1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиГерманија

Една година по смртоносните поплави во Германија

Сузане Кордс
14 јули 2022

Штетите предизвикани од катастрофалните поплави во Германија од 2021 година, уште не се отстранети. Но, луѓето од овие подрачја велат – мораме да гледаме нанапред. Посебни напори се вложуваат во заживување на туризмот

Deutschland | Altenahr nach der Flutkatastrophe
Фотографија: Sabine Kinkartz/DW

„Не, ни во сон не сметав дека би можела да нѐ снајде таква катастрофа. Можно беше водата да поплави улици и подруми, но вакво нешто? Никој не можеше тоа да го помисли“, вели Џесика Белц.

Пред поплавата, Белц имала две книжарници. Кога ноќта меѓу 14. и 15. јули 2021. година нивото на водата во Ар нагло порасна, таа и нејзиниот сопруг почнале да редат вреќи со песок пред книжарниците. Но, во еден момент водата започнала да надоаѓа од сите страни и тие сфатиле - веќе нема што да се спасува: обете книжарници до таванот биле поплавени од вода.

Нашиот свет е поделен на „пред“ и „по" поплавата

Поплавата во јули 2021. година од корен го превртела животот на Џесика – и не само нејзиниот. Обилниот дожд ги претвори малите реки во буици кои поплавија цели области во покраините Рајнланд-Пфалц и Северна Рајна Вествалија. Во водените маси животот го загубија 180 луѓе, околу 17.000 луѓе останаа без целиот свој имот, а најмалку 60.000 куќи и 28.000 деловни згради се тешко оштетени. Штетата изнесува најмалку 33 милијарди евра.

Нашиот свет е поделен на време „пред“ и „по" поплавата, напишала тогаш Џесика Белц на својата интернет страница. Па сепак, вели дека таа и нејзиното семејство всушност имале среќа: нејзината куќа се наоѓа на ритче, па водата не стигнала до нив. Затоа приземјето на својата куќа брзо го преуредила во книжарница. Ѝ било јасно дека мора да се продолжи натаму.

Џесика Белц кратко по поплавата отворила провизорна книжарница во АрвајлерФотографија: Privat

И Мариета Тин размислува на ист начин. Сопственичката на издавачката куќа „Фелбрик“ во Метерних кај Бон добро се сеќава на таа кобна ноќ. Во 3.45 ја разбудил шумот на водата. „Звучеше како да сте на водопадите на Нијагара “, вели таа. За да се спречи пукање на браната Штајнбахтал, низ неа била испуштена вода –  без предупредување.  Огромната водена маса се пробила низ селото и ја поплавила зградата во која се наоѓала нејзината издавачка куќа. „30.000 книги, компјутери, мебел, сѐ е уништено“, резимира Мариета.

„Не сте сами!“ - доброволци од сите страни помагаат по поплавите во Германија

01:24

This browser does not support the video element.

По почетниот шок, почнало расчистување. „Соседи, пријатели, но и многу  волонтери кои не ги познававме  доаѓаа овде и помагаа. Спремноста на луѓето да помогнат во текот на минатата година беше неверојатна“, вели Мариета.

По две недели, таа можела повторно да работи – од дома. Се надева дека до крајот на јули ќе може да се пресели во своите стари работни простории.

Долго чекање на градежен материјал

Мариета со обновата напреднала многу подалеку од своите сограѓани, зашто нејзината издавачка куќа била добро осигурана. Државата и покраинската влада веднаш ветија финансиска помош, а луѓе од цела Германија донираа пари за луѓето чиј имот беше уништен. На исплата на парите морало долго да се чека.

„Првата помош стигна веднаш, една или две недели по поплавата. Но, имаше многу проблеми со  проценка на штетите и осигурителните компании.  А кога станува збор за пополнување формулари за градежна помош, од луѓе чув дека тоа е толку компликуван процес, што многумина се прашувале дали воопшто да се впуштаат во него“, вели Мариета Тин.

Уште еден проблем бил недостигот од мајстори, па затоа и работите на обновата течеа толку споро. Една година по кататсрофалните поплави, многу објекти не се обновени, а многу патишта, мостови и железнички пруги веќе не се за употреба. 

Мариета Тин покажува до каде се искачила водата за време на поплаватаФотографија: Privat

Непреработена траума

Поплавата предизвика и длабоки трауми. Со секој посилен дожд, бројот повици на кризниот телефон вртоглаво расте. Дури и Џесика Белц уште не ја совладала траумата во целост. „Да, таа некако уште е присутна. Помислуваш – всушност, тоа е веќе минато. Но, тоа едноставно не е нешто што поминува и исчезнува преку ноќ. Посебно сега, кога врнеше обилен дожд и кога се насобраа темни облаци, ме обзеде непријатно чувство. Особено кога ќе чујам пожарникарска сирена.“

По поплавата, Џесика Белц извесно време живеела во Бон, но не можела да се навикне на градот. „Тоа беше паралелен свет, во кој животот нормално се одвиваше“. Можеби звучи чудно, но во своето поплавено место се чувствувала подобро. Секој мал напредок ги мотивирал луѓето да истраат, на пример кога по повеќенеделен прекин, повторно добиле електрична струја и греење или кога конечно можеле да се истушираат со топла вода. „Благорадни сте за сѐ што претходно сте го сметале за сосем нормално“, објаснува Белц. Дури иако Арвајлер е огромно градилиште, овде-онде се гледа свежо засадено цвеќе пред куќите. Обновата напредува.

„Она што не можеме да процениме е колку долго ќе трае тоа. Дали зборуваме за месеци, една година, пет или десет години?“

Ова подрачје во голем дел живее од туризам. Доротеа Дикманс, портпарол на туристичката заедница Артал, вели дека луѓето одвај чекаат да ја обноват својата работа.

По поплавите во Германија: Прво борба за живот, сега за економска егзистенција

03:02

This browser does not support the video element.

Туризам по поплавите?

Но, дали ќе дојдат гости? Многумина се прашуваат дали туристите, една година по поплавите, воопшто ќе можат со автомобили да стигнат до Ар, не само поради оштетената инфраструктура, туку и поради несигурноста.

„Целосно ја разбирам загриженоста. Но, како туристички работници, можеме само да кажеме дека се радуваме на доаѓањето на секој гостин. Угостителските фирми, кои се повторно отворени, имаат потреба од гости за да преживеат“, вели Доротеа Дикманс.

Инаку, бројот ноќевања во овој винарски регион е драстично намален. Во 2019. година туристичката заедница регистрирала 170.000 ноќевања. Две години подоцна, по големите поплави, имало само 34.500. Драматичниот пад посебно се огледа низ примерот на туристичката дестинација Бад Ноенар-Арвајлер: во септември 2021. година во просек имало само 22 ноќевања на ден, во септември 2019. година биле 25.362.

Но, во меѓувреме бројот ноќевања полека почнува да расте, вели Доротеа Дикманс. „Можете да планинарите, да посетувате музеи, да навратувате во пријатни ресторани“. Секако, посетителите се соочуваат и со оштетени фасади на куќите, уништени мостови и празни парцели. Но, туристичката заедница „Арвајлер туризам“ активно се справува со тоа. Сега нуди и туристичка обиколка на поплавенте места – со водичи.

Доротеа Дикманс се надева обновата да донесе и нешто посебно позитивно. „Политичарите ни ветија долината на Ар да ја претворат во регион за пример. Тоа значи исто така дека  архитектурата мора да се прилагоди на климатските промени“,  подвлекува Дикманс.

Сепак, што ќе донесе  иднината е неизвесно. Издавачот Мариета Тин не се предава. „По поплавите на многу работи гледате со поинакви очи. Среќни сме што преживеавме, среќни сме што можеме пак да функционираме и работиме како порано, такашто ќе прифатиме секаков предизвик. Ќе успееме!"

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми