1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економистите го предвидоа европскиот првак

Ј. Бендер (дпа)/ АЈГ/ ЕМФ8 јуни 2016

Нивен свет се бројките и статистиките. Но, можат ли економските стручњаци со своите методи да ги предвидат и резултатите на претстојното ЕП во фудбал? Тие веруваат дека можат - со одредени ограничувања...

Фотографија: picture-alliance/dpa/EPA/G. Hensel

Фудбалот и економијата имаат повеќе заедничко отколку што се чини на прв поглед. Економските стручњаци на германската кредитна институција Декабанк се обидоа со своите вообичаени макроекономски методи да ги пресметаат шансите за победа на 24. национални репрезентации кои учествуваат на овогодинешното Европско фудбалско првенство во Франција.

При пресметувањето на веројатноста на победата или поразот на одделна репрезентација се користени модели кои инаку се користат за економски прогнози. Како што се наведува во студијата на Декабанк, врз основа на резултатите од досегашните првенства, стручњаците симулирале десет милиони можни варијанти на текот на европското првенство и ги обработиле така добиените податоци.

„На крајот победуваат - Германците“

Но, било да се работи за прогнози на спортските стручњаци или компликувани пресметки на економистите, како што своевремено изјави некогашниот англиски репрезентативец Гари Линекер, „22 мажи трчаат 90 минути по топката и на крајот победуваат - Германците“. Или, како што пишува во анализата на Декабанк: „Германија во финалето ќе ја победи Шпанија и ќе стане првак на Европа.“ Како веројатност на таквиот исход на ЕП се наведуваат 27,17846 проценти.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J.F. Frey

Наспроти таквите, повеќе или помалку прецизни, предвидувања, аналитичарите на една друга германска банка, Бернеберг Банк, се сигурни дека првенството ќе биде возбудливо и тоа благодарение на случајност. „Границата меѓу среќата и несреќата е тенка. Можни се промашени голови, погрешни судски одлуки и повреди на важни играчи“, оценија економистите на таа банка во својата студија која пред почетокот на Светското првенство во фудбал во 2014-та година ја изработија заедно со колегите од Хамбуршкиот институт за светска економија.

„Пари, единство и случајност“

Аналитичарот на Беренберг Банк, Јерн Квицау, истакнува: „Најдобри прогнози даваат уплатите во кладилниците. Според нив, европски првак ќе стане или актуелниот светски првак Германија или домаќинот Франција. Но, голема улога во фудбалот игра и случајноста: во просек на секој втор натпревар победува тимот кој не бил фаворит.“ Квицау уште од 1998 година ги анализира предвидувањата на кладилниците за германската фудбалска Бундеслига, шпанската Примера Дивизион и англиската Премиер Лига. Неговиот заклучок: „Три главни фактори на успехот во фудбалот се: финансиските можности, единството на тимот и случајноста.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми