1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Еднострано решение за Косово – преседан и за други ситуации

29 март 2007

Русија е за активно продолжение на преговарачките напори за решавање на статусот на Косово. Задршки на парламентот на Словачка за предлогот за независност на Косово

Косово
КосовоФотографија: picture-alliance/dpa

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Владимир Титов вели дека неговата земја бара да продолжат дипломатските напори за барање заедничко решение за Косово. “Во ситуација во која нема согласност, не може туку-така да се форсира процесот и да се прават обиди за наметнување еднострана варијанта. Во косовскиот случај за прв пат е поставено прашањето за одвојување на автономија од состав на суверена држава. Затоа едностраниот расплет неминовно ќе создаде преседан и ќе се одрази на други ситуации”, изјави Владимир Титов за агенцијата Риа Новости пред заминувањето на консултации во Лондон и Њујорк за решавање на косовското прашање.

Гералд Кнаус, директор на Европската иницијатива за стабилност од Берлин, смета дека Србија не треба да се потпира на тоа оти Русија ќе вложи вето на предлогот за независност на Косово. Москва следи сопствени интереси, а дури и да биде блокирана резолуцијата за независност во Советот за безбедност, Приштина самата би прогласила независност и би ја признале многубројни земји, пред се’ од Западот.

Но, Кнаус исто така укажува: “Само да се решава статусот на Косово, а Србија да се остави на страна, исто така не би придонело за стабилизација на Балканот. Комбинација од двете, при што ЕУ на Србија би и’ пратила многу појасни и посилни сигнали дека европската интеграција е планирана не за 20, туку во наредните седум-осум години, би претставувала поттик за реформски ориентираните сили во Србија, со што би била потпомогната и стабилизацијата на Балканот”.

Во Лондон се одржа средба на Контакт-групата за Косово, но на пониско дипломатско ниво. Расправано било за предлогот на Ахтисари за статусот на покраината, но не е издадено соопштение за јавност. Средбата, последна пред Советот за безбедност на ОН да расправа за предлогот, не донела ништо ново.

Парламентот на Словачка усвои декларација во која се вели дека неограничена независност на Косово не е од интерес за регионот, дека не се исцрпени сите можности за дијалог за постигнување договор и оти решението за идниот статус мора да произлезе од почитување на легитимните барања на Србија и од Повелбата на ОН и други меѓународни норми.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми