Една четвртина од заразените во земјава немаат симптоми
БГ
27 март 2020
Бројот на заразени од коронавирус во Северна Македонија денеска достигна 219 луѓе. Заболените најчесто се жалат на кашлица и зголемена температура
Реклама
Речиси половината од заразените од Ковид-19 во земјава, 101 лице, се во две возрасни групи, меѓу 30 и 39 години и меѓу 50 и 59 години. Доколку на нив се придодадат и заразени на возраст меѓу 40 и 49; и над 60 години, се доаѓа до податок дека речиси три четвртини од носителите на коронавирусот се над 30 години. Симптомите кои ги пријавиле заразените, а кои денеска ги објави Институтот за јавно здравје се на линија на оние кои ги констатира и Светската здравствена организација на светско ниво. Имено, најголемиот дел (67%) се пожалиле на кашлица, а 64% на зголемена температура- двата клучни симптоми на новиот коронавирус. Интересно е што 67 лица, или повеќе од една четвртина од заразените немаат никакви изразени симптоми. Останатите исто така чувствуваат и слабост, главоболка, болка во грло и треска.
Во последните 24 часа во земјава биле тестирани 369 лица, а коронавирусот е пронајден кај едвај 5% од нив, или вкупно 18 нови случаи. Од 15 февруари досега во земјава се направени 2.240 тестови за коронавирус, најголемиот дел во државните лаборатории.
Од вкупно 219 заразени, 46 лица се со некое хронично заболување или кардиоваскуларна болест, а вкупно 48 пациенти досега биле хоспитализирани. Од нив, тројца се излечија од болеста, а тројца починаа.
Меѓу здравствените работници, Ковид-19 досега е откриен кај 21 лице, а 14 од нив се заразиле на работното место.
Од досега заразените се следат или биле следени 822 контакти во период од 14 дена.
Институтот за јавно здравје за првпат направи поделба и по општини во главниот град. Најголем број заболени во Скопје, 27, има во Карпош, а следуваат Гази Баба, Центар и Кисела Вода со по 20. Ниту еден случај досега не е регистриран во Шуто Оризари и Сарај.
Министерот за здравство Венко Филипче денеска информираше дека до Инфективната клиника во Скопје започнува да се гради и мобилна болница за уште 130 пациенти.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.