1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Економска преродба на Груевски-многу зијан, малку ќар!

Костадин Делимитов
18 октомври 2016

Поранешниот премиер зад себе остава долг цех. Реализацијата на она што вистински се ветуваше е скромна, но цената која ќе ја платат граѓаните е прескапа, предупредуваат упатените.

Euro Münze auf der Straße
Фотографија: Imago/imagebroker

Енормно зголемен долг, двојно побројна администрација, стотици милиони евра фрлени за непродуктивни, бесни и скапи идеи, еден куп започнати, но заглавени проекти... Македонија под Никола Груевски работеше многу, но реално потроши премногу. Во една деценија владите со кои тој раководеше потрошија близу 30 милијарди евра народни пари. Според анализите, доминантно за преживување и социјален мир. Остатокот се подели на разни проекти, сите со предзнакот развој, кои сепак реално однесоа и многу пари за луксуз, реклама, популизам. Билансот според Груевски, кој милува да се фали со реализираните и уште куп нови проекти, ако повторно ја добие довербата да владее, е повеќе од позитивен. Дел од упатените пак предупредуваат дека Македонија веќе предолго е заложник на „евтиниот популизам“ кој веќе испорачува огромен цех на контото на граѓаните:

„Ефектите од проектите на Никола Груевски се очигледни и најдобро илустрирани во висината на долгот кој од 1,56 милијарди евра еве гледаме дека се искачи на околу 5 милијарди евра. А сомнежите се дека тој изнесува уште најмалку 400 милиони евра повеќе, но податоците намерно се кријат од јавноста. Сите овие пари се фрлени во бетонски играчки и стиропор фасади, тоа се неговите проекти кои не носат приходи, туку само скапи задолжувања. Поразително и многу штетно“, предупредува поранешниот гувернер и министер за финансииПетар Гошев.

Дополнителни задолжувања

Колкави се амбициите за трошење, или колку реално ќе чинат проектите и ветувањата на Груевски според Гошев отсликува последната фискална стратегија која се обелодени деновиве:

„До 2019 владата планира да се задолжи со дополнителни 1,7 милијарди евра. А во истиот период треба да се врати долг од скоро една милјарда евра. Со ова тепмо на задолжување, нивото на вкупниот јавен долг во 2019 година ќе достигне 56% од бруто домашниот производ. А внимавајте, кога дојдоа на власт долгот изнесуваше 23%. Јас сметам дека стратегијата е слабо подготвена и формална, колку да имаат некој документ. Но се ќе оди многу повеќе и повисоко, иако сите меѓународни финансиски институции предупредуваат дека плафонот е 50% од БДП. Но што сакате од човек кој секојдневно на лице место го менува буџетот како сака, никој и ништо не почитува. Така што стампедото продолжува и не запира“, предупредува Гошев.

Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Фалби за потрошени народни пари

Дел од упатените реагираат дека Груевски демонстрира преголема самодоверба кога презентира ефекти од она што тој сакал да го сработи. Но молчи за она што вистински го вети а го нема ниту започнато:

„Ме чуди како има смелост и дрскост да тормози за она што го реализирал со народните пари. Се фали со проекти кои се направени а воопшто ги немаше никаде во економските преродби со кои во 2006 ја бараше власта“, предупредува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.

Инфраструктурата е еден од главните промотивни адути на Груевски, а тој воопшто нема реализирано ништо, предупредува тој:

„Каде се големите енергетски проекти како ТЕЦ Неготино, Чебрен и Галиште, сообраќајната инфраструктура. Тоа што тој реди се ситни вложувања кои ќе ги оствареше која било партија на власт. Зошто тоа што реално е во програмите не е ниту почнато? Делницата Демир Капија Смоквица тој предвиде да заврши во 2008, а сега вели во 2017. Каде е гасификацијата, ниту еден километар пруга не е изградено. Ветуваше дека ќе ја преполови администрацијата, ќе го намали дефицитот,  ниту еден буџет не реализира како што треба. Наместо тоа парите ги потроши за ’Скопје 2014’ кој од 80, достигна близу 700 милиони евра“, реагира поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини. 

Клучниот проблем според него е висината на долгот кој допрва ќе ја притиска Македонија:

„За три пати го зголеми долгот и продолжува да се задолжува со каматни стапки повисоки од растот на бруто домашниот производ. Со тоа само не‘ турка подлабоко во должничкиот амбис и уште се надева и бара да остане на власт. Тој ништо не треба да добие, треба само да загуби и поскоро да започне процес на рехабилитација кој за жал ќе биде долг“, предупредува Хајредини.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Странски инвестиции - колкав е реалниот ќар

Еден од клучните адути на Груевски, кој исто така важи за премногу скап се и странските инвестициикои со разни поволности и субвенции се привлекуваат да ги инвестираат своите пари во Македонија. Ефектите од оваа политика се видливи, најмногу во делот на невработеноста која драстично е намалена и извозот кој постојано расте. Сепак, во отсуство на јавност и отчетност на целиот процес, виси во воздух и дилемата колку и реално Македонија има ќар од ваквата политика. Посебно ако се има предвид дека освен цената на трудот, која исто така во добар дел е субвенционирана од страна на државата, сите останати приходи завршуваат на сметките на компаниите кои самите одбираат дали да ги повлечат или реинвестираат во земјата. Дополнителен придонес во намалувањето на невработеноста имаат и низата програми и субвенции за разни категории граѓани, финансиски и временски подржани главно од буџетот. Ваквата политика според упатените има ограничен ефект и ја истоштува државната каса, но и стопанството. Паралелно ја зголемува и дупката во фондот за пензиско и инвалидско осигурување кој веќе одамна е на работ на издржливост. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми