Економија и малку човекови права
18 јули 2011
Иако рускиот претседател Дмитри Медведев стигна на власт како политички син на премиерот Владимир Путин, германската канцеларка Ангела Меркел го смета за подобар партнер за разговор. Заложбите на Медведев за поголема демократија и правна држава во Берлин беа дочекани со одушевување, а годинешните владини консултации на двете земји се одржуваат во потопла атмосфера, иако немаат содржински промени. Меѓу Медведев и Меркел постои хемија.
Економските теми во преден план
Во Берлин и Москва во последно време постоеше фиксирање на внатрешнополитичките прашања, смета професор Ханс-Хенинг Шредер од Фондацијата за наука и политика, поради што на самитот во Хановер ќе доминираат економски теми. Меѓусебната трговија цвета, во Русија се активни околу шест илјади германски претпријатија. Германскиот извоз во првиот квартал годинава порасна на 7,4 милијарди евра, што е зголемување од 42 проценти. Увозот од Русија во Германија пак, достигна нов рекорд - 9,5 милијарди евра.
Во Хановер се присутни повеќе топ-менаџери. Во Русија, на пример, Фолксваген продаде околу 45 илјади автомобили во првата половина од оваа година. Мартин Винтеркорн, првиот човек на Фолксваген, смета дека на рускиот пазар за концернот постојат уште шанси, во иднина ќе се произведуваат до 110 илјади автомобили во фабрика на рускиот производител ГАЗ, зашто побарувачката на Русите по германскиот квалитет не може да се задоволи со постојниот германски погон во Калуга.
Русија добива на значење со енергијата
Значењето на Русија како лиферант на енергија добива на значење со германскиот пресврт во изворите, смета пак политичарот на ЦДУ, Филип Мисфелдер. Но, на Кремљ мора да му биде јасно дека партнерството треба да биде од обостран интерес. Рускиот концерн Газпром ја користи можноста за експанзија во Германија, со германскиот концерн РВЕ се договорија за стратешко партнерство. Тие планираат заедничка изградба на централи на погон на јаглен и гас.
Меркел во Хановер сака да даде поттик и за соработката во областа на правото. Но, еуфоријата по првичните најави на Медведев за поголема демократија, одамна спласнаа. Се‘ уште не постои вистинско партнерство во областа на човековите права, слободата на медиумите, плурализмот, смета експертот од Партијата на либералите Михаел Линк. Екс-шефот на Јукос, Михаил Ходорковски, останува во затвор и во време на претседателствувањето на Медведев. Најголемиот број убиства на новинари и борци за човекови права во Русија остана неразјаснет до денес. Слободата на медиумите е мислена именка.
Вербалните определби на Медведев за многу прашања не се реализирани на дело, вели Михаел Линк за Дојче веле. Тоа го знае и Ангела Меркел. Проблемите на цивилното општество ќе бидат и сега неодминлива тема и на Петерсбуршкиот дијалог, кој се одржува паралелно со германско-руските владини консултации. Меркел и Медведев ќе бидат присутни на завршниот дел од Форумот. Нема да биде заобиколена и дилемата кој ќе биде идниот руски претседател, иако Медведев во Хановер нема да ја разјасни.
Автор: Вјачеслав Јурин/Жана Ацеска
Редактор: Трајче Тосев