1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една загубена година за Грција

Спирос Москову/превод:З.Ј.25 јануари 2016

Изборната победа на леворадикалната партија Сириза во Грција пред точно една година предизвика политички земјотрес во Европа. Билансот на владеењето на Ципрас досега е негативен, оценува Спирос Москову.

Фотографија: Reuters/Y. Kourtoglou

По изненадувачки убедливата победа на изборите, Алексис Ципрас во рекордно време формира нова влада со деснопопулистичката партија Анел како коалиционен партнер. Премиерот тогаш вети крај на политиката на штедење и решителни нови преговори со меѓународните кредитори за спасувачките пакети. Една година потоа Ципрас, кој се преобрази во реал-политичар, навистина и натаму владее со банкрот-државата Грција, но левичарската „револуција“ е замрзната. Тој, пак, сега е највисок надзорник на третиот и најригорозен пакет мерки за штедење, што лани и’ беше наложен на Грција за наредни пет години.

Проблемите на Грција само се зголемија

Процесот на политичко зреење на младиот грчки премиер сам по себе е за пофалба. Но, скандалозно е дека тој и’ нанесе енормна штета на својата земја. Грција, која за разлика од сите други кризни земји на европскиот југ никако не заздравува, во 2015 одржа двапати избори и еден референдум. Сите тие гласања беа замислени како демонстрација на непоколебливост на слабиот, како шлаканица против наводно мрачните сили на ЕУ и ММФ (Меѓународниот монетарен фонд). Резултатот е противречен: Грција останува под меѓународно старателство, избирачите на Сириза се разочарани, но позицијата на Ципрас и натаму е цврста.

Прашање е уште колку долго преобразениот премиер смее да игра Дон Кихот? Економијата стагнира, невработеноста расте, широки делови од општеството се осиромашени. За тоа не е виновна омразената политика на штедење, туку неуспешното обидување на сите грчки влади во изминатите пет години земјата само про форма да ја реформираат. Тоа уште еднаш се покажува и кај одамна неопходната реформа на системите на социјално осигурување, со декади класичен на пример на нереализирана нужност од страна на грчката политика. Ниедна политичка сила немаше смелост да го реформира стариот пензиски систем, кој одамна веќе е финансиски неиздржлив. Сега кредиторите ја обврзаа владата на Сириза да се зафати со тој проблем. Протестите на различни групи во изминатите денови покажуваат колку ќе биде жилав отпорот модернизацијата.

Спирос Москову

Но, новата година нема да биде „жешка“ за Сириза и Ципрас само поради големата и тешка реформска цел. Владиното мнозинство од само три места во парламентот не е сигурно во секакви околности. Владата, на пример, законот за истополови бракови можеше да го донесе само со гласови и од опозицијата, оти АНЕЛ, помалиот коалиционен партнер, гласаше против. По редица изборни порази, опозиционата конзервативна партија Нова демократија во меѓувреме се консолидира и по долга немоќ, сега со новиот претседател Киријакос Мицотакис повторно е сериозна политичка сила. Според најновите анкети на јавното мислење, таа во меѓувреме дури има и мала предност пред Сириза.

Уништен е ореолот на „морална надмоќ“

Во тој динамичен политички пејзаж Сириза до неодамна можеше барем да се повикува на „моралната“ надмоќ на Левицата - која до пред една година никогаш немаше формирано влада - наспроти старите партии. Откако во изминатите недели беа обелоденети редица случаи на непотизам, таа веќе ни тоа не може да го тврди. Кога на претседателот на подмладокот на Сириза му беше префрлено дека им обезбедил работа во јавна служба на неколкумина роднини, тој даде необично образложение: неговите дедо и баба не се бореле залудно против германските окупатори под знамето на комунистичкото движење на отпорот ЕАМ; демек дошло време за хонорирање на внуците! Сириза пред една година прогласи нов почеток во политиката и општеството. Една година потоа се чини дека и новиот почеток е другата страна на вообичаеното - само погротескна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми