздрави резултатите од важните реформи кои ние ги спроведовме. Таа притоа во својата изјава секако се повикува на извештајот на ЕК за напредокот на Албанија.

Зелено светло дава Европскиот совет. Затоа, мора да сочекаме како ќе реагира Советот на препораките на ЕК. Во секој случај, на сите треба да им е јасно, како што ни е и нам од првиот ден, дека не е можно отворање на преговори, а нема никаков смисол ни да се бара такво нешто, ако не почнеме да ја почитуваме правната држава. Тоа е единствениот услов за Албанија. Притоа, Германија ни пружи голема поддршка при реформата на судството.

Се има впечаток дека имате многу добри односи со својот српски колега по функција, Александар Вучиќ. Сепак, постојано се случува по средбата со него да дојде до незадоволства на Косово и обратно, по средбата со косовскиот премиер  да завладее незадоволство во Србија. Како би можеле конструктивно да ја користите својата улога во тој триаголник?

Еди Рама: Ве уверувам дека порталите на кои се повикувате, не ја отсликуваат реалноста. Напротив, на нив треба да се гледа со најголема претпазливост, зашто врз вивна основа може да се стекне деформирана слика на стварноста. Во односите кои ги нарекувате триаголник, нема проблеми. Напротив, сметам дека имаме фантастична соработка и меѓусебно разбирање со претседателот, премиерот и институциите на Косово. Во рамите на таа соработка и разбирање е јасно дека се договараме и координираме околу нашиот став кон Србија исто како и кон секој друг, тогаш кога е тоа неопходно.

Македонија се наоѓа пред вонредни избори на 11 декември. Ситуацијата во земјата е напната. Што мислите, може ли земјата да излезе од тешката ситуација?

Еди Рама: Ние сме многу заинтересирани за стабилноста и што е можно поголем и траен напредок во Македонија. Стабилноста е решавачка за регионот, исто така и за Албанија. Нашиот посебен интерес за тоа е и постоењето албанско население кое живее во Македонија. Со интерес го следиме изборниот процес и се надеваме дека тој ќе значи крај на големиот спор и почеток на ново поглавие за нашите соседи. Без сомнение, посакуваме и се надеваме на продолжување на процесот на реализација на Охридскиот договор и дека слободите и правата на Албанците од ден во ден ќе стануваат посолидни, во рамките на уставот на Македонија.

Неодамна тематизиравте деликатно прашање во односите со Грција, т.н. прашање на Чамите, албанско малцинство во северна Грција, протерано или иселено по Втората светска војна. Како може да се реши тоа прашање?

Еди Рама: На овој дел од населението мора да му биде овозможено право на слободно движење во Грција. Овој дел од населението со право се чувствува дискриминиранврз основа на инерција, што според нас, мора да прекине. Убедени сме дека ова прашање нема да им наштети на односите со Грција, туку треба да придонесе кон добрите односи со грчкиот народ и грчката држава. Зашто, ние сме соседи и осудени сме да живееме заедно. Треба да ги земаме за пример сите историски прилики во кои Грците и Албанците се однесувале како браќа, а не како непријатели, а такви случаи има многу. 

Презедовте ли нешто конкретно за решавање на овој проблемски комплекс, разоиваравте ли со грчкиот премиер?

Еди Рама: Ние и натаму дискутираме. Тоа сигурно не е лесно, но не можеме да прифатиме во 21 век во Европа, во 2016 година, да постојат непожелни новинари, како конкретниот случај со новинарот Мартин Мемај, кој само поради тоа што престојувал во Грција и направил извештај од регионот каде порано живееле Албанци, Чами, е прогласен за непожелна личност, има забрана за влез во земјата која е членка на ЕУ. Во тешки времиња порано се пружала меѓусебна помош на народите во овие две земји. Сегашните случаи ми се чинат невозможни во денешни времиња. Решението на вакви прашања може да даде поттик на нашето добрососедство, што е наша стратешка определба и треба да се базира на целосна обостраност.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми