1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднаш Турчин, секогаш Турчин?

Жанин Албрехт
24 септември 2017

Дали Анкара го кочи добивањето германско државјанство за граѓаните со турски пасоши? Се множат случаите во кои турските конзулати во Германија го блокираат одјавувањето од турско државјанство.

Türkische Parlamentswahlen in Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa/L. Schulze

Серхат Мустафогло живее 37 години во Германија. Неговите две деца, во меѓувреме возрасни луѓе, се родени во Хамбург. Оттука, добивање германско државјанство за него претставува логичен чекор. И Бариш Рејас и Дениз Демир сакаат да станат Германци. Рејас е 24 години во Германија. Демир во Хамбург дошол во 2002 година. Тројцата не сакаат да бидат претставени со нивниот вистински идентитет или на фотографија затоа што стравуваат од проблеми со турските власти.

Нивните барања за добивање германско државјанство се одобрени од страна на германските власти. Сега е неопходна уште одјава од турско државјанство. Но, таквата одјава досега не е стигната со изговори за бирократски пречки. Дениз Демир, на пример, од вработен во Генералниот конзулат на Турција во Хамбург бил информиран дека неговиот пасош мора да остане во конзултатот. На германските власти досега им се познати седум вакви случаи во Германија. Во одговорот на германската влада на прашање поставено од страна на пратеничката група на Левицата во Бундестагот се вели дека досега во три германски покраини - Берлин, Баварија и Хамбург- има случаи на задржување на пасошите на граѓани кои бараат одјава од турско државјанство.

Совет од службата за странци

За овој проблем во Берлин се дискутирало на состанок на службата за странци во јуни. Притоа е заклучено дека „некои турски државјани кои бараат германско државјанство“ имаат проблеми при добивањето одјава од Турција, изјави за ДВ портпарол на управата за внатрешни работи на Берлин.

Официјално на властите во Берлин им е познат само еден случај. Во Хамбург, пак, властите знаат за четири случаи на одземени пасоши. Бариш Рејас смета дека станува збор за многу повеќе случаи. „Знам некои Турци кои го имаат тоа доживеано. Ако се сметаат и тие, тогаш се двојно повеќе“, вели тој.

Освен тоа, има и многумина кои од страв да не го загубат пасошот воопшто не одат во конзулатите. Се плашел и Рејас. Нему дури една од вработените во службата за странци во Хамбург и му советувала да причека. Тоа било во март, неколку недели пред референдумот за уставни промени во Турција. „Жената ми рече дека работите се многу исполитизирани во моментот, а потоа ќе биде многу помирно“, вели Рејас. Повеќе помош не можел да добие од страна на германските власти. Не му било помогнато ниту на Дениз Демир кога останал без пасош. „Ми рекоа да се обратам до турската заедница, која можеби може да ми помогне“, раскажува Демир.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Демир уште двапати бил во турскиот конзулат, но без успех - пасошот не го добил назад. Причина не му била наведена. Демир и Рејас се сигурни дека нивните контакти со движењето Ѓулен се причина за одбивањето да им се даде одјава од турско државјанство.

„Турската држава има проблем со групата луѓе кои не биле активни учесници во обидот за пуч, но се дел од мрежата на Ѓулен“, вели Јунус Улусој од Центарот за турски студии и истражувања на интеграцијата. Експертот смета дека е многу можно одземањето на пасошите да има врска со блискоста со движењето на Ѓулен.

Тоа ги погодува и Дениз Демир и Бариш Рејас. 36-годишниот Демир предавал во едно здружение на движењето на Ѓулен, додека Рејас како слободен новинар пишувал за германското издание на весникот „Заман“, кој во меѓувреме не се издава. „Јас бев спортски новинар, немав воопшто никаква врска со политика, но тие еднакво те категоризираат“, вели Рејас за ДВ.

Навредуван како „предавник“

И Серхат Мустафогло работел за весникот „Заман“. Кога сакал да поднесе барање за одјава од турско државјанство во конзулатот во Хамбург, бил направен обид да му се одземе пасошот. „Ми беше речено - или пасошот, или нема одјава“, раскажува тој. Мостафолго си го земал пасошот и си заминал. Него го оптоваруваат не само постапките во конзулатот, туку и односот на луѓето од приватното опкружување. „Има луѓе кои ги познавам со години, а кои сега ме нарекуваат предавник“, вели тој. За една ноќ, ноќта на пропаднатиот пуч, стари познаници го промениле своето мислење за него.

Ваквото однесување му е добро познато и на Рејас. Во меѓувреме тој собрал храброст да отиде во конзултатот. Ноќта пред да го поднесе барањето за одјава имал кошмари. Дотолку повеќе му олеснило кога го добил назад пасошот. Сега чека на потврдата за одјава од државјанство.

Дениз Демир пак веќе половина година нема пасош. Не верува ниту дека ќе го добие назад. Сепак, може да се надева дека и покрај тоа ќе добие германско државјанство. Според прописите во Германија, можно е да се добие германски пасош и без одјава од државјанство. Но, тоа е можно дури откако ќе истече рокот од две години од поднесувањето на барањето за одјава од државјанство. За Дениз Демир тоа е вистинска надеж. Но, дотогаш мора да живее без пасош, уште цели 18 месеци.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми