1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Една средба и многу прашалници

Јанис Пападимитриу
5 февруари 2019

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас заминува на дводневна посета во Анкара и Истанбул и многу Грци се скептични околу смислата на посетата.

Griechenland Erdogan zu Besuch in Athen
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/dpa/T. Stavrakis

„Посета во минско поле" е насловот во атинскиот весник Та Неа. „Турска авантура" пишува порталот Онлајн Ин.Гр. Ципрас утре се среќава со турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган во Анкара. Потоа патува во Истанбул на разговор со православниот патријарх Бартоломеј Први.

Во декември 2017 Ердоган беше во Атина, прв турски премиер во посета на земјата по цели 65 години. Дали се ова знаци за помирување?

Портпаролот на грчката влада Димитрис Цанакопулос изгледа смета дека „двете страни конструктивно ќе соработуваат за да се најде решение за билатералните проблеми", појасни тој на пресконференција изминатиот четврток.

Таквиот оптимизам не го делат сите. Ангелос Сиригос, кој е професор за европски студии на универзитетот Пантеон во Атина не гледа конкретен повод за посетата. Било битно меѓу Атина и Анкара да се негува комуникацијата, вели тој во разговор за ДВ. Од друга страна: "Кој оди во посета само за да разговара може да биде соочен и со поинаква агенда од домаќинот", предупредува политикологот.

Грците се сметаат за загрозени од територијални претензии на Турција во Егејското море. Тензии предизвикува и состојбата на турското малцинство во Тракија, кое од грчка гледна точка воопшто и не се Турци, туку „Муслимани" – заради тоа што грчките власти не ги регистрираат според етнички обележја. Анкара пак инсистира малцинството директно да си го избира својот верски водач, муфтијата.

Ердоган тоа прашање ќе го отвори и при посетата на Ципрас, смета Сиригос. Но, "атина посочува дека муфтијата не е само верско лице, ами третира и правни аспекти како кадија и затоа од уставни причини не може да биде избиран директно од народот".

Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Karadjias

Нови импулси по решавање на спорот за името со Македонија?

Ципрас и Ердоган сега имаат еден проблем помалку: турското министерство за надворешни работи го поздрави решавањето на спорот за името со Македонија. Пред само неколку месеци Ердоган предупредуваше дека Анкара со Скопје е „братски поврзана" и дека тој ја поддржува „Македонија" во спорот за името.

Теории на заговор потоа почнаа да кружат во Грција: наводно Анкара и Скопје договориле алијанса на штета на Грција. Сега пак Ципрас привлече внимание со изјавата дека компромисот во спорот за името би можел да даде нови импулси за решавање на кипарското прашање, како што рече грчкиот премиер по средбата со претседателот на Кипар, Никос Анастасијадис минатиот вторник во Никозија.

Повеќе:

-Мозаикот од кој се изроди договорот

-Грција и Турција: кавги наместо помирување

Политикологот Сиригос се сомнева дека во Анкара може да дојде до сериозни разговори за кипарското прашање. „Со децении веќе позицијата на Атина е дека не се работи за преговори меѓу Грција и Турција, туку меѓу Кипар и Турција. Така и ќе остане, дури и ако Републик Кипар не е призната од Турција", вели Сиригос.

Терористи или загрозени граѓани?

Нова спорна точка е кавгата за осум турски офицери кои по неуспешниот обид за пуч во 2016 година пребегаа во Грција и таму побараа азил. „Ќе ги фатиме, ќе ги вратиме во Турција и ќе ги предадеме на турските правосудни органи“, се закануваше турскиот вицепремиер Бекир Боздаг во 2018 година. Ердоган бара офицерите да бидат испорачани со образложението дека и тие биле одговорни за пучот. Врховниот суд на Грција го одби барањето. Според информации во медиумите, Ердоган на претстојната средба сака повторно да ја отвори темата. Во Атина се загрижени околу најновата одлука на Националниот совет за безбедност во Турција дека било "неприфатливо што некои земји не испорачуваат пребегани припадници на терористички организации", се вели во заклучокот.

Енергетските проекти остануваат на агендата

Нови тензии, но и нови шанси носат претстојните енергетски проекти во источниот дел на Средоземното море. Тоа пред се се работи на производството на природен гас од брегот на Кипар. Во 2011 првпат беше извршено тест-бушење од страна на американскиот концерн Нобел енерџи на полињата на гас, а денес во регионот се активни енергетски концерни од Франција, Италија и САД. Целта е соработка меѓу Грција, Египет и Кипар во енергетскиот сектор, каде што островот во Медитеранот ќе добие водечка улога.

Фотографија: Getty Images/AFP

Турција е против ова, бидејќи Република Кипар не ја признава Република Кипар поради што стравува дека од ова корист ќе имаат само кипарските Грци, но не и кипарските Турци. Турската реторика не мора секогаш да се сфаќа сериозно, смета Алекс Лагакос, ко-основач на атинскиот тинк-тенк „Грин енерџи форум" (ГЕФ). Притоа полињата со гас се наоѓаат на јужниот дел на Кипар, вели овој експерт за ДВ. Пречки има во поделбата на водите кои Турција си ги смета за своја „Ексклузивна економска зона" (АВЗ).

Но, Лагакос гледа и една добра вест: „Неодамна и успеа на една грчка приватна компанија, да склучи договор за директна испорака на гас од Турција," вели тој и додава дека на ова може да се прошири во иднина. Конечно, Грција и Турција во 2005 година се приближија преку еден гасовод во близина на Александропулос.„Се работи за тоа да се искористи потенцијалот за заедничка соработка во енергетскиот сектор," вели овој експерт за енергетика.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми