Екологистите наспроти индустријата: Борба за шумата Хамбах
ЕМФ /агенции
14 септември 2018
Полицијата го расчистува протестниот камп на активистите за заштита на животната средина во шумата Хамбах. Борбата е огорчена.
Реклама
Акцијата на полицијата за расчистување на протестниот камп во шумата Хамбах, кој постои веќе шест години, почна вчера. Притоа, дел од активистите беа со примена на сила симнувани од нивните куќи на дрвја. Дојде и до судири меѓу активистите и полицијата. Во текот на ноќта, како што се вели, било мирно. Полицијата за време на ноќта ги обезбедила деловите од шумата кои се веќе расчистени, односно испразнети од екологисти.
Енергетскиот концерн РВЕ има намера есенва да исече големи делови од шумата, за да стигне до лигнит. Пред почетокот на експлоатацијата на јаглен шумата имаше 4100 хектари. Досега се веќе исечени дрвјата на површина од 3900 хектари. Активистите се обидуваат грчевито да ги спасат преостанатите неколку проценти од шумата.
Министерот за внатрешни работи на покраината Северна Рајна Вестфалија, Херберт Ројл, застана во обрана на акцијата на полицијата за расчистување на протестниот камп. „Таму има луѓе кои граделе на туѓ имот на црно, не почитувале градежни прописи, и одозгора уште и се спротивставуваат, се однесуваат криминално, напаѓаат полицајци, значи прават кривични дела, а ние не треба да интервенираме?“, праша Ројл изутринава во изјава за радиото Дојчландфунк. Тој потенцираше дека нема овластување да носи одлука за експлоатацијата на јаглен, туку за спроведување на законите на правната држава. Инаку, како причина за интервенирањето на полицијата не е наведена планираната експлоатација на јаглен, туку непочитување на прописите за заштита од пожар во куќите на дрвја.
За суштината на проблемот околу шумата Хамбах, повеќе во нашата галерија:
Шумата Хамбах: Полицијата го растура протестниот камп
Шумата Хамбах стана симбол на отпорот против уништувањето на животната средина од страна на индустријата со јаглен. Полицијата на 13 септември почна со расчистување на протестниот камп.
Се чекаше долго, а интервенцијата стартуваше на 13 септември: полицијата почна да ги урива куќите на дрвја во шумата Хамбах. Заштитниците на животната средина, кои долго живееја во шумата, беа оддалечени од куќите делумно и на груб начин. Повеќето од демонстрантите останаа мирни. Расчистувањето на протестниот камп се образлага со прекршување на прописите за заштита од пожар.
Веќе шест години 100 до 200 млади луѓе живеат во она што е останато од шумата Хамбах. Никнаа вистински мали селца со куќи на дрвја. Активистите за заштита на климата со својот протест сакаат да спречат сеча на шумата. На првиот ден од акцијата на полицијата тие во судот веќе поднесоа повеќе итни жалби против расчистувањето на кампот.
Фотографија: DW/G. Rueter
Помош одозгора
Само еден ден пред полициската интервенција во шумата се одржа богослужба. Опен-ер богослужбата ја држеше Мартје Мехелс, како дел од екуменскиот пат на аџилакот за климатска праведност, кој учесниците сакаат да го изодат до Конференцијата за климата на ОН, COP24, во Катовице.
Фотографија: DW/G. Rueters
Индустријата со јаглен контра заштитата на климата
Во средиштето на проблемот е крајната граница до која индустријата може да оди во процесот на експлоатација на јаглен. Енергетскиот концерн РВЕ сака да го исече и последното парче од шумата. 90 проценти од големата шума се веќе уништени со цел да се стигне до лигнит. Судот во Минстер до октомври мора да донесе одлука дали целосна сеча на шумата е легална или не.
Фотографија: Michael Goergens
Апел да се спречи целосна сеча
Август 2018: најмладиот жител во протестниот камп во шумата нема ниту една година. Намерата на РВЕ за целосна сеча на шумата ги разбесни и мобилизираше противниците на јагленот. Активисти за заштита на животната средина, граѓани од блиските села, еко-здруженија и политичари од РВЕ бараат воздржаност до крајот на 2018. Дотогаш владина комисија треба да поднесе план за напуштање на термоенергијата.
Фотографија: DW/G. Rueter
Колку протестот е милитантен?
Полицијата во текот на изминатите недели известуваше дека од страна на маскирани лица е гаѓана со камења и со чатали. Сепак, најголемиот дел од жителите на шумата се мирни - како овие две млади активистки со противпожарен апарат в раце.