1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една изборна единица, но со нов изборен модел

19 јануари 2022

Идејата за една изборна единица звучи примамливо за малите партии, но носи ризик од влез на радикални политичари во парламентот. Во услови на блокиран парламент тоа може да биде голем проблем. Пишува Никола Тодоров

Nord-Mazedonien Nikola Todorov, ehemaliger Minister für Gesundheit und Bildung
Фотографија: DW/B. Gerogvievski

Повторно во државава се актуелизираше прашањето за промената на изборниот модел. Кога веќе се отвара дебата за изборниот законик, би сакал да предложам неколку конкретни подобрувања на изборниот модел.

Прво, предлагам да се направат измени со кои ќе се избрише концептот на т.н пржинска влада. Овој експеримент се покажа како тотално непотребен и не донесе никакви резултати, освен „рогови во вреќа“ во период од 100 дена.  

Второ, да се избришат непотребните ограничувања кои предвидуваат државата, економијата, па и животот да застанат за време на изборите, на начин што ќе се предвидат ограничувањата да важат 20 дена, само за време на кампањата и денот на гласањето. Избори кај нас има често, па изборното парализирање на државата носи само загуби за стопанството, проблеми за граѓаните и ништо повеќе. 

Трето, да се избрише можноста за гласање на дијаспората. Видовме дека немаат интерес за гласање, па сулудо е да продолжиме да фрламе милиони евра, кога можеме тие пари да ги искористиме за нешто продуктивно. 

Четврто, предлагам бројот на пратеници да се зголеми од 120 на 140 и да се постави комбиниран изборен модел во кој 70 од 140 пратеници ќе се бираат по мнозински систем, и тоа во секоја една општина по еден кандидат, со цел секоја општина, освен 10-те општини од градот Скопје, да имаат по еден пратеник. Условот да се кандидира некој за пратеник е да биде предложен од политичка партија или како независен кандидат, со потписи во онолкав број колку што е потребно за кандидирање на градоначалник во соодветната општина. 

Нов изборен модел  

Така ќе се отвори можност за повеќе независни кандидати и за поголема демократија, но и за подобра застапеност на секоја општина во националниот парламент.

Останатите 70 пратеници да се бираат по пропорционалниот модел со примена на донтовата формула со отворени листи, без изборен праг. Предлагам две опции. Правата е Градот Скопје како посебна единица на локалната самоуправа да дава 30 пратеника од овие 70 и тоа на посебна т.н. Скопска листа. Во Скопје во Избирачкиот список се запишани околу 467.000 гласачи, а на последните парламентарни избори гласале околу 233 илјади гласачи, па природниот праг би бил нешто над 3%, односно за некој да биде избран за пратеник ќе треба да добие околу 7.700 гласови од Скопјани. Останатите 40 пратеника да се бираат во една изборна единица што ќе значи дека за некој да биде избран за пратеник на националната листа ќе му бидат потребни околу 20.000 гласови во зависност од излезноста, која во последно време е доста ниска. 

Втората варијанта е сите овие 70 пратеници  да се бираат во една изборна единица со примена на Донтовата формула, без изборен праг, при што најмалку 30 кандидати од оваа листа да бидат од Скопје. Во овој случај минималниот број на гласови кој ќе носи еден пратенички мандат би бил околу 13.000 гласови, односно природниот праг при излезност како во 2020 година би се движел околу 1,4%. 

Во двете варијанти да се вметне обврска 50% од кандидатите на листите да бидат жени. 

- претходни колумни: Бил Гејтс пушти (анти)вирус

Отворените листи ќе овозможат поголема слобода и независност на пратениците од лидерите на партиите, а со тоа и напуштање на партократскиот систем во кој клучниот збор наместо партијата го има лидерот.

За илустрација, на последните парламентарни избори четири политички партии со нивните коалиции освоиле околу 830.000 гласови од вкупно околу 912 илјади лица кои гласале. Ова значи дека за сите останати партии и коалиции гласале вкупно околу 82.000 гласачи, што ќе се сложите и не е така мала бројка, иако скоро половина од овие гласови отпаднале на една политичка партија- Левица. 

Систем на активна регистрација  

Покрај ова би требало да се размисли за еден од следните два системи: Систем на задолжително гласање (Австралија, Белгија, Бразил, Луксембург итн.) или систем на активна регистрација (САД). Системот на активна регистрација значи дека може да гласаат само оние кои претходно се пријавиле дека ќе гласаат, па вкупниот број на избирачи е бројот на оние кои се пријавиле за гласање. Овие два модела се особено важни за овозможување на успешни референдуми, како највисоко ниво на демократско изразување и управување. Вака како што е сега поставено е многу тешко било кој референдум во државата да успее, бидејќи на секој референдум би победувале „незаинтересираните“ односно оние кои бојкотираат заедно со оние кои никогаш не гласаат. Од овие два модела јас го преферирам вториот-модел на активна регистрација затоа што на гласањето гледам повеќе како на граѓанско право, а не како граѓанска должност/обврска, па казнувањето на оние кои не сакаат да гласат ми е прилично неприфатливо. Воедно, моделот на активна регистрација ќе овозможи заштеда на сериозни финансиски средства, затоа што нема да се печатат гласачки ливчиња непотребно.  

- претходни колумни: Заев замина, СДСМ остана - до кога?

Во секој случај, идејата за една изборна единица звучи примамливо за малите партии, но тоа носи и ризик од влегување на екстремно радикални политичари во парламентот. Ова во услови кога македонскиот парламент е подложен на блокади, може да биде голем проблем, особено во случај на злоупотреба на т.н.филибастеринг, односно поднесување на илјадници бесмислени амандмани. За ова да се спречи, неопходно е воведувањето на една изборна единица да оди паралелно со измена на Деловникот на Собранието и да се предвиди постапката за носење на законите да биде слична како постапката за носење на буџетот, каде амандманската расправа е ограничена на максимум 10 денови, со тоа што во овој случај дебатата да може да трае најмногу до 20 денови. Вака ќе се избегне можноста за диктат на малцинството врз мнозинството, ќе се избегне можноста еден или двајца радикали да го блокираат функционирањето на парламентот и да постават систем на постојани уцени и креирање на политички и уставни кризи, ќе се избегне потребата од злоупотреба на европското знаменце, а сепак ќе се остави можност за доволно долга и квалитетна јавна дебата.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми