1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една година Бајден - повеќе сенки отколку светли моменти

21 јануари 2022

Во првата година откако ги наследи рушевините од политиките на Трамп, Бајден најмногу се посвети на домашните проблеми, но неговиот рејтинг најмногу страдаше од одлуките во надворешната политика. Пишува Ивор Мицковски

USA Washington | Pressekonferenz Präsident Joe Biden nach einem Jahr im Amt
Фотографија: Oliver Contreras/ZUMA Wire/imago images

Кога Бајден стапи во Белата куќа, веднаш после немирите и нападот врз Конгресот од страна на поддржувачите на Трамп, тој вети дека ќе ја извади Америка од немирните води на пандемијата и дека ќе ја врати во центарот на меѓународните односи.

Во првата година откако ги наследи рушевините од политиките на Трамп, Бајден најмногу се посвети на домашните проблеми, додека неговиот рејтинг најмногу страдаше од одлуките во надворешната политика. Затоа, една година подоцна не може да се каже дека Бајденцелосно ги исполни своите ветувања, иако во некои случаи не недостасуваа ни успесите.

Почетно, борбата со Ковид-19 се покажа како успех. Бајден вложи огромна енергија во вакциналната кампања која до летото 2021 произведе одлични резултати. Мерките како носење маски и социјална дистанца во федералните објекти и јавниот превоз драстично го намалија бројот на заразени и починати. Работите се влошија минатото лето кога стана доминантен сојот Делта и вакцинирањето доживеа нагло успорување, додека со доаѓањето на сојот Омикрон и одбивањето на многу државни органи да ги спроведат базични мерки, повторно доведоа до рекордни бројки и пренатрупување на болниците. Опозицијата на Републиканците против анти-ковид мерките и одлуката на Врховниот судда ја укине директивата за задолжително вакцинирање на вработените во големите компании, само ја влошија ситуацијата.

Одлични економски резултати, но и висока инфлација

Економското закрепнување од корона кризата се одвиваше и подобро од очекувањата. Економскиот раст за 2021 година изнесува 5,6%, компаниите прават рекордни профити, додека финансиските пазари констатно растат, како и потрошувачките кредити. Пазарот на трудот е во сјајна состојба, платите стабилно растат додека стапката на невработеност изнесува само 3,9%. Бајден може да се пофали дека ја воскресна американската економија со пакетот за помош од 1.9 милијарди долари со кој им се пружи финансиска поддршка на семејствата тешко погодени од пандемијата.

Други колумни од авторот: Една година по нападот врз Капитол - американската демократија е отворена рана

Но, и покрај овие одлични економски резултати, анкетите покажуваат поголема загриженост отколку доверба. Причина за тоа е порастот на инфлацијата од речиси 7%, највисока стапка во последните 40 години. Администрацијата на Бајден ќе мора да се соочи со можноста Федералната банка да ги подигне каматните стапки, на тој начин ризикувајќи дека ќе се забави досегашниот економски раст.

Социјалните политики на Бајдендоживеaја тотален дебакл поради тенкото мнозинство во Сенатот, како и фактот дека Демократите не се во состојба да гласаат компактно, додека Републиканците не се откажуваат од опструкционизмот преку филибастеринг. На тој начин пропаднаа социјалните реформи од планот „Build Back Better Act“, како и двата закони за заштита на гласачкото право. Без социјалните реформи и со рејтинг од околу 40%, полош и од оној на Трамп после првата година во Белата куќа, Бајден и Демократите тешко ќе го мотивираат својот електорат и речиси сигурно се на пат да бидат поразени на мид-терм изборите во ноември. Отсуството на закон кој би го заштитил гласањето сигурно ќе ги фаворизира Републиканците чии претставници во посебните држави донесоа серија на мерки кои го отежнуваат гласањето на малцинствата и на потенцијалниот продемократски електорат.

Надворешната политика – „минско поле“

И покрај се останато, најголемите проблеми и потешкотии за Бајден дојдоа од надворешната политика. Хаотичното и унилатерално повлекување од Авганистан, кризата АУКУС со Франција, новата Студена војна со Кина, нерешените прашања со Иран и Северна Кореја, се само дел од хаосот кој Бајден делумно го наследи од Трамп, а делумно и самиот го продолжи. Најголемиот проблем останува Украина, каде Путинреши со сила и притисоци, војска и дипломатија да се конфронтира со Западот, во ситуација каде никој не гарантира дека Вашингтон има контрола над состојбата или пак сила да превагне во евентуален конфликт.

Ивор МицковскиФотографија: Privat

За време на обраќањето кон нацијата на прес конференција во Белата куќа по повод првата година од неговото претседателствување, Бајден покажа колку тешко се снаоѓа со прашањето и агресијата наметната од Путин. Се создаде впечаток дека Бајден имплицира оти заканите со санкции од страна на НАТО може да зависат од степенот на потенцијална руска инвазија: „Едно е ако станува збор за помал упад“, рече Бајден. „Но, ако тие навистина го направат она што можат да го направат со силите собрани на границата, тогаш тоа ќе биде катастрофа за Русија“, рече Бајден. Овие зборови ја шокираа Украина, затоа што според функционерите во Киев, зборовите на Бајден може да се протолкуваат како негова дозвола за инвазија на Украина. Белата куќа побрза да ги демантира ваквите тврдења и да појасни дека на секое преминување на границата ќе следува „силен и обединет одговор од САД и сојузниците“.

Други колумни од авторот: Преговори Запад-Русија: Путин бара нова Јалта

Со Бајден Америка сепак некако се врати поактивно кон мултилатералните консензуси и решенија. САД се вратија кон климатскиот договор од Париз и заедно со Г20 и ОБСЕ договорија воведување глобална минимална даночна стапка за мултинационалните корпорации.

Најголемиот приоритет на Бајден беа односите со Кина, која во време на Трамп стана многу поконфликтуална. Бајден ја продолжи речиси истата политика кон Пекинг како и претходникот, со таа разлика што примени мултилатерален пристап кон прашањето наспроти агресивниот унилатерализам на Трамп. Бајден го подигна нивото на КВАД самитот помеѓу САД, Јапонија, Австралија и Индија и го создаде безбедносниот пакт АУКУС заедно со В. Британија и Австралија, притоа зајакнувајќи го дијалогот со земјите од азискиот југоисток и одново потврдувајќи ја поддршката за Тајван во случај на кинеска агресија. Заедно со ЕУ беа донесени серија на санкции против кршењето на човековите права и Европа беше убедена економско-технолошкиот натпревар со Кина да стане централен дел од новиот Совет на САД-ЕУ за технологија и трговија.

Иако немаше недостаток од тензии и проблеми со ЕУ, сепак генералниот тренд во трансатлантските односи е повеќе од позитивен. Околу кризата во Украина Вашингтон е во координација со европските партнери, заедно со НАТО беа договорени серија на смирувачки мерки поврзани со контролата на вооружувањето и заедно со Брисел беа усогласени економските реперкусии во случај на напад врз Украина.

Најголема рана во првата година од мандатот на Бајден останува хаотичното и некоординирано повлекување од Авганистан. Тука Бајден почнува да тоне во сондажите. Враќањето на власт на талибанците ја сруши секоја илузија дека Америка не излезе како поразена од најдолгиот воен конфликт во нејзината историја. На Бајден повеќе му се замерува за тоа како повлекувањето беше изведено, отколку самата одлука за повлекување. Но, што поради обврските преземени од Трамп, што поради немањето јасен договор со талибанците, Бајден ниту воено, ниту политички немаше премногу опции на маса. Тој се одлучи за драстичен потег со цел да ослободи вредни дипломатско-воени ресурси кои во моментот се неопходни на друго место, односно на стратешкиот фронт во Индо-Пацификот. Одлуката за Авганистан можеби ќе се покаже и како добра за САД, но дефинитивно испадна лоша за Авганистан кој ризикува хуманитарна катастрофа, како и за рејтингот на Бајден.

Рејтингот дополнитело на тест

Заклучокот е дека иако Бајден наследи неверојатно поделено општество и нарушен меѓународен авторитет, дека неговата прва година претседателство има повеќе сенки отколку светли моменти. На домашен план судбината на Бајден во многу нешта ќе зависи од реализацијата на Законот за инфраструктура, за кој се одобрени 1,2 милијарди долари, како и од соочувањето со ковид кризата, но и од надежта дека прогресивните гласачи ќе се мобилизираат и ќе ги пријават можните неправилности на следните мид-терм избори. На меѓународен план клучна ќе биде ситуацијата во Украина каде евентуалната руска агресија, без разлика на последиците за Москва, ќе создаде итни и драматични последици за безбедносната состојба во Европа, нешто што дополнително може да го нагризе меѓународниот кредибилитет и авторитет на Вашингтон.

Само поволната комбинација од овие фактори може да ги спаси Бајден и Демократите од катастрофален пораз во ноември, каде доколку Републиканците го освојат Конгресот, не само што ќе ја блокираат законодавната иницијатива на неговата администрација, туку и ќе му ги врзат рацете на претседателот, сведувајќи го на безгласна буква.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми