1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Корона-вирус: Дискриминација на Азијците?

Марко Милер
5 февруари 2020

Дали Азијците во Германија се дискриминирани по избувнувањето на корона-вирусот? Ако ги погледнете социјалните мрежи, одговорот е да. Но, дали тие ја отсликуваат реалноста? ДВ беше во посета на азиската заедница во Бон.

Füssen Touristen mit Mundschutz
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-J. Hildenbrand

„Немам време сега. Гледате што се случува овде. Вратете се подоцна.“ Жената која готви во отворената кујна на азискиот супермаркет со интегриран ресторан е под стрес. Но со тоа таа и одговори на прашањето: Дали луѓето во Германија ги избегнуваат азиските супермаркети и ресторани од појавата на корона-вирусот? Не - барем не ја избегнуваат оваа продавница.

Таа е прва од повеќе од десетина азиски продавници, ресторани и салони за убавина кои тој ден  ги посетивме во Бон. Градот со 320.000 жители е популарен кај азиските туристи, бидејќи Бон е град на Бетовен. Родното место на Лудвиг ван Бетовен е во срцето на градот. Светски познатиот композитор е особено почитуван во Азија и се грижи за тоа многу азиски туристи да го посетуваат градот на Рајна - уште повеќе годинава, бидејќи 250-от роденден на Бетовен се слави со многу манифестации. Затоа, можете да видите навистина многу азиски туристи во Бон, а исто така и разни азиски продавници. Некои жители на Бон би можеле да бидат загрижени дека поради големиот наплив на туристи од Азија, корона-вирусот би можел да се појави и во Бон, и затоа се критички настроени кон Азијците.

Фотографија: DW/M. Müller

„Јас не сум вирус"

На социјалните медиуми може да се прочита како во различни земји Азијци биле дискриминирани од избувнувањето на корона-вирусот. Под францускиот хаштаг #JeSuisPasUnVirus, англискиот #IAmNotAVirus или германскиот #IchBinKeinVirus, можете да прочитате како минувачите преминуваат на другата страна од улицата кога треба да се разминат со некој азиски пешак, како Азијците не се служат во одредени ресторани или ги навредуваат како носители на вируси - или тоа дека луѓето ги одбегнуваат азиските ресторани.

Повеќе на темата:

-Корона-расизам во земјата на моралот?

-Јагма за маски за дишење поради коронавирусот

-Коронавирусот и новата „инфодемија“: Јадете повеќе лук!

Дали се овие изолирани случаи или вака изгледа актуелното секојдневие на Азијците во Германија?

Корона-вирусот- сеприсутен

Едно нешто брзо станува јасно. Корона-вирусот е една од апсолутно доминантните теми. При посетата на аптека на работ на центарот на Бон, веднаш ќе забележите известување залепено на касата, во кое се наведени информации за вирусот - и кое предупредува од кревање паника. Во него се вели: „Не е научно докажано дека носењето заштитна маска за уста и нос во јавноста значително го намалува сопствениот ризик од инфекција.“

Аптекарката Штефани Малец од БонФотографија: DW/M. Müller

Вакво известување е очигледно неопходно. Аптекарката Штефани Малец вели дека маската за лице со вграден филтер е особено популарна. Во прв ред странските клиенти ја бараат.  Една Кинеска сакаше да купи околу 200 парчиња утрово, кои за жал веќе не можевме да ги понудиме. Имавме само уште 50 парчиња. Таа ги зеде со себе“. Кинеската сакала да ги испрати заштитните маски на нејзиното семејство во Кина. Поскапата заштитна маска, која чини речиси десет евра, сега е распродадена. Но, сè уште има тенка хируршка маска за по 10 до 20 центи.

„Веќе доаѓаат помалку гости“

Пунг Мин Хоанг седи зад касата во својата мала азиска продавница во близина на главната железничка станица и игра на мобилниот телефон. Во моментот нема ниту еден купувач. Последицa на стравот од корона-вирусот? „Би рекол дека вирусот има влијание врз нашата продавница. Доаѓаат сè помалку купувачи. Но, никој досега не кажал ништо за вирусот“, вели Виетнамецот. Од минатата недела има загуби - не особено големи, но забележителни.

Пунг Минг Хоанг, сопственик на мала азиска продавница во БонФотографија: DW/M. Müller

Контактот помеѓу вработените и клиентите во салоните за нокти е секогаш многу близок. Во едно студио за нокти во центарот на Бон човек со азиски изглед ги разубавува ноктите на една клиентка. Тој не сака да каже ништо пред микрофонот, ниту сака да го каже своето име. Неофицијално вели дека вообичаено би требало да бидат резервирани сите термини. Но, во моментов многу од нив се празни. Тој не знае зошто. Корона-вирусот? Можеби. Тој меѓутоа не знае дефинитивно.

Во второто студио за нокти, наспроти тоа, сите тројца вработени Азијци беа зафатени со разубавување на нокти. Нема пад на посетеноста. И поголемиот број од азиските ресторани и продавници кои ги посетивме рекоа дека сè е како порано. Жанг Баосијанг, сопственик на азиски супермаркет, ни одговори на прашањето дали доаѓаат помалку купувачи: „Не, сè е нормално во Германија. Кинези, Германци - сè нормално. Нема разлика.“

По Азијците - спреј за дезинфекција?

Хуанг Фу Жанг слично гледа на тоа. Тој е  директор на „Ocean Paradise", кинески ресторан на брод во кинески стил на брегот на Рајна во Бон. Кинезот, кој доаѓа од близината на Шангај, вели дека нема помалку гости од претходно. Па сè е нормално? Речиси. „Синоќа, на пример, некој се јави на шега. Тие сакаа да дојдат да јадат, но не сакаат вирус. Тоа навистина ме изнервира малку.“ Тој смета дека тоа не е смешно.

Хуанг Фу Жанг, директор на кинески ресторан на брод во БонФотографија: DW/M. Müller

Сите Азијци што ги интервјуиравме во Бон одговорија со „не“ на прашањето дали доживеале лична дискриминација по избувнувањето на вирусот. Добро, речиси сите. Жена вработена во азиски ресторан за брза храна ни рече дека на нејзините азиски пријатели им се случило во аптека откако платиле, касиерката да го испрска пултот кај касата со спреј за дезинфекција.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми