1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економијата во ЈИЕ „трча маратон низ угорнина со ветар в гради“

АТ/ ФАЦ/ НОЦ/ Велт29 јули 2014

„Населението старее, луѓето се отселуваат: Србија како и многу земји во Југоисточна Европа се бори со економска мизерија“, се вели во текстот под наслов „Напуштени предели во Србија“ во весникот „ФАЦ“.

Фотографија: Fotolia

„Сто години по избивањето на Првата светска војна светот повторно гледа кон Србија. Земјата со променлива историја повторно не е во добра состојба“, пишува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и продолжува:

„Со безболни методи одамна не може да се реши буџетскиот дефицит на Србија (во 2014 година се очекува да биде малку повисок од 8 проценти) и невработеноста од грчки димензии (речиси 25 проценти). Дали Вучиќ навистина е само измамник, кој не е способен или не сака да ги спроведе неговите најави за реформи, или дали може да стане голем реформатор на српската политика ќе се покаже најдоцна на почетокот на 2015 година. Тогаш би морало да се активираат законите за реформите, кои ги вети пред и по неговата голема изборна победа на парламентарните избори и кои делумно веќе се усвоени. На премиерот на Србија во секој случај не е да му се завидува. Задачата пред која стои и пред која во наредните години ќе стои секој политичар, кој мора да владее со Србија, е иста како да се трча маратон низ угорнина со ветар в гради.

Имено реформите на Србија се спроведуваат при драматичнен демографски развој. Населението на државата од моменталните најмногу 7,3 милиони жители старее и се намалува како она во западните индустриски општества, но поинаку отколку на пример Германија, Србија не привлекува квалификувани доселеници, напротив - стручњаците се отселуваат. Во вакви околности да се санираат државните финансии и да се заживее стопанаството во земјата кандидат за членство во ЕУ е речиси невозможно.

Развојот е сличен во речиси сите балкански држави, Србија е пример за мнозинството земји во Југоисточна Европа. Во главните градови тоа лесно може да се превиди, оти тие сѐ уште растат со доселувањето од внатрешноста. Но, кој на Балканот патува низ провинцијата, неретко налетува на предели кои изумираат. Пари, за со скапи програми да се противречи, државите на Балканот немаат“, пишува „Франкфуртер алгеманје цајтунг“.

Германскиот печат денеска пишува и за пресудата за поранешниот руски нафтен концерн „Јукос“.

Весникот „Ноје оснабрикер цајтунг“ појаснува:

„На Кремљ му успеа да го уништи нафтениот концерн на Ходорковски 'Јукос' и неговите најважни составни делови да ги припои со руското државно стопанство. Тој во зародиш ја задуши политичката карира на човекот, го држеше десет години под клуч и потоа направи да биде невозможен животот за него во Русија. Да, Путин го победи Ходорковски и со него постави пример за другите олигарси. Но, оваа победа е скапа. Барањето за преку 50 милијарди долари обесштетување би требало да го импресионира дури и претседателот на Руската федерација“.

Весникот „Велт“ пресудата ја гледа во контекст на кризата во Украина:

„Во личноста на Путин за време на процесот против поранешниот шеф на 'Јукос' Ходорковски може да се препознае Путин од кризата во Украина: човек на врвот на апаратот на власта, кој исто толку малку полага во важечките закони, колку во протестите на Западот. Заклучокот од ова е едноставен. Дури и ако највисоките судови во светот експропријацијата на 'Јукос' ја прогласат за противзаконска и бараат обесштетување на сите акционери, Путин би ги следел само сопствените правила. Западот може уште толку гласно да беснее против руската сурогат војна во Украина. Тој нема да го уплаши шефот на Кремљ. Дали санкциите под вакви околности ќе дојдат до израз, може само да се надеваме“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми