Спроти предвремените избори во Грција, економијата продолжува да биде во фокусот на јавната расправа. Впрочем 40% од младите до 24 години во земјата немаат работа а болните последици од кризата и натаму се чувствуваат.
Реклама
Во Грција се навестува промена на власта. Според анкетите на утрешните избори ( 7.7.) 40 проценти ќе гласаат за конзервативната Неа Демократија. И покрај економскиот раст и социјалните реформи (за прв пат има социјална помош од 200 евра) многу Грци се разочарани од премиерот Алексис Ципрас и неговата левичарско-либерална Сириза. По години на строг курс на штедење ситуацијата за многумина и натаму е деликатна. Нема ни трагa од најавеното намалување на бирократијата, на прсти се бројат поголемите инвестиции од странство, а даночните оптоварувања ја погодуваат пред се средната класа.
Расположението на пазарот во Атина во пресрет на изборите е очајно. Многумина се чувствуваат предадени од владата под водство на Алексис Ципрас. И покрај подобрувања во области како социјална сигурност, средната класа и натаму се чувствува запоставена. „Политичарите до сега си се грижат само за своите финансиски интереси.", вели една продавачка на пазарот. Нејзиниот муштерија предупредува: „Нешто мора брзо да се случи! Инвестиции, компаниите мора да растат за да создаваат работни места." Сличен став има и друга купувачка на пазарот: „Во Грција уште во средно школо се чувствува разочарување и евидентно е дека сакаат да си заминат од земјата. Мора да се смени расположението.”
Грција со години се мачеше со огромниот долг. Од референдумите за ЕУ и пакетот помош од ММФ до подемот на крајната левица - ДВ прави пресек на клучните моменти од кризата и начинот на кој Атина излегува од неа
Фотографија: picture-alliance/AP/P. Giannakouris
Почеток на кризата
Како последица на светската економска криза, тогашниот грчки премиер Јоргос Папандреу во 2009 откри дека буџетскиот дефицит надминал 12 проценти, двојно повеќе од проектираното. Подоцна достигна и 15 проценти, далеку над границата на ЕУ од 3 проценти. Откритието ги поттикна рејтинг агенциите да го спуштат статусот на Грција, поради што Атина имаше проблем да се задолжува.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Messinis
Нереди поради мерките за штедење
Во обид да ѝ помогнат на Атина, ЕУ и ММФ се согласија да ја спасат Грција во 2010. Програмата предвидуваше мерки за штедење за кратење на буџетскиот дефицит, чекор кој многу Грци не го прифаќаа. Започнаа протести и демонстрации низ целата земја кои често завршуваа со судири со полицијата. Масовните протести кои започнаа во 2011 траеја со години.
Фотографија: picture alliance/AP/E. Morenatti
Подемот на периферните партии
Гневни поради растечката невработеност и сиромаштија, мнозинството Грци во 2012 година гласаа за периферни партии кои се спротивставуваа на штедењето и мерките за помош. Откако првите избори не донесоа јасен победник, се одржаа уште едни. На нив победи конзервативната Нова демократија. Партијата ја прифати програмата за штедење.
Во 2015, Грците ѝ дадоа на левичарската Сириза мандат да формира влада на вонредни избори, по што Атина влезе во судир со Брисел. Во јуни, премиерот Ципрас најави референдум за програмата на ЕУ. На 30 јуни, Грција стана првата развиена економија во светот која не успеа да плати долг кон ММФ. Атина наметна контроли за да го спречи бегството на капитал од земјата.
Фотографија: picture-alliance/AP/D. Ochoa de Olza
Пресвртна точка
Референдумот заврши со отфрлање на условите на ЕУ, откако 61 отсто од граѓаните гласаа против новата програма за спас. Но, тоа не ја спречи владата на Ципрас да ги прифати условите на Брисел, поради што оставка поднесе министерот за финансии Јанис Варуфакис. Тоа ѝ овозможи на Грција да избегне излегување од еврозоната и да добие помош во износ од 86 милијарди евра.
Како дел од програмата за спас од 2015, Грција усвои економски реформи кои вклучуваа намалување на јавната потрошувачка и приватизација на државните фирми. Две години подоцна, ММФ побара од Брисел да ги олесни условите и да усвои отпишување на долговите. За Грција да ги исполни условите, Ципрас се согласи да ги прошири даночните и пензиските реформи.
Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK/P. Svancara
Крај на една ера?
Во август 2018, Грција официјално ја напушти програмата за штедење, а претставници на ЕУ тоа го нарекоа „почеток на ново поглавје“. Комесарот Пјер Московиси изјави дека Грците „можеби не чувствуваат подобрување“, но ЕУ ќе продолжи „да работи со вас и за вас“. Но, со високата невработеност и огромната сиромаштија, многумина се сомневаат дека ова е навистина крајот на кризата.
Фотографија: picture-alliance/AP/P. Giannakouris
7 фотографии1 | 7
Инвеститорите се согласуваат. Организацијата Ендејвор Грција поддржува компании преку својата глобална мрежа. Грчката економија полека се опоравува во изминатите две години, но и натаму нема подготвеност за ризик и клима поволна за инвеститори.
„Мора да ги поттикнеме бизнисите да преземаат повеќе ризици, да бараат предизвици и да растат и за тоа треба да им ја дадеме сета можна поддршка за да ангажираат поголем број луѓе, да излегуваат на странски пазари и да почнат повеќе да извезуваат“, истакнува Панајотис Карампинис, директор на Ендејвор Грција
Во едно предградие на Атина компанијата Кокомат произведува велосипеди со дрвен рам. Компанијата првично произведувала душеци. Но, основачот Ефморфидис постојано го шири фокусот на своите бизниси и покрај бирократските пречки. Од следната влада бара повеќе слобода и компании и помалку бирократија.
„Треба да ги остават луѓето да произведуваат што сакаат. Владата треба да служи да ги направи луѓето позадоволни, не побогати. Се збогатуваме со нашиот труд, не преку владата“, порачува Паул Ефморфидес, основач на Коко-Мат
Јасно е дека кој и да ги добие изборите ќе мора доста да се помачи за да го смени расположението во земјата и компаниите