Повеќе од 2,6 милијарди луѓе ширум светот ќе бидат во своевиден карантин откако и Индија воведе драстични мерки за борба со пандемијата на коронавирусот.
Реклама
Бројката од 2,6 милијарди луѓе претставува повеќе од една третина од целото светско население, согласно проценките на Обединетите нации дека во светот во 2020 година живеат 7,8 милијарди луѓе. По одлуката на Индија да им нареди на своите 1,3 милијарди жители да останат дома, таа бројка драматично се зголеми.
Најмалку 42 држави и територии досега воведоа задолжителна изолација, меѓу нив Британија, Франција, Италија и Шпанија, како и Колумбија, Калифорнија во САД, Непал, Ирак и Мадагаскар.
Индија и Нов Зеланд се последните земји кои се приклучија на листата, откако вчера тоа го стори и Јужна Африка. Во повеќето од овие земји, жителите се уште смеат да одат на работа, да купуваат храна и други неопходни намирници, како и да посетуваат лекар.
Досега во светот регистрирани се 400 илјади заразени од Ковид-19 и 18 илјади жртви.
Најмалку пет држави или територии, со население од 226 милиони луѓе, го повикаа своето население да остане дома и да го ограничи движењето и контактите на минимум, без закана од казна. Такви земји се Иран, Германија и Канада.
Најмалку 15 држави и територии, меѓу нив и Северна Македонија, со повеќе од 189 милиони жители, воведоа вечерни полициски часови. Во групата се уште и Саудиска Арабија, Чиле, Филипините, Србија, а од утре и Египет.
Во некои земји, само нивните најголеми градови се во карантин, со забрани за влегување и излегување. Таков е случајот со најголемите градови во Бугарија, Алмати во Казахстан, Баку во Азербејџан; сите заедно со повеќе од 10 милиони луѓе.
Каде сѐ демне коронавирусот?
Коронавирус насекаде! Можеби дури и на пиперките, билетот за возење, сопственото домашно милениче. Што воопшто смеам да допирам? Ова вознемирувачко прашање си го поставуваат многумина. Еве неколку смирувачки одговори:
Досега познатите коронавируси остануваат опасни на површини како кваките околу четири-пет денови. Како и другите инфекции преку капки и SARS-CoV-2 се пренесува преку рацете и површините кои се допираат често во текот на денот. Иако вирусот е нов и затоа е прилично непознат, експертите сметаат дека и за него важат многу резултати од истражувања на други, веќе познати коронавируси.
Затоа, треба да се биде претпазлив и кога се руча во кантината на работното место - доколку таа одамна не е веќе затворена. Коронавирусите во основа можат преку кивање или кашлање на инфицирано лице да завршат на приборот за јадење или чиниите. Германскиот институт за проценка на ризици (БфР) меѓутоа пишува дека „досега не се познати инфекции со SARS-CoV-2 кои се појавиле со ваков начин на пренос“
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
Страв од увозна стока?
Дали родителите мора да се плашат од инфекција преку играчки од увоз? Не, велат од БфР. Досега нема случаи на инфицирани лица за кои е докажано дека се заразиле преку увезени играчки или друга стока. Експертите сметаат дека вирусите немаат голема стабилност при промена на животната средина. Предизвикувачот на болеста е опасен повеќе денови пред сѐ во услови на студ и голема влажност на воздухот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Пакети полни вируси
Коронавирусите кои го напаѓаат човекот не се особено стабилни на суви површини. Со оглед на тоа што стабилноста на вирусите надвор од човечкиот организам зависи од могу фактори, како темпертурата и влажноста на воздухот, БфР ја смета инфекцијата по пошта за „главно неверојатна“. Сепак, институтот признава дека сѐ уште не располага со точни податоци за SARS-CoV-2.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Becker
Вирусен пинг-понг со домашното милениче?
Дали моето куче може да ме зарази мене или јас да го заразам него? Ризикот домашните миленичиња да се заразат од коронавирус е оценет како низок од страна на експертите. Но, тој не може сосема да се исклучи. Самите животни не покажуваат симптоми, значи не заболуваат. Но, доколку се инфицирани тие може преку својот здив, плунка, повраќање, урина да го пренесуваат вирусот.
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Tarantino
Опасен зеленчук?
Пренесување на SARS-CoV-2 преку контаминирани прехранбени продукти, според БфР, не е веројатно. Досега нема докажани случаи на инфицирање на ваков начин. Темелно миење на рацете пред подготовка на оброкот, и во времиња пред и по коронавирусот, е нешто што се подразбира. Со оглед на тоа што вирусите се чувствителни на топлина, загревањето на намирниците натамошно го намалува ризикот од инфекција.
Досега познатите САРС и МЕРС коронавируси не сакаат топлина, но се прилично отпорни на студ. Тие може да останат опасни дури две години на температури од минус 20 степени Целзиусови. БфР меѓутоа смирува: досега нема укажувања за ланец на инфекции со SARS-CoV-2 преку конзумирање храна, вклучително и замрзнати продукти.
Избувнувањето на КОВИД-19 има и едно добро: Кина забрани храна од диви животни. Сѐ укажува на тоа дека новиот коронавирус врз човекот е пренесен од лилјаци. Лилјаците за тоа не се виновни, зашто веројатно завршиле во супа против своја волја. Но, борбата против SARS-CoV-2 ќе трае многу подолго и ќе биде потешка од ослободувањето од храна од диви животни.