Самитот во Порто има за цел да ги зајакне социјалните права во ЕУ, да ги намали нееднаквостите и да помогне во надминување на последиците од пандемијата. Но, земјите членки не се согласуваат околу целите и надлежностите.
Реклама
За првпат по повеќемесечниот локдаун, шефовите на држави или на влади на земјите од ЕУ повторно физички се среќаваат. Португалскиот премиер Антонио да Коста ги покани на самит во Порто на разговори за една социјалдемократска тема која му лежи на срце: Обврзувачките цели за повеќе социјални права во Европа. Но, сите земји членки на ЕУ не сакаат таква заедничка политика, и пред почетокот на самитот сè уште се работеше на постигнување компромиси, а освен тоа неколку лидери недостасуваат во португалскиот пристанишен град. Германската канцеларка Ангела Меркел и холандскиот премиер Марк Руте ја пропуштија можноста лично да разговараат со своите европски колеги за социјалната политика и за други актуелни проблеми, како што се лиценците за ковид-вакцините.
Од Гетеборг не се случи многу
Социјалната политика беше откриена како европска тема пред три и пол години во Гетеборг, Шведска. Тогаш беше постигната согласност за таканаречен „социјален столб“ на ЕУ и беше дадено ветување за Акциски план. Но, на него долго се чекаше. Дури на почеток на пролетта годинава, Европската комисија ги презентираше своите предлози во Брисел. Тие, меѓу другото, вклучуваат европска минимална плата, планови за надминување на невработеноста кај младите, детската сиромаштија и нееднаквоста во платите меѓу мажите и жените.
Во повик на социјалдемократите во Европскиот парламент, презентирана е листа на намери: „Ние сакаме цели со заби, за социјалните права да станат реалност за сите Европејци. Бараме обврзувачки цели за да ги намалиме нееднаквостите во нашите општества. Тие мора да бидат законски спроведливи и земјите членки на ЕУ мора да бидат под надзор при нивното спроведување“, се вели во повикот.
Меѓутоа, малку веројатно е дека на португалските домаќини ќе им успее таков скок напред. Ова се должи и на слабоста на социјалдемократијата во Европа: Антонио да Кошта е еден од ретките нејзини неприкосновени шефови на влади. Неговиот шпански колега Пабло Санчез претрпе сериозен пораз на регионалните избори во Мадрид. Во Финска, на коалициската влада ѝ се заканува распаѓање, а во Бугарија Социјалистичката партија не може да освои владино мнозинство. И резултатите од анкетите за Социјалдемократската партија во Германија се разочарувачки. Зад големите социјално-политички барања за надминување на нееднаквоста во Европа, речиси и да не стои реална политичка моќ.
Европската комисија, од друга страна, се надева на „силни заложби за фер и инклузивно закрепнување (од пандемијата) и јасно ветување за спроведување на социјалните права“. Во исто време, сепак, се признава дека не треба да има рокови за спроведување на соодветните национални цели во земјите членки. Социјалните планови потоа и натаму ќе останат необврзувачки.
Нерамномерна распределба - животниот стандард во ЕУ
Разликите во животниот стандард во државите-членки на ЕУ се екстремни. Но, во зависност од начинот на кој се мери благосостојбата, постојат изненадувања, сиромашните земји немаат секогаш сиромашни граѓани и обратно.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Kalker
Бугарија: Ниски социјални давачки, ниски плати
Бугарија се смета за најсиромашна членка на ЕУ и истовремено водечка во раширеноста на корупцијата. Според податоците на Германското друштво за надворешна трговија и инвестиции (Germany Trade and Invest), просечното бруто примање во 2018 година било 580 евра месечно. По приемот на Бугарија во ЕУ, многу млади луѓе и завртија грб на земјата, голем дел од нив со факултетско образование.
Фотографија: BGNES
Романија: Претпоследно место во ЕУ-економското рангирање
Идилата лаже: живописните историски центри во градовите, како овој во Брашов, се реставрирани со многу љубов. Но, со просечниот бруто домашен производ од 11.440 евра по глава на жител годишно (2019) земјата е само малку подобра од Бугарија. Податоците на Европската комисија велат дека просечната бруто плата во Романија лани била околу 1050 евра, додека во Германија- 3994 евра.
Земјата беше на пат да се опорави од последиците на должничката криза, за што посебно последните години придонесе туризмот. Но, поради корона-кризата, земјата повторно е под притисок и зависна од помошта од ЕУ. Во споредба со Германија, таа се смета за сиромашна, иако просечниот бруто домашен производ по жител од 17.500 евра годишно е двојно поголем отколку во Бугарија.
Фотографија: picture-alliance/dpa/VisualEyze
Франција- земја на сопственици на куќи
Ако се суди според просечниот имот на Французите, тие се многу побогати од Германците. Со нето финансиски капитал од 26.500 евра (2018) по жител, Французите според информациите на осигурителната компанија Алијанц располагаат со 10.000 евра повеќе. Една од причините е што мал дел од Германците имаат сопствени недвижности. За разлика од нив, во Франција многу луѓе имаат стан и викендичка.
Фотографија: picture alliance/prisma/K. Katja
Италија - развојот стагнира, нема реформи, долговите се високи
Италија беше посебно тешко погодена од пандемијата на коронавирус. Сликите од Бергамо, епицентарот на заразата, го обиколија светот. По две децении економска стагнација, Италија е една од земјите која најмногу се надева на распределбата на корона-помошта од ЕУ. Со бруто домашен производ од 29.610 евра по глава на жител (2018), Италија се наоѓа нешто под просекот на ЕУ.
Фотографија: AFP/P. Cruciatti
Шпанија во страв од втор бран на коронавирус
По силниот пораст на бројот на нови инфекции со коронавирус, властите во Каталонија во јули повторно воведоа рестрикции и ограничување на движењето. Земјата е во висок степен зависна од туризам, тој изнесува преку 15% од БДП. Со бруто домашен приход од 26.440 евра по жител, Шпанија се наоѓа под просекот на ЕУ од 31.000 евра.
Фотографија: Reuters/N. Doce
Шведска - висок стандард, високи даноци, без корона-ограничувања
Шведска се обиде да помине низ корона кризата без да воведе рестрикции и обврска за носење заштитна маска. Цената беше висока, бројот на жртви е релативно голем. Со БДП од 41.180 евра по жител, Шведска според Евростат во 2018 година била на петто место зад Луксембург, Ирска, Данска и Холандија. И покрај високите даноци, Швеѓаните со финансиски капитал од 27. 511 евра по глава се пред Французите.
Фотографија: imago images/TT/J. Nilsson
Холандија - високо економско постигање, богати граѓани
Холандија припаѓа на т.н. „штедлива четворка“, група земји која одбива трансфер на финансиски средства во висина од повеќе милијарди евра без реформски предуслови на земји погодени од корона-кризата како Италија. Со бруто домашен производ од 46.800 евра по жител (2019), Холанѓаните се во врвот во ЕУ, тие предничат и при нето финансискиот капитал со преку 60.000 евра по глава (2018).
Фотографија: picture-alliance/robertharding/F. Hall
Германија: Богата држава со не толку богати граѓани
Досега Германија успешно се носеше со пандемијата. Но, економските трошоци се гигантски, извозот доживеа пад, бројни фирми се борат против банкрот. Како водечка економија во ЕУ, земјата има бруто просечен домашен производ од 41.340 евра по жител (2019). Меѓутоа, Германците во 2018 година просечно располагале со нето финансиски капитал од само 18.000 евра, додека во Италија тој е двојно поголем.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene
9 фотографии1 | 9
Критика однадвор и одвнатре
Точно за самитот во Порто, едно од најголемите европски здруженија на работодавачи го критикуваше предлогот за минималната плата во цела ЕУ: Потребни се динамични и прилагодливи пазари на труд, социјалното осигурување за договори со скратено работно време и на определено време е сосема задоволувачко, а згора на тоа на предлозите од Брисел им недостасува правна основа. Европската комисија не е надлежна за регулирање на пазарот на трудот во ЕУ, се вели во соопштението на „Цемет“.
Политичкото предупредување упатено од единаесет земји членки на ЕУ, кое е насочено против Еврокомисијата и другите борци за социјални права, пак, однапред укажува на длабоките несогласувања: „Секоја акција на ниво на ЕУ мора да ја почитува поделбата на надлежностите во Унијата, нејзините држави членки и социјалните партнери“, се вели во заедничкото соопштение, потпишано од таканаречената „Штедлива четворка“- Холандија, Австрија, Данска и Шведска - но и од балтичките земји, како и Финска, Ирска и Бугарија.
Тие јасно укажуваат дека не сакаат да пренесат повеќе надлежности на ЕУ и да потсетат на „различните национални услови, принципите на супсидијарност и пропорционалност“. Европратеничката од редовите на германската СПД, Габи Бишоф, признава дека ниту во земјите од Вишеградската група ниту во скандинавските земји нема ентузијазам за воведување на минимални плати против сиромаштијата. Дебатата на оваа тема ќе биде најконтроверзна на социјалниот самит во Порто. Патем, Бишоф смета дека е лош сигнал тоа што Ангела Меркел го откажа учеството на состанокот.
Франција - ученик за пример
Францускиот претседател Емануел Макрон, пак, ќе го искористи самитот во Порто како сцена за да ги претстави своите идеи и барања за економско закрепнување во ЕУ по завршувањето на пандемијата. Тој во Порто планира да учествува на различни средби со социјалните партнери и со претставниците на граѓанското општество - француската социјална политика е поттикната од силните синдикати и протестни движења. Париз е заинтересиран за европските прописи, како што е најновата регулатива за деташирани работници, врз која тој влијаеше во негова полза. И кога станува збор за минималната плата, Франција е ученик за пример: таа е воведена одамна и е висока во споредба минималната плата во другите земји од ЕУ. Француските дипломати го фалат европскиот социјален модел, кој е спротивен на оној во Кина или во САД, ветувајќи дека ќе се спроведе кампања за еднакви плати за жените и го цитираат „одговорниот капитализам“.
Пред почетокот на средбата во Порто и натаму се отворени прашањата - како ќе можат да се надминат разликите помеѓу бројните различните ставови за надлежноста на ЕУ за социјалната политика и дали притоа може да произлезе нешто повеќе од само необврзувачки декларации за намери и самит на убави зборови.
Покрај тоа, на маргините на самитот треба да се разговара и за актуелни теми, како што е укинувањето на лиценците за вакцините против коронавирусот, кое е иницирано од САД. Ќе се случи пресврт ако сега ЕУ се приклучи на владата на Бајден, бидејќи таа досега беше една од кочничарите на ваквиот предлог во Светската трговска организација.
Поглед кон многуте лица на Европа
„Тука е Европа. Како изгледа? Како шарено исфарбана лудница“, се потсмеваше поетот Курт Тухолски во 1932 година. Што е оттогаш променето? Лицата на Европа покажуваат: борбата за единство се исплати!
Фотографија: Getty Images/S. Gallup
Европа: Повеќе од Меркел
Германската канцеларка Ангела Меркел на многу ноќни заседанија во Брисел или други места ги смируваше раскараните влади и ги воведуваше во еден колосек. Или можеби во нејзиниот колосек? Нејзините критичари во ЕУ се жалат на доминација на Меркел, некои велат дека таа е шефица на Европа. Тоа, се разбира, е погрешно - формално погледнато.
Фотографија: Reuters/Y. Herman
Новата Европа: Макрон се бори за реформи
Кога француските војници се постројуваат пред Триумфалната капија, тогаш атмосферата е полна со патос, но и национализам. Европа? Тоа беше идејата за надминување на националистичките тенденции и непријателства. За францускиот претседател Емануел Макрон гордоста на неговата „гранде“ нација и вербата во една нова Европа не се спротивности. Макрон се бори за реформи.
Фотографија: picture-alliance/abaca/C. Liewig
Грета Тунберг не е сама
Девојчето со плетенки (во средина на сликата) во моментов е највозбудливото лице на Европа. 16-годишната Грета Тунберг од Шведска со „Училишниот штрајк за климата“ иницираше глобално движење. Во многу земји учениците во петоците не одат на настава, туку излегуваат на протести од кои ги повикуваат политичарите на акција за заштита на климата.
Фотографија: Imago/IP3press/V. Isore
Жената со име Кончита. Жена?
Австриската пејачка Кончита Вурст е сликана по нејзиниот голем успех - победата на Евросонг 2014 година во Копенхаген. Пејачка? Самонаречената „Dragqueen“ е уметникот Том Нојвирт, кој денес впрочем изгледа сосема поинаку отколку на оваа фотографија. Успехот на Кончита го славеа не само фановите на поп-музиката, туку и многумина кои се залагаат за отворена Европа.
Фотографија: Getty Images/R. Singsaas
„Не ве сакаме“
И ова се лица на Европа: демонстрации на ултрадесничари во Брисел против странците кои во Европа доаѓаат како бегалци. Повод за безредијата во декември 2018 година беше Миграцискиот пакт, кој европските политичари претходно го склучија во Маракеш.
Фотографија: Reuters/F. Lenoir
„We never go out of style“: Мода во Милано
Европа е шик - особено во Милано, за време на Неделата на модата. И, види: Европа е и разнолика. Овде, на пример, на пистата има манекени од различни земји, во класични модели на германската дизајнерка Џил Сандер. Кога дизајнерката од Хамбург креира, Европа се облекува со многу стил!
Фотографија: picture alliance/Photoshot
Волјата на народот. Но која волја?
Поглед одозгора врз пленарната сала на Европскиот парламент во Стразбур: Кога се сите присутни, во клупите седат 751 жени и мажи, избрани за период од 5 години од страна на граѓаните од - сѐ уште - 28 земји членки. Европратениците по изборите треба да ја застапуваат волјата на граѓаните. Но, со оглед на разликите во ЕУ, се поставува прашањето: Која волја?
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Seeger
Виктор Орбан: Поглед на Европа од десно
Кога картата на ЕУ ќе се погледне одозгора, Унгарија се наоѓа десно од Брисел. Прилично подесно. Тоа што таму владее Виктор Орбан, еден националистички настроен политичар, за врвот на ЕУ во Брисел е мачно. Орбан, на свој начин, е успешен десен популист, што не секаде во Европа се прифаќа со радост.
Фотографија: Reuters/B. Szabo
Гордоста на Французите: "Allez les bleus!"
Француската фудбалска репрезентација на тренинг. Во 2018 година „сините“ станаа светски прваци, а насмеаниот Килијан Мбапе (во средина) на последниот натпревар против Хрватска го постигна решавачкиот гол за резултат 4:20. Мбапе е Французин, мајка му е од Алжир, татко му од Камерун. Мултикултурност - за многу луѓе во Франција тоа е нешто што се подразбира само по себе.
Фотографија: Imago/PanoramiC/A. Bibard
Европа старее
До 2025 година речиси 30% од европските граѓани ќе бидат постари од 60 години. Во оваа пешачка зона во Италија тоа веќе може да се препознае. Што значи демографската промена? И дали ЕУ ги нема сите причини за на луѓето од странство да им посака добредојде? Само за пример - во Гана само 4% од населението е постаро од 65 години.
Фотографија: picture alliance/AP Images/L. Bruno
Муслимани во Бугарија
Човек на молитва во Бугарија. Православна Бугарија, која се граничи со Турција и со регион на повеќе исламски земји, има голем број граѓани со исламска вероисповед. Секој седми жител е муслиман. Многумина на тоа гледаат како на закана наместо како на богатство.
Фотографија: BGNES
Федерика Могерини и погледот кон светот
Како „Висока претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика“ италијанската политичарка Федерика Могерини е надлежна за меѓународни прашања. Во ЕУ постојано се слуша барање за заедничка надворешна политика. Но досега нема „министер/ка за надворешни работи“ на ЕУ.
Фотографија: Reuters
Патување опасно по живот
Чамец со бегалци од Сирија и Ирак пред грчкиот остров Лезбос. Сѐ уште многу луѓе го ставаат својот живот на коцка и тргнуваат на опасно патување кон Европа. Криумчарите на луѓе со тоа заработуваат огромни суми пари. Според проценки на хуманитарните организации, во 2018 година во Средоземното Море се удавиле повеќе од 2.000 бегалци.
И во некои земји членки на ЕУ има млади луѓе кои и покрај доброто образование и квалификации попусто бараат работа. Овде, на пример, млади стојат пред огласната табла на Агенцијата за работа во Ваљадолид, Шпанија. Во оваа јужноевропска земја стапката на невработени млади, според Евростат, изнесува речиси 38%. За споредба: во Германија таа е само 6,6%.